Редовното јадење пилешко месо е поврзано со поголем ризик од прерана смрт од гастроинтестинален канцер
Истражувачи од Националниот институт за гастроентерологија во Италија откриле врска помеѓу редовното јадење живина и раната смрт поради рак на дигестивниот систем. Во нивната студија анализирале податоци поврзани со здравјето за 4.869 возрасни лица во период од 20 години.
Претходните истражувања сугерирале дека јадењето живина (главно пилешко) е поздраво од јадењето црвено месо како извор на протеини, бидејќи претставува помал ризик од кардиоваскуларни заболувања и некои гастроинтестинални карциноми. Но, ова најново истражување посочува дека редовното јадење пилешко може да биде поврзано со одредени видови гастроинтестинални карциноми и рана смрт.
Податоците за оваа студија биле собрани за време на интервјуа и од медицински персонал кој вршел здравствени прегледи. Секое од испитаните лица пополнило и прашалник во врска со своите навики во исхраната. Нивниот здравствен статус бил оценет со помош на медицински картони и регионални бази на податоци, кои му овозможиле на тимот да ги вклучи и смртните случаи во студијата. Еден од факторите што ги разгледале вклучувал колку често испитаниците јаделе месо или живина - друг бил стапката на развој на гастроинтестинални карциноми и смртните случаи што резултирале од тоа.

Истражувачите откриле поголема инциденција на гастроинтестинален рак, а исто така и рани смртни случаи кај луѓето што јаделе повеќе од 300 грама живина неделно. Ризикот од смрт на тоа ниво бил за 27 отсто поголем во споредба со луѓето што јаделе само 100 грама живина неделно или помалку.
Истражувачкиот тим признава дека се потребни повеќе истражувања за да се разберат нивните наоди. Тие не биле во можност да утврдат, на пример, дали зголемената стапка на смртност од јадење живина се должи директно на консумирањето на живината или дали е поврзана со начинот на кој е зготвена, на пример, дали е пржена или панирана, или дали се додадени одредени зачини. Исто така, иако студијата е приспособена за некои фактори на здравјето и начинот на живот, едно потенцијално сериозно ограничување е физичката активност, како што се количината и видовите вежби, кои не се измерени.
Извор: medicalxpress.com
Фото: Freepik