Ќе го снема ли некогаш коронавирусот? Еве што велат експертите

Ќе го снема ли некогаш коронавирусот? Еве што велат експертите

Подготвил: Билјана Арсовска

Лектор: Ивана Кузманоска

Брус Ејлвард, советник на генералниот директор на Светската здравствена организација, во видео за „Тајм“ зборува за пандемијата на коронавирусот и кога се очекува да стивне.

Ви го пренесуваме неговиот став во целост.

- Како што го гледаме ширењето на коронавирусот денес, можеме да фрлиме краток поглед во иднината од местата што неодамна се заразени, местата што не се заразени, но и од местата каде што почна сѐ. И кога ќе го погледнете светот, во Европа, Северна Америка, Блискиот Исток, може да видите дека веќе сме во период на експоненцијален раст. Значи, сѐ уште гледаме како вирусот оди нагоре многу, многу брзо, дури и во тешко погодените места како Италија, на пример. На овие земји им претстојат месеци со овој предизвик и тука се поставуваат прашањата: Што ќе се случи? Дали ова ќе исчезне целосно? Дали ќе влеземе во период на циклични бранови? Или ќе завршиме со ендемична болест од ниско ниво со која ќе мораме да се справуваме?

Ако правиме тестирање на секој поединечен случај, брза изолација на случаите, треба да бидеме способни да го одржиме малиот број на заразени. Ако едноставно се потпрете на мерките за исклучување без да го најдете секој случај, тогаш секојпат кога ја тргате кочницата од тој притисок што го ставате на вирусот, тој може да се врати во бранови. Па, таа иднина, искрено, може да е одредена од нас и нашиот одговор исто колку што е од вирусот.

И големото прашање сега е дали земјите оптимално ќе го искористат ова време додека трае исклученоста? Ова е герилска војна против вирусот. Вирусот едноставно ќе ве исклучи, така? Ќе циркулира тивко меѓу домаќинствата итн. И потоа ќе го пуштите повторно. Нема причина да не „полета“ повторно, освен ако не сте подготвени за тоа.

Она што не го разбираме е како може некои места, како северниот дел на Италија, навистина да експлодираат, додека други места што изгледаат исто во однос на возраст, во однос на медицински капацитет, во однос на температури, сите тие различни фактори, не експлодирале. Тоа е природа. Тоа е биолошки процес. Тие не работат како часовник. Има голема варијабилност.

Ова ќе заврши со победа на човештвото над уште еден вирус. Тука нема дилема. Прашањето е колку многу и колку брзо ќе ги преземеме неопходните мерки за минимизирање на штетата што може да ја направи ова нешто. Значи, за некое време ќе имаме лекови. Ќе имаме вакцини. Во трка сме за тоа. И треба да сме способни да победиме во таа трка. И за тоа ќе биде потребна голема соработка и трпение од населението. Бидејќи на крајот, населението ќе биде тоа што ќе го запре ова нешто и ќе го забави доволно за да може да се стави под контрола.“


Насловна фотографија: Pixabay