„Хуавеј“ подготвува телефон што ќе користи вентилатор за ладење

„Хуавеј“ подготвува телефон што ќе користи вентилатор за ладење

Подготвил: Маја Пероска

Лектор: Ивана Кузманоска

Според најновите објави од кинеската мрежа „Веибо“, „Хуавеј“ наскоро може да претстави паметен телефон со вграден активен систем за ладење кој користи вентилатор. Оваа информација доаѓа од доверлив советник на „Диџитал чет тејшн“ (@DigitalChatStation), кој тврди дека „Хуавеј“ подготвува серија иновативни уреди оваа година.

По моделот „пура X“, наскоро се очекува и серијата „пура 80“, која ќе има голема перископска камера од 1/1,3 инчи. Исто така, се споменува и таблет со 8-инчен екран, кој би можел да биде лансиран подоцна во текот на годината.

Сепак, најинтересниот дел се однесува на телефон со активен вентилатор - сличен на оној што веќе се користи во телефоните „нубиа ред меџик“ на ЗТЕ, познат по нивните гејмерски перформанси и ефикасно ладење. Интеграцијата на таков систем во уредите на „Хуавеј“ би можела да ги реши проблемите со прегревање при интензивна употреба.

Станува збор за „активен“ вентилатор

Уредите напојувани со вентилатор често комбинираат дополнителни технологии за ладење, како што се ладење во течна и парна комора, за да одржат оптимални температури на процесорот и да ја продолжат оперативната стабилност без намалување на фреквенцијата на процесорот.

Советникот наведува дека станува збор за „активен“ вентилатор, што значи дека уредот би можел да има значително поефикасно управување со топлината и намалена потрошувачка на енергија, овозможувајќи му на чипсетот да одржува максимални перформанси подолго време.

Доколку не се имплементира во „пура 80“, оваа иновација би можела да дебитира во серијата „мате 80“. Исто така, се шпекулира дека тоа би можело позитивно да влијае врз перформансите на чипсетот „кирин 5Г“, особено кога станува збор за стабилност во тешки услови на работа.

Извор: benchmark.rs

Фото: Freepik