Како ќе влијаат илјадниците сателити на Илон Маск врз астрономските истражувања, објаснува д-р Александар Шулевски
Подготвил:
Весна Ивановска-Илиевска / vesna.ivanovska@fakulteti.mk
Лектор:
Ивана Кузманоска
„Спејс Екс“ како компанија е многу пофлексибилна отколку астрономите, на кои им е потребно време да ги усогласат своите ставови на светско ниво и соодветно да реагираат преку институциите што се нивни претставници
Светлечки објекти што невообичаено се движеа на небото над Водно минатиот викенд возбудија многу граѓани во Македонија. Сателитите на компанијата „Спејс Екс“ на милијардерот Илон Маск уште од лани поттикнаа многу прашања, особено во научната заедница. Астрономите негодуваа на дозволите за лансирање илјадници сателити на небото и предупредуваа дека тоа ќе се одрази врз нивната работа. Дали можат да ги попречат астрономските истражувања, за Факултети.мк објаснува д-р Александар Шулевски, гостин-истражувач при API, Институтот за астрономија на Универзитетот во Амстердам (UvA).
Александар Шулевски
Тој вели дека во Македонија неидентификувани летечки објекти се забележуваат откако постојат медиуми што известуваат за тоа.
- Колку што ми е познато, во последно време се забележуваа облаци во форма на леќа, кои се симетрични, па личат на „летачки чинии“. Возможно е дека и сателитите на компанијата „Спејс Екс“ (Space X) поттикнале интерес, затоа што се релативно светли, и набрзо по лансирањето сè уште орбитираат релативно блиску еден до друг, па како последица се јавуваат во вид на „ѓердан“ на небото, што е интересно и необично - вели Шулевески.
Астрономите знаеја за овие планови
Тој објаснува дека во ниска орбита (неколку стотици километри над површината на Земјата) сателитите се движат брзо. Брзината, потребна да се лансира сателит, првата космичка брзина е над 7,2 км/с. Соодветно, на сателитите во ниска орбита им треба околу час и половина за да направат една ротација околу Земјата.
- Сателитите лансирани на поголема (и точно определена) височина прават една ротација за 24 часа, тоа се таканаречени геостационарни сателити и тие се користат за сателитски комуникации бидејќи се статични на небото (на небесниот екватор) кога се набљудуваат од површината на Земјата - објаснува Шулевски.
Според него, „Спејс Екс“ лансира сè повеќе од овие сателити со намера да го заврши планираното „соѕвездие“ од неколку илјади компоненти. Влијанието врз работата на астрономите засега е релативно мало, но состојбата бргу се менува.
Од лансирањето на ракетата „Фалкон“ на компанијата „Спејс Екс“/ Фото: Wikimedia Commons
Компанијата веќе бара дозвола за лансирање 30.000 сателити. На прашањето дали астрономите се шокирани од оваа идеја, Шулевски вели:
- Не би рекол дека се шокирани затоа што астрономите знаеја за овие планови. Но, „Спејс Екс“ како компанија е многу пофлексибилна отколку астрономите, на кои им е потребно време да ги усогласат своите ставови на светско ниво и соодветно да реагираат преку институциите што се нивни претставници. Опасност за влијание врз работата на астрономските опсерватории постои и астрономите се загрижени дека нема да имаат доволно време да ги приспособат методите на набљудување кои би го намалиле влијанието на оваа сателитска мрежа врз нивните истражувања - објаснува тој.
Последиците се многубројни
Шулевски вели дека последиците се многубројни, и тоа не само врз астрономските истражувања. Има многу телескопи што се наоѓаат на површината на Земјата. Некои од нив што се користат за најчувствителните мерења на далечни објекти во вселената се многу големи и скапи.
Опсерваторијата во Стразбур / Фото: Wikimedia Commons
- На пример, Европската јужна опсерваторија гради телескоп во Чиле, таканаречениот „европски многу голем телескоп“ со дијаметар на огледало од 39 метри и цена од околу милијарда евра. Секој час на набљудување со телескопот ќе чини илјадници евра. Секој загубен час е загуба на пари и време. Сателитите од соѕвездието на „Спејс Екс“ се осветлени од Сонцето и кога тоа ќе зајде, на површината на Земјата бидејќи се толку многубројни, како што ќе се движат по небото ќе остават светли траги на секоја слика што ќе ја направи овој телескоп. Сателитите ќе престанат да бидат проблем длабоко во ноќта (во зависност од месецот во годината), но сепак тоа значи загуба на време. Понатаму, постојат телескопи што вршат „мапирање на небото“ во потрага по астрономски појави кои траат многу кратко време (блесоци на зрачење) и кои мора да го фотографираат целото небо по повеќе пати во една ноќ. Со толку сјајни траги оставени од сателитите, нивното истражување значително ќе се усложни. „Спејс Екс“ во соработка со астрономите експериментира со специјални бои кои би ја намалиле рефлективноста на сателитите (и тие би станале помалку сјајни), но се чини дека тоа не е доволно - објаснува Шулевски.
Кој го застапува човештвото?
Тој додава дека ова се последиците врз телескопите кои набљудуваат во подрачјето на видлива светлина. Но, постојат и радиотелескопи кои го фотографираат небото во радиобранови. Сателитите на „Спејс Екс“ ќе зрачат радиобранови за комуникација помеѓу себе и со корисниците на Земјата.
- Во зависност од нивната бројност и технички карактеристики на примо-предавателите што ќе се користат, работата на некои радиотелескопи може да биде значително нарушена или целосно оневозможена. „Спејс Екс“ коментираше дека некои астрономски опсерватории може да се лансираат во вселената над орбитите што ќе ги користат нивните сателити, но тоа е технички невозможно или премногу скапо кога се во прашање големи инструменти кои се користат во астрономските опсерватории - дециден е Шулевски.
Фото: PxHere.com
Најпосле, додава тој, ваквите сателитски соѕвездија влијаат и врз впечатокот кој луѓето го имаат за ноќното небо. Ние сме израснале во време кога (надвор од градовите) може(в)ме да уживаме во глетката на ѕвездите, планетите и Млечниот Пат. Се гледаат и некои сателити, но не толку сјајни, кои само придонесуваат кон искуството на набљудување. Тоа целосно се менува во случај на постоење илјадници сјајни сателити кои ќе бидат видливи како орбитираат во сите можни насоки на небото.
- Впечатокот и сликата на самото небо целосно ќе се променат. Дали технологијата има право да го стори тоа за да испорача интернет на сите, секаде и во секое време? Што со многуте астрономи-аматери кои нема да можат повеќе да уживаат во своето хоби? „Спејс Екс“ е само една компанија која почнува со реализација на својата замисла, ќе следуваат и други. Кој има право да решава за вакви прашања од глобално значење? Кој го застапува човештвото? - прашува Шулевски.