Јапонска компанија претстави холограмски екран на допир за користење на јавни места

Јапонска компанија претстави холограмски екран на допир за користење на јавни места

Подготвил: Драгана Петрушевска

Лектор: Ивана Кузманоска

Екраните на допир и банкоматите не биле совршени ни пред пандемијата. Едно истражување од 2018 година спроведено од Универзитетот „Лондон метрополитан“ покажало дека екраните на допир во рестораните за брза храна се полни со несакани и потенцијално штетни бактерии. Сега, кога повеќе се грижиме за хигиената на јавните места, една компанија претставува можно решение.

Јапонската корпорација „Мураками“ и компанијата „Перити иновајшнс“, исто така од Јапонија, развиле бесконтактен систем за контрола кој користи холограм за ракување. Системот бил направен за тоалетите, а може да се применува и на други локации во иднина.

Контролниот панел наречен „Лебдечка пиктограмска технологија“ користи оптичка технологија за слики што „лебдат во воздухот“. Системот се користи на тој начин што се „притискаат“ копчињата што личат на холограми без физички да се допира панелот. Со тоа системот претставува почиста верзија од другите контролни панели.


Фото: Мураками

Системот користи технологија за препознавање на движењата со кои се одредува положбата на прстот во воздухот. Тој би можел да се користи за места како јавни тоалети, лифтови, банкомати и други јавни услуги.

Од корпорацијата изјавиле дека почнале да доставуваат примероци од системот до произведувачи и болници кои треба да го оценат изумот. Фирмата очекува системот да почне да се продава до 2022 година.

Автор: Крис Јанг
Извор: interestingengineering.com