Кои земји ќе создадат колективен имунитет годинава со ова темпо на вакцинирање?
Подготвил:
Драгана Петрушевска
Лектор:
Ивана Кузманоска
САД и Обединетото Кралство треба да постигнат колективен имунитет против Ковид-19 до крајот на годинава доколку продолжат да вакцинираат со истата брзина. Меѓутоа, некои земји во Европската Унија (ЕУ) нема да постигнат колективен имунитет до крајот на 2021, според новиот извештај на „Статиста“, пренесува „Алџезира“.
Германската фирма за анализа на податоци ги обработила податоците за вакцинирање против Ковид-19 во земјите на светот користејќи најнови податоци обезбедени од земјите. Анализата покажала дека во САД се вакцинираат просечно 1,6 милион луѓе дневно (се мисли на една доза), Обединетото Кралство 434.444, Германија 110.714, Франција 96.706, а Италија 67.887.
„Статиста“ вели дека земјите во ЕУ треба речиси тројно да ги зголемат дозите на дневно ниво за да се постигне колективен имунитет до крајот на 2021.
Според анализата, САД ќе станат првата земја од групата Г-20 што ќе постигне колективен имунитет, а Обединетото Кралство ќе биде првата голема европска земја што ќе создаде колективен имунитет. Во Обединетото Кралство над една третина од возрасното население веќе примиле барем една доза од
вакцината.
Фото: Freepik
Сè уште не се знае колкав дел од населението треба да се вакцинира против коронавирусот за да се постигне колективен имунитет во целиот свет, според Светската здравствена организација (СЗО).
Некои научници велат дека ќе мора да се вакцинираат 70% од населението или повеќе. „Статиста“ ја засновала својата анализа на овој процент.
Урсула фон дер Лајен, претседателка на Европската комисија (ЕК), минатиот месец признала дека ЕУ доцнела со одобрувањето на вакцините против Ковид-19 и била премногу оптимистична за производството на вакцините. Според неа, и покрај проблемите, 70% од возрасните жители во земјите-членки треба да се вакцинирани до крајот на летото.
Извор:
aljezeera.com