Научниците велат дека нивните тела толку се приспособиле на животот на море, што децата без никакви помагала гледаат кристално јасно до длабочина од 25 метри, а неодамна спроведеното истражување покажало дека имаат невообичаено голема слезина што е резултат на нуркањето со задржување на здивот.
Возрасните членови на заедницата со задржување на здивот можат да нуркаат до длабочини од 70 метри, „вооружени“ само со дрвена заштитна маска за очите и копје со кое ловат риби.
Зголемената слезина кај припадниците на племето Баџау е приспособување што им овозможува да нуркаат подлабоко од другите луѓе.
Научниците велат дека тоа е прв показател на генско приспособување на околностите кај современите луѓе, а во конкретниов случај тоа е слободно нуркање со задржување на воздухот што племето Баџау го практикува повеќе од 1000 години.
„Нема многу информации за човечката слезина кога зборуваме за физиологијата и генетиката“, вели американскиот научник Мелиса Илардо, која посетила припадници на племето и го предводела истражувањето.
„Од порано ни е познато дека Веделовата фока, која може да нурка многу длабоко, има непропорционално голема слезина. Верувам дека слично се случува со приспособувањето и кај луѓето, односно кај припадниците на племето Баџау“, вели таа.
* * *
Еден припадник на оваа заедница ѝ кажал на Илардо дека еднаш додека ловел риба, се задржал под вода цели 13 минути.
„Толку време под вода може да поминат само морските видри“, пишува во списанието „Cell“.
За време на престојот во нивното село Јаја Бакти во близина на Сулавесија, докторката Илардо со помош на ултразвучен апарат ја прегледала слезината кај 59 припадници на племето, а потоа резултатите ги споредила со ултразвучната снимка на 34 припадници на соседното племе.
По враќањето на Универзитетот во Копенхаген, каде што ги прегледала снимките, установила дека слезината кај луѓето Баџау била за 50 проценти поголема.
Таа појаснила дека слезината служи за разградување на оштетените црвени крвни зрнца и како резервоар на крв, па така се смета за едно од средиштата на активностите на ретикулоендотелниот систем (дел од имунолошкиот систем).
Докторката Илардо забележала дека зголемената слезина кај луѓето од племето Баџау овозможува 10 проценти повеќе крвни зрнца отколку кај луѓето со вообичаено голема слезина.
Поради дополнителните количини крвни зрнца што кислородот ги пренесува преку крвотокот, припадниците на племето Баџау можат подолго да се задржат под вода.
Проучувајќи го геномот на Баџау и на други две заедници, таа кај првите ја изолирала честата присутност на генот PDE10A што учествува во производството на тироидните хормони (хормоните на штитната жлезда), а ги поврзува и со големината на слезината.
Во експериментите на глувците се покажало дека „PDE10A ги регулира хормоните на тироидната жлезда и ја контролира големината на слезината, што значи дека кај припадниците на племето Баџау слезината се зголемила поради долго и често нуркање на големи длабочини“, покажала студијата.
Докторката Илардо вели дека е потребно да се спроведат дополнителни истражувања за да се разбере на кој начин хормоните на штитната жлезда влијаат врз големината на човечката слезина.
Истражувањето би можело во иднина да им помогне на научниците да сфатат на кој начин организмот реагира на акутна хипоксија, односно на губитокот на кислород во различни ситуации, било да станува збор за нуркањето со задржување на здивот, искачувањето на големи висини или за оперативните зафати и болестите на белите дробови.