Британка откри како навистина се живее во Северна Кореја, па беше обвинета за ширење пропаганда

Британка откри како навистина се живее во Северна Кореја, па беше обвинета за ширење пропаганда

Подготвил: Тамара Гроздановски

Лектор: Ивана Кузманоска

Туристичкиот водич Зои Стивенс од Ливерпул ја има посетено Северна Кореја дури 30 пати од 2016 година досега, водејќи туристи од Велика Британија, Германија, Холандија и Австралија низ земјата со која владее диктаторот Ким Џонг-ун. Таа тврди дека остатокот од светот погрешно ја разбира неговата озлогласена диктатура и вели дека тој не е толку опасен, а Северна Кореја, според неа, е нормално место за живеење.

Во нејзините видеоблогови на „Тик-ток“, Зои ги споделува своите искуства прикажувајќи го „нормалниот“ живот во Пјонгјанг, главниот град на Северна Кореја. Иако многумина ја обвинуваат дека шири пропаганда, таа останува доследна на ставот дека Северна Кореја не се разликува многу од другите земји и дека сака да го промени начинот на кој светот ја гледа.

Строги правила за сите туристи

Иако се труди да ја прикаже диктатурата во поубаво светло, Зои признава дека мора да се придржува до строги правила додека ги води туристите низ главниот град. Секој турист мора да биде придружуван од двајца водичи. Забрането е фотографирање и снимање на сериозни и државни објекти, особено воена инфраструктура и слики од Ким Џонг-ун во несоодветен контекст.

 
- Сакам да им ја прикажам на луѓето човечката страна на Северна Кореја. Многумина мислат дека луѓето таму постојано гладуваат и се обидуваат да побегнат. Но, во реалноста, тие само се обидуваат да си го живеат секојдневниот живот. Обожавам да планинарам низ руралните делови на Северна Кореја, а во Пјонгјанг најмногу уживам да пијам кафе и да си ја средувам фризурата - вели таа.

Луѓето не се навикнати да слушаат позитивни работи за Северна Кореја

И покрај нејзиниот позитивен став, Зои е свесна дека многумина ја доживуваат како гласник на пропагандата.

 
- Разбирам зошто мојата содржина на некои може да им изгледа како пропаганда, но мислам дека тоа е така затоа што луѓето не се навикнати да слушаат нешто позитивно за Северна Кореја - вели таа.

Таа тврди дека никогаш не се чувствувала небезбедно во градот и дека со текот на годините стекнала многу пријатели, иако одржувањето контакт со нив е тешко поради ограничениот пристап до меѓународни повици и социјални мрежи. Според неа, луѓето се најдобриот дел од таа земја и ужива да запознава обични луѓе што водат обичен живот.

Јутјубер открива што го изненадило


Зои не е единствената што ги споделува своите впечатоци за Северна Кореја откако земјата повторно ги отвори границите за туристи. Британскиот јутјубер и инфлуенсер Мајк О’Кенеди, исто така ја посетил Северна Кореја, па во своите видеа зборува за строгите правила што морал да ги почитува.

 

Пред влегување во земјата, Мајк и неговата туристичка група, во која имало луѓе од Франција, Германија и Австралија, морале да ги држат ролетните на прозорците во авионот спуштени за да не ја гледаат земјата од воздух. Целото патување морало да биде планирано месеци однапред преку туристичка агенција, а на граница му побарале список со сите електронски уреди што ги носи со себе.

Извор: Index.hr
Фото: Instagram