Расте побарувачката за приватни острови и имоти, милијардерите бараат засолниште за време на пандемијата
Подготвил:
Тамара Гроздановски
Лектор:
Ивана Кузманоска
За да го избегнат коронавирусот, милијардерите наоѓаат сосема поинакви решенија, вели Пени Мосгроув, извршна директорка на компанијата „Куинтесеншали естејтс“.
Таа вели дека богатите постојано ја бараат затоа што сакаат да купат шкотски замоци, резиденции со бункери, палати, ненаселени острови на Карибите, суперјахти и приватни авиони.
- Наместо да ѝ испрати цвеќиња на својата девојка, еден наш клиент нè замоли да ѝ испорачаме букет направен од средства за дезинфекција на раце, маски за лице, влажни марамчиња. Но, едно од почудните барања доаѓа од наш долгогодишен клиент кој се враќаше од странство. Тој има замок во Мејфер, вреден 35 милиони фунти. Ме замоли да му најдам стан што ќе може да го изнајми. Кога го прашав што не е во ред со куќата, тој рече дека не би сакал да се врати во неа во случај да биде заразен - вели Мосгроув.
Затоа тој сега бара дуплекс со четири спални соби на плоштадот „Горсвенор“ во Мејфер, за кирија од 18.000 фунти месечно.
Друг клиент, пак, сака нов дом со спа за неговата сопруга која во иднина третманите за убавина ќе ги добива дома.
Фото: Pixabay
И приватните острови станаа популарни. Еден клиент со приватен авион ќе оди да ги посети Карибите за да го види островот Кај што се наоѓа на неколку километри од брегот на Гренада.
Изборот на острови за продажба е огромен. И Грција продава. Особено е популарен островот Патроклос, кој има 100 хектари плодна земја, 150 овци и 1.500 маслинови дрвја.
На продажба е и јонски
остров од 445 хектари за 45 милиони фунти. А доколку се чувствувате особено параноично, можете да побарате да си оди и единствениот жител, кој е овчар.
- Како агенти за купување и советници, навикнати сме на необични барања, но овие барања се прилично екстремни - вели Мосгроув.
Европските фаворити за милијардерите се Балеарските Острови. Еден клиент сака во Мајорка да купи куќа од 25 милиони долари.
- Истото се случи и по терористичките напади во САД на 11 септември 2001 година. Луѓето беа исплашени и бараа сигурно засолниште. Во овој момент сите сопственици на приватни острови престојуваат на нив и планираат да останат таму до крајот на пандемијата, додека претходно поминуваа само по два месеца годишно - вели Џон Кристи, агент на агенцијата „Ејч-џи Кристи“.
Еден од милијардерите што имаат приватен остров е и Ричард Бренсон, кој го понуди на продажба за да го спаси својот бизнис кој е тешко погоден од пандемијата.
Станува збор за карипскиот остров Некер, кој вреди 150 милиони евра. Инаку, островот се изнајмува, а една ноќ чини 122.000 долари.