Aстронаутите даваат совети за самоизолација
Подготвил:
Тамара Гроздановски
Лектор:
Ивана Кузманоска
Ако постои некој што бил најмногу изолиран, тоа се астронаутите.
Истражувачите на вселената, од кои многумина поминале месеци живеејќи во изолација на другите места, ги споделуваат своите упатства за тоа како луѓето да се справат со животот во затворен простор - нешто на кое цел свет се приспособува поради обидот да се намали ширењето на вирусот.
Астронаутот Скот Кели од НАСА поминал една година во вселената, во периодот меѓу 2015 и 2016 година.
- Да се биде заглавен дома е голем предизвик. Кога живеев на Меѓународната вселенска станица речиси една година, не ми беше лесно. Кога си легнував, бев на работа. Кога се будев, повторно бев на работа. Летањето во вселената е единствената работа што апсолутно не можеш да ја напуштиш - пишува Кели.
Тој препорачува да се создаде распоред и да се следи за да се формираат структури околу комбинацијата на работа и приватен живот во домот. Важно е да ги темпирате работите - пишува тој.
- Кога живеете и работите на исто место со денови, на крај работата може да преземе сè, секако, доколку ѝ дозволите. Одвојте време за забавни активности. Со членовите од тимот имавме вечери за филмови, со грицки, и ја гледавме „Игра на троновите“ - двапати - вели тој.
Тој ја истакна важноста на истиот распоред за спиење. Освен тоа, препорачува да не заборавите да излезете надвор и да ја почувствувате природата. Тој предлага нешто на кое се потпирале неговите колеги - снимки од звуци на Земјата, како пеење на птиците и шумолење на лисјата на дрвјата.
Тој, исто така, предлага и хоби (вклучувајќи читање, свирење инструмент, уметност и слично), пишување дневник и поврзување со пријателите и семејството преку видеоповик.
Освен Кели, и астронаутот Крис Хадфилд сподели совети за самоизолација. Во видеото „Водич на
астронаут за самоизолација“, Хадфилд дава четири клучни чекори што треба да ги следат луѓето што се во самоизолација.
1. Треба да го знаете ризикот
- Не плашете се од нештата. Посетете веродостоен извор и дознајте кој е вистинскиот ризик со кој се соочувате сега вие, вашето семејство, вашите пријатели, луѓето за кои се грижите - предлага Хадфилд.
2. Изберете цели
- Што се обидувате да постигнете? Кои се вашите цели? - прашува Хадфилд. Тој препорачува воспоставување мисија за денот, неделата или месецот.
3. Идентификувајте ги ограничувањата
Ова го предлага за да се процени што ве спречува да ги постигнете целите без разлика дали се работни обврски, финансиски средства или нешто друго.
4. Преземете акција
Откако ќе ги утврдите одговорите на трите точки, последната точка е дејствување. Тоа може да значи грижа за семејството, почнување нов проект, читање, пишување, учење да свирите на инструмент или изучување нов јазик.
- Ова е шанса да направите нешто различно од она што сте го правеле претходно - вели тој.
Пензионираниот астронаут Баз Олдрин, кој има 90 години, се наоѓа во групата со висок ризик за сериозни исходи од вирусот. На прашањето што прави за да остане безбеден, Алдрин одговорил: - Лежам и ја заклучувам вратата.