Вештачката интелигенција влегува во нашето образование: „ВИ може да го направи образованието поинклузивно“, смета професорот Барбареев
Брзиот развој на компјутерската технологија отвори широк спектар на можности, меѓу кои е и вештачката интелигенција која нуди големи придобивки со кои ќе може да се трансформираат образовните процеси и да се приспособат на новото време.
Младите се желни и љубопитни, особено кога се работи за користење нова технологија која може да им го подобри учењето, начините на вежбање и подготвување на часовите, испитите, дипломските работи и која ќе може да им помогне за подобро експериментирање во наставата.
„Чет-ГПТ“ стана многу популарен откако беше објавен во јавноста во ноември минатата година. Станува збор за чет-бот базиран на машинско учење, што е еден сегмент од вештачката интелигенција. Трениран е со голема количина на текст за да може да одговори како човечки соговорник.
Кај нас, Министерството за образование планира етапно да ја воведува во наставните програми затоа што смета дека ВИ е реалност и нејзиниот потенцијал е огромен.
- Вештачката интелигенција е реалност, не е повеќе футуристички концепт. Нејзиниот потенцијал во областа на образованието е огромен. Може да го револуционизира начинот на кој се учи и се предава. Може да го персонализира образованието, приспособувајќи ја содржината на индивидуалните потреби и стилови на учење на секој ученик. Ова може да доведе до подобри резултати од учењето и зголемен ангажман меѓу учениците. Така што, вештачката интелигенција етапно ќе се воведува во наставните програми. Младите и формално низ образовниот систем ќе се запознаваат со неа, онаа што е во согласност со етичките и моралните начела и норми - велат од МОН за „Факултети.мк“.
Професорот Кирил Барбареев од Универзитетот „Гоце Делчев“ - Штип вели дека брзиот напредок на технологијата длабоко го трансформира начинот на кој луѓето работат и учат, а вештачката интелигенција ќе воведе промени во образованието.
- Брзиот напредок на технологијата длабоко го трансформира начинот на кој луѓето живеат, работат и учат. Обидот да задржиме некаков стабилен идентитет, нашата работа, професија, нашиот светоглед, нашите методи на работа во професијата, нашата претстава за тоа што е образование, како се реализира денес часот/наставата, носи големи предизвици пред македонскиот образовен систем. Оттука, ВИ секојдневно го менува нашиот систем и воведува промена во образованието кон персонализирани и адаптивни методи на работа. Ова се големи предизвици за образованието и неговата улога во подготовката на идниот кадар. Логично се поставува прашањето: Кое е тоа современо образование што треба да одговори на предизвиците на новите генерации? – Кој е профилот на наставникот, на професорот денес, во овие предизвици пред него, кога профилот на младиот човек толку брзо се менува и е променет, а профилот на институциите бавно се менува - вели професорот Кирил Барбареев за „Факултети.мк“.
Веќе се гледаат и првите бенефити од користењето на вештачката интелигенција, особено на „Чет-ГПТ“, но и заканите од оваа технологија во рамките на образовниот процес.
- Денешните ученици се навикнати на дигитализација и на динамични средини, тие бараат педагошки методи и стратегии што вклучуваат технологија и интерактивни пристапи, олеснувајќи им да учат самостојно но и тимски. ВИ може да помогне во поучувањето на учениците преку интегрирање на технологијата и можностите што ги дава, создавајќи динамични искуства за учење што ги одржуваат интересот и мотивацијата кај учениците во и надвор од училницата. Учењето и поучувањето може да бидат многу персонализирани, и со тоа многу поефикасни. Заканата се гледа од аспект на тоа колку критички ќе ги подготвуваме новите генерации во користењето и контролата, за што да се користи во образованието и во животот воопшто. Потребна е координација на образовните политики и промените во образовните институции, силен фокус на етички стандарди - објаснува професорот.
Отсекогаш модерната технологија одела рака под рака со образованието, но овој пат треба да се внимава во начинот на кој се користи затоа што таа се развива многу побрзо отколку што се случуваат промените во образовните системи.
Некогаш тоа зависи и од начинот на кој наставниците и професорите предаваат и како некои теми ги доближуваат до учениците.
- Моето искуство од работата со студентите ми кажува дека тие најмногу бараат продлабочено знаење и информации за одредени теми од областа од која се работи. А бараат брзи одговори или консултации за непознати или малку познати теми. Мојот впечаток е дека студентите имаат позитивен однос кон користење на ВИ, ја користат секогаш кога можат, но имаат слаб изграден критички однос кон проверка и веродостојност на добиените информации - вели професорот Барбареев.
Генеративната вештачка интелигенција почна да се користи пред повеќе од две години и предизвика светска сензација со својата способност да генерира текст и да учи.
Во Германија повеќе од две третини, или 68 отсто од учениците, практикантите и студентите користат „Чет-ГПТ“ или слични алатки за вештачка интелигенција (ВИ) кога учат или изработуваат домашна работа.