Откриен прв физички доказ за гладијатор каснат од лав во римскиот период

Откриен прв физички доказ за гладијатор каснат од лав во римскиот период

Подготвил: Маја Пероска

Лектор: Ивана Кузманоска

Една студија открила прв физички доказ за гладијаторска борба меѓу човек и животно во римскиот период.

Истражувањето, објавено во „ПЛОС Уан“, покажува убедливи скелетни докази за човечка жртва нападната од големо месојадно животно, веројатно во контекст на борба од римската ера. Истражувањето е спроведено од меѓународен тим на археолози и остеолози, предводени од Тим Томпсон, професор по антропологија на ирскиот универзитет „Мејнут“.

Иако слики од гладијатори каснати од лавови има во антички мозаици и на грнчарски садови, ова е единствениот убедлив скелетен доказ преку користење форензички експерименти за траги од забите на голема мачка, како што е лавот. Наодите се фокусираат на еден скелет откриен на гробишта од римскиот период надвор од Јорк во Англија, место за кое се верува дека има остатоци од гладијатори. Коските на поединецот покажале различни лезии кои, по внимателно испитување и споредба со современите зоолошки примероци, биле идентификувани како траги од каснување од голема мачка.

Трагите од заби на карлицата од скелетот претставуваат прва остеолошка потврда за човечка интеракција со големи месојадци во борба, или забавна средина во римскиот свет.


Професорот Томпсон го истакнал значењето на откритието.

- Со години нашето сфаќање за римските гладијаторски борби и животинските спектакли во голема мера се потпираше на историски текстови и уметнички прикази. Ова откритие дава прв директен, физички доказ дека вакви настани се случиле во овој период, преобликувајќи ја нашата перцепција за римската култура на забава во регионот - објаснил тој.

Истражувањето ја истакнува бруталноста на овие спектакли и нивниот дострел надвор од Рим.

- Овие наоди нудат нови патишта за истражување на присуството на егзотични животни во Британија од римскиот период и животите на оние вклучени во гладијаторски борби - заклучил Томпсон.

Извор: phys.org

Фото: Freepik