„По скалилата на успехот“ со Џијан Емин: Делото се создава додека не се отсвири последната нота

„По скалилата на успехот“ со Џијан Емин: Делото се создава додека не се отсвири последната нота

Подготвил: Весна Ивановска-Илиевска / vesna.ivanovska@fakulteti.mk

Лектор: Ивана Кузманоска

Нивните лични квалитети им донеле голем професионален успех. Денес тие се членови на менаџерски тимови и ги водат најуспешните компании во земјава. Ова се приказните на нашите успешни луѓе што ќе ги објавуваме во рубриката „По скалилата на успехот“. Факултети.мк и Едукативниот центар на „Пивара Скопје“ преку обуката „Вештини за успех“ ви го покажуваат патот до ѕвездите

Сите периоди од животот имаат влијание врз градењето и составувањето на една личност. Карактерот не може да се смени. Но, ако човек е отворен кон светот и кон нови работи, може да има исполнет живот, вели Џијан Емин, нашиот познат хорнист, клавијатурист, аранжер, диригент, сеопфатен музичар, уметник. Многумина што го познаваат велат дека не постои инструмент што Џијан не може да го совлада. Сепак, тој нема посебен афинитет кон одреден инструмент – драги му се сите што ги користи за да ја создава својата музика. Ова е неговата приказна по скалилата на успехот.

Најголем успех ми е тоа што се радувам на секој нов проект

- Кога ќе помислам на музиката од моето детство, ми текнува на музиката што ја свиреше и пееше татко ми, која беше многу шаренолика, почнувајќи од народна музика од нашите краишта до некои стандарди од она што денес се нарекува светска музика, а најмногу јужноамериканска музика. Секако, неизбежен е делот со музиката за свадби, сунети и слични веселби. Покрај ова, со моите другари од маало свиревме на гитари и слушавме музика од Пинк Флојд, Крафтверк, Лед цепелин... – ја почнува својата приказна Емин.

Татко му е единствениот во неговото семејство што се занимавал професионално со музика. Денес и брат му свири на хорна во Филхармонијата. Емин не заборавил на детството, кога играл фудбал на голчиња, џамлии, понекогаш ластик со сестрите кои му помагале да ја крене хармониката, која била поголема од него. Првите ноти ги учел со татко му, кој секогаш бил подготвен да му ги купи дури и најскапите инструменти.



Уште како средношколец станал дел од Филхармонијата

Бил одличен ученик и првенец на генерација.Основите на музичкото образование ги стекнал во Средното музичко училиште „Илија Николовски-Луј“, а продолжил на Факултетот за музичка уметност во Скопје. По приемниот испит бил прв на листата со најмногу бодови. Но, постојано работел,уште како средношколец свирел по ноќни клубови, свадби, разни групи... Од четврта година средно почнал да работи во Филхармонија. Вели дека тогаш практично почнало неговото вистинско образование. За среќа, професорот имал голема доверба во него и му ја доверил позицијата на прва хорна во оркестарот.


Дефинитивно уживам во диригирањето

- Како и сите други вработени музичари, по пат на аудиција го добив местото прва хорна во Филхармонија. Голема среќа е да се биде дел од голем оркестар и да се изведува музиката напишана од најголемите великани во историјата. Успеав да поминам голем дел од светската музичка литература и тоа е огромно богатство кое денес многу ми помага при процесот на компонирање и оркестрирање - објаснува Емин.

Тоа му помогнало музички побрзо да созрее и да ја осознае убавината на оркестарот уште додека студирал. Дипломирал хорна во 1997 година.
Кој дел од овој период во животот најмногу влијаел врз неговото оформување во тоа што е денес? Емин вели дека секој миг од минатото остава свој печат.



- Претпоставувам дека сите периоди од животот имаат влијание врз градењето и составувањето на една личност. Карактерот не може да се смени, но доколку човек е отворен кон светот и нови работи, сметам дека може да има исполнет живот. Во мојот случај сите периоди од животот за кои сум свесен биле поврзани со музика и извршиле огромно влијание врз мојот начин на живот, размислување и дејствување воопшто- вели тој.



Стекнав добри другари низ музичките дружби

Емин беше дел од многу музички групи и состави во изминатите три децении. Вели дека е среќен што имал можност да работи со многу музичари од нашата држава.

- Од сите луѓе научив многу работи и особено ми е драго што стекнав добри другари во сите тие музички дружби. Нормално е дека проектите во кои јас имав одговорност да бидам композитор или да учествувам во градење на музичката естетика ми се малку подраги од оние каде што бев само изведувач на веќе направена музика - објаснува тој.



Иако хорната му е инструментот „по образование“, речиси и да нема инструмент на кој не може музички да се изрази. Сепак, не може да издвои некој што му е омилен.
- Хорната, другите инструменти на кои свирам и другите алатки што ги користам во процесот на создавање музика ми се средство за изразување. Немам некои посебни афинитети кон одреден инструмент. Можеби сум малку повешт на клавијатури, но ги сакам сите инструменти што постојат и ги користам во мојата музика -вели Емин.

Во последните години нема музички проект во кој бил вклучен, а да поминал незабележано. Особено големите настапи со Филхармонија под отворено небо, аранжманите за настапите со Дерек Меј... Емин вели дека сите овие проекти што го имаат префиксот „големи“ се сериозни поради обемот на работа гледан од повеќе аспекти.

- Најбитна е идејата, што и како треба да се направи. Потоа, процесот на подготовка на нотниот материјал е комплициран и бара сериозен енергетски фокус. Секако, сите фази претрпуваат многу промени и генерално тешко е да се дефинира што точно ќе добиеме на крајот. Тоа е за мене најубавото нешто бидејќи процесот трае додека не се отсвири последната нота - вели тој.



Желби и идеи постојат многу...

Пред неколку години запишал и втор факултет на ФМУ - на отсекот диригирање во класата на Борјан Цанев.Денес многу е посветен на диригентството, а од настапите очигледно е дека многу ужива во тоа. Многумина сметаат дека диригентот е тој што треба да го доведе оркестарот до ниво на жив организам, кој дише и совршено функционира. Емин вели:
- Дефинитивно уживам во диригирањето. Се трудам да бидам јасен во своите идеи и музички афинитети. Сепак, музичарите се тие што свират и ги создаваат звукот и магијата. Диригентот може да помогне или може да биде целосно непотребен, дури и деструктивен како појава. Потребни се многу љубов, желба, познавање од психологија и филозофија...и секако многу знаење за диригентот да стекне авторитет и доверба кај музичарите. Кога ќе се спојат сите коцки, магијата сама се појавува и ја презема целата ситуација во свои раце. Од тој момент настапува уживањето - објаснува човекот кој дише со музиката.



На прашањето што досега го смета за свој најголем успех во професијата, Емин скромно одговара:
- Покрај фактот што имав можност да диригирам со неколку светски оркестри на три континенти и бев дел од многу различни музички проекти со музичари од земјава и од странство, сè уште не можам да кажам дека имам постигнато некаков огромен успех бидејќи цело време имам чувство на почетник во секој нов проект. Гледано од овој агол, би рекол дека најголем успех ми е тоа што се радувам на секој нов проект. Желби и идеи постојат многу... Би бил среќен доколку можам да го правам ова што го работам во најразлични форми насекаде низ светот, сè додека сум здрав и жив. Тоа е мојата желба.