Оло - нова боја што досега ја виделе само пет луѓе во светот
Подготвил:
Тамара Гроздановски
Лектор:
Ивана Кузманоска
Научници тврдат дека откриле сосема нова боја што досега никој не ја видел.
Истражувањето се базира на експеримент во кој истражувачите насочиле ласери во очите на учесниците. Поради активирање на специфични клетки во мрежницата, научниците тврдат дека тие виделе синкаво-зелена нијанса која ја нарекле оло.
Коавторот на истражувањето, професорот Рен Енџи од Универзитетот во Калифорнија, ги опиша резултатите како неверојатни. Сепак, експертите напоменуваат дека постоењето на новата боја сè уште е предмет на преиспитување.
Професорот Енџи, кој е еден од петтемина што учествувале во експериментот, вели дека оло е поинтензивна од која било боја што може да се види во реалниот свет.
- Замислете цел живот да гледате само розови, светлорозови и пастелно розови нијанси. И еден ден, некој влегува во канцеларија со кошула во најжестока светлорозова боја што сте ја виделе и ви вели: ова е нова боја и ја нарекуваме црвена. Од самиот почеток претпоставувавме дека ќе изгледа како сигнал во боја без преседан, но не знаевме како мозокот ќе го протолкува тоа - објаснува тој.
Боја „невидлива“ за голо око
Ласерот активирал специфични клетки кои, според истражувањето, испраќаат сигнал до мозокот кој во природно опкружување никогаш не се појавува. Тоа значи дека оло не може да се види со голо око во реалниот свет, туку само преку стимулација на овие посебни клетки.
За да ја идентификуваат бојата што ја виделе, секој учесник во експериментот рачно нагодувал селектор за нијанси за да ја долови бојата оло.
Сепак, некои експерти сметаат дека оваа нова боја е субјективна и предмет на лична интерпретација.
Професорот Џон Барбур од Универзитетот во Лондон, кој не учествувал во истражувањето, изјави дека иако истражувањето е „технолошки подвиг“ кога станува збор за стимулација на селективни конусни клетки, откривањето нова боја е предмет за дебатирање.
Иако Енџи признава дека технички е исклучително тешко да се види оло, неговиот тим продолжува да ги проучува резултатите, со надеж дека тие ќе придонесат кон идни истражувања поврзани со далтонизмот.
Извор:
Euronews.rs
Фото: Pixabay