Тинејџери што го менуваат светот

Тинејџери што го менуваат светот

Подготвил: Тамара Гроздановски

Лектор: Ивана Кузманоска

Често се смета дека тинејџерите немаат емпатија и дека се премногу самоцентрични. Меѓутоа, новата генерација на млади активисти докажа дека многу тинејџери се длабоко загрижени за социјалните, политичките и еколошките прашања и тие се целосно подготвени да преземат нешто во врска со нив.

Главна меѓу нив е 16-годишната активистка за животната средина Грета Тунберг, која постојано ги повикува политичарите да ги слушаат научниците во врска со глобалните промени.

Во продолжение се пет инспиративни млади луѓе што имаат огромно влијание врз светот иако се само тинејџери.

Грета Тунберг


Родена во 2003 година, Швеѓанката Грета е активист и водечки глас за климатските промени. Во 2018 година таа доби идеја да штрајкува против политичарите и нивните политики поврзани со климатските промени. Почна да штрајкува сама во текот на август на скалите на шведскиот парламент во Стокхолм, притоа не одејќи на часови. Оттогаш, повеќе од милион ученици ѝ се приклучија, напуштајќи ги училниците во знак на протест против неактивноста на политичарите кога станува збор за климатските промени.

- Бидејќи нашите лидери се однесуваат како деца, ние треба да ја преземеме одговорноста што тие требаше одамна да ја преземат. Мораме да сфатиме што ни направи постарата генерација, и каков хаос создаде, кој ние треба да го исчистиме и со него да живееме. Мора нашите гласови да бидат слушнати - рече таа на самитот на ОН за климатски промени.

Грета отворено зборува и за тоа како нејзиниот аутизам го обликува нејзиниот активизам.

Малала Јусуфзаи

Кога имала 11 години, Малала напишала и објавила анонимен дневник за нејзиниот живот во Пакистан под власт на талибанците, кој брзо доби големо внимание. Наскоро таа почна јавно да зборува за тоа дека девојчињата треба да имаат соодветен пристап до образование.

Три години подоцна нејзиниот живот засекогаш се променил откако била застрелана во главата од талибанците. Сепак, обидот за атентат не ја спречил, туку само дополнително ја прославил. Во 2014 година таа се појави на насловната страница на списанието „Тајм“ и стана најмладата личност што некогаш ја освоила Нобеловата награда за мир.

- Оваа награда не е само за мене, туку и за заборавените деца што сакаат образование. Оваа награда е за оние исплашени деца што сакаат мир. За децата без глас кои сакаат промена. Тука сум за да се залагам за нивните права, да го кренам нивниот глас. Не е време да ги жалам - изјави таа.

Ема Гонзалес


Во февруари 2018 година вооружен напаѓач го нападна средното училиште „Маџори Стонмен Даглас“ во Паркленд, Флорида, убивајќи 17 лица.

Но, наместо да бидат поразени од овој трагичен настан, голем дел од тинејџерите што го преживеаја пукањето почнаа национална кампања за да се обидат да му стават крај на насилството со оружје.

Ема Гонзалес, која тогаш имала 18 години, се појави како еден од лидерите на ова ново движење и ја основа групата за контрола на оружјето „Никогаш повеќе“.

Во март 2018 година таа одржа моќен говор на „Маршот за нашите животи“, читајќи ги имињата на нејзините мртви соученици. Потоа следуваше четириминутен молк - времето што му било потребно на напаѓачот да го изврши нападот.

По пукањето и кампањата на Ема и нејзините соученици, законодавците на Флорида го усвоија законот за јавна безбедност за средното училиште „Маџори Стонмен Даглас“ во март 2018 година, со што се зголемува возраста за купување огнено оружје од 18 на 21 година и бара тридневен период на чекање за повеќето оружја.

Џек Андрака


На 15-годишна возраст американскиот средношколец Џек Андрака создал нов, евтин начин за откривање рак на панкреасот. Тинејџерот, кој освоил 75.000 долари на Интернационалниот саем за наука и инженерство организиран од „Интел“ во 2012 година, рече дека ја добил идејата читајќи бесплатни научни трудови што ги пронашол на интернет.

Тестот, кој сè уште е во фаза на испитувања, е составен од лента од филтер-хартија покриена со раствор на јаглеродни наноцевки и специјално антитело, и бара шестина од капка крв. Но, некои научници, меѓу кои и самиот Џек, истакнуваат дека иако неговиот изум е возбудлив, тој и понатаму останува „доказ за концепт“ наместо готов производ.

Амика Џорџ

Откако прочитала дека една добротворна организација што на жените им нуди менструални производи во Африка морала да ги пренасочи производите во Лидс, бидејќи имало девојки што не можеле да си ги дозволат, Амика Џорџ одлучила дека нешто мора да направи за да се бори против сиромаштијата во Велика Британија.

Таа го основала #FreePeriods на 17-годишна возраст, организирала протест пред Даунинг стрит на кој учествувале 2.000 луѓе облечени во црвено барајќи од владата да преземе акција.

Во март 2019 година владата најави дека ќе финансира бесплатни санитарни производи во сите англиски училишта и колеџи.

- #FreePeriods укажа како една многу лута тинејџерка може да има вистинско политичко влијание само преку активизам, а моќта на интернетот ми овозможи да се поврзам со слични умови и еднакво лути луѓе - изјави таа.