В петок ќе се случи ретко планетарно порамнување: Еве како да го набљудувате
Подготвил:
Тамара Гроздановски
Лектор:
Ивана Кузманоска
Овој петок, 28 февруари, седум планети од Сончевиот Систем: Сатурн, Меркур, Нептун, Венера, Уран, Јупитер и Марс, ќе се појават истовремено на ноќното небо. Овој редок феномен, познат како големо планетарно порамнување, е вистински спектакл за љубителите на астрономијата.
Зошто се порамнуваат планетите?
Иако дијаграмите често прикажуваат планети совршено порамнети во права линија, во реалноста тие никогаш не се во таков распоред. Сепак, планетите изгледаат како да се движат по иста замислена линија бидејќи нивните орбити лежат во рамнината на патеката што ја следат околу Сонцето. Повеќето планети се движат блиску до оваа рамнина како резултат на начинот на кој се формираат планетарните системи.
Како да го набљудувате овој редок феномен?
Видливоста на порамнувањето зависи од вашата локација и временските услови. За најпрецизни информации за изгревот и залезот на секоја планета, можете да користите интерактивни алатки како „Time and Date“ или „Stellarium“. Мобилната апликација „Sky Tonight“ во реално време го покажува нивниот точен распоред врз основа на вашата локација.
Кон крајот на февруари на ноќното небо ќе можат да се видат пет планети со голо око, додека Уран и Нептун ќе бидат видливи со двоглед или телескоп. Непосредно по зајдисонце, ниско на запад ќе се најдат Меркур и Сатурн, над нив и малку кон југ ќе биде Венера. Јупитер ќе биде високо на југ во соѕвездието Бик, додека Марс ќе се наоѓа на исток во соѕвездието Близнаци. Уран ќе биде близу Плејадите, а Нептун може да се лоцира меѓу Венера и Меркур со помош на двоглед или телескоп.
За најдобро искуство, се препорачува користење двоглед или телескоп. Добро би било да ја проверите временската прогноза. Ако има ведро небо, тогаш тоа ќе ви понуди целосно уживање во овој редок астрономски настан.
Извор:
Science Alert
Фото:
Star Walk