Писмо до оној што со моќта на мечтите и со активизмот го менува светот во добро место за творечка преобразба на животот

Писмо до оној што со моќта на мечтите и со активизмот го менува светот во добро место за творечка преобразба на животот

Ти – кој ги симнуваш ѕвездите од небото за да го смириш и ублажиш детскиот плач, треба да знаеш дека детските солзи се толку моќни – далеку помоќни од зборовите, па дури и од тишината, затоа што тие во себе го носат крикот и бунтот – копнежот за подобра иднина. Затоа твојот подвиг е свето велење „да“ за подобро утре – за остварување на утрешнината наспроти глувоста и немоста на суровиот свет на реалноста, кој чиниш како да ги затворил своите порти за сето она што говори со јазикот на срцето. Ти го менуваш светот на подобро!

Ти – кој сакаш да учиш нови работи и не се плашиш од проблемите – туку ги доживуваш како предизвици – ти си љубопитна личност која со својата мудрост и отворен ум просветлуваш многу луѓе кои започнуваат да го гледаат светот на нов начин благодарение на тебе и твојата животна мисија – мудроста. Ти го менуваш светот на подобро!

Ти – единствениот кој се бори за победата на добрината и вистината во овој суров свет каде што другите живеат со сопствените избори (без да бидат подготвени да ја сносат одговорноста за нив и без притоа да размислуваат за тоа дали изборот е вистинскиот или не) – имаш мисија да се бориш за праведноста и вистината и да учествуваш во создавањето подобар свет. Ти си храбар воин на вистината и праведноста, кој копнее за раст: со активизмот на духот им помагаш на другите да го пронајдат вистинскиот пат, ги лечиш нивните духовни и душевни рани и на тој начин излевајќи го несебично своето срце кон другите/светот, успеваш светот да го преобразиш во добро место за живот. Ти го менуваш светот на подобро!

Ти – кој со моќта на мечтата го пронаоѓаш островот на среќата, благосостојбата и блаженството, но не само како отсуство на болка и страдање – туку како совршена исполнетост, мир и хармонија со самиот себе и со светот, успеваш таа тајна да им ја пренесеш на другите сострадалници во животот (со шепот и тихување) – далеку од злобните и завидливите погледи на светот, кој тоне во мочуриштето на минливоста и вечниот заборав. Ти си свесен дека по патот на вистината и праведноста чекорат само оние што се подготвени решително да се борат (докрај) за духовна преобразба на животот и спремни да му го понудат на светот дарот на судбината – своето срце, само за да го променат светот во подобро место за живот. Ти знаеш дека одбирањето на Вистината (како најдобра животна опција) не секогаш е благодарна работа (па дури најчесто е и погубна...), но исто така си свесен дека само Вистината може да внесе светлина во светот и да ги разбуди мечтата и борбеноста за создавање подобро утре – подобар свет во кој нема да царуваат лагата и невистините и во кој злото ќе биде искоренето – а болката, несреќите и страдањето ќе исчезнат засекогаш. Со моќната синергија на умот и срцето стигнуваш (со џиновски чекори) до врутокот на мудрољубието од чија вода се лекува бескрајната болка на секој оној што се соочил со загубата на некој или нешто кој/што е центарот на неговиот духовен и душевен универзум. Ти го менуваш светот со моќната визија на срцето и отворениот ум, чекорејќи храбро и бестрашно по патот на судбината во пресрет на новите животни предизвици, без притоа да се колебаш секогаш да ја одбереш Вистината!

Автор: Душица Ѓокиќ, магистер по филозофија и независен истражувач на Филозофскиот факултет при Институтот за филозофија на УКИМ