Музиката како лек за последиците од Ковид-19. Делата на Моцарт за поквалитетно учење, „Weightless“ на „Маркони Јунион“ за опуштање

Музиката како лек за последиците од Ковид-19. Делата на Моцарт за поквалитетно учење, „Weightless“ на „Маркони Јунион“ за опуштање

Подготвил: Соња Алексоска Неделковска

Музиката го зголемува серотонинот, кој го нарекуваат хормон на среќата, иако тој е трансмитер. Композициите на Моцарт или Шостакович позитивно влијаат, додека на Вагнер негативно. Борбените маршеви се користат за да ја подигнат самодовербата на војската, посмртните за да ја потенцираат жалоста. Која песна и како таа влијае врз нашата психа, зависи од нас. Во психијатријата постои метод на лекување невротични состојби наречен музикотерапија, вели проф. д-р Илија Џонов, невропсихијатар

Депресијата, анксиозноста, стресот, стравот, паниката станаа дел од секојдневието на поединецот, како последица од пандемијата на коронавирусот. Луѓето повеќе време мора да бидат дома отколку надвор. Социјалната и физичка изолација се сведени на минимум.
Многу музичари и научници се сложуваат дека музиката го подобрува менталното здравје и прави да се чувствуваме подобро. Алберт Ајнштајн рекол дека би бил музичар ако не се занимавал со физика. Џими Хендрикс ја доживувал музиката како своја религија.

Евергрините нè враќаат во периодот на младоста

Уште во праисторијата луѓето ја користеле музиката како моќна алатка за исцелување на душевните и телесните проблеми. Кон крајот на 6 век пред н.е. Питагора утврдил дека сѐ што постои во универзумот е под влијание на законите на хармонијата. Во согласност со оваа теорија се залагал музиката да се примени во лекување на луѓето.
Во денешно време познато е дека секоја клетка на човечкиот организам вибрира со одредена фреквенција. Поедноставно кажано, целиот наш организам произведува одредена мелодија. Ако таа мелодија е складна, здрави сме, ако не е, не сме здрави.

Фото: Pixabay

Професорот Џонов потенцира дека музиката е нешто највозвишено во еволуцијата на човекот и во тоа се разликува од останатиот жив свет.

- Центарот на музиката во мозокот е во таканаречениот темпорален резен, каде што се сместени и другите уметнички центри. Тој дел од мозокот е меѓу помладите структури во неговата еволуција. Музиката го зголемува серотонинот, кој го нарекуваат хормон на среќата, иако тој е трансмитер. Музиката на Моцарт или Шостакович позитивно влијае, додека на Вагнер негативно. Борбените маршеви се користат за да ја подигнат самодовербата на војската, посмртните за да ја потенцираат жалоста. Која песна и како таа влијае врз нашата психа, зависи од нас. Кога сакам да се релаксирам, слушам евергрини. Тие ме враќаат во мојата убава младост кога грижата за егзистенција и кариера не беше доминантна. Во психијатријата постои метод на лекување на невротични состојби наречен музикотерапија - вели д-р Џонов.

Нотите влијаат врз срцевата функција, притисокот и дишењето

Повеќе студии и научни сознанија ја потврдуваат тезата дека музиката може да биде лек за човекот. Една од нив е и студијата на група невролози во која испитаниците решавале сложувалки додека биле прикачени на сензори. Сложувалките им го подигале нивото на стресот, а научниците мереле какви им се мозочните реакции, срцевиот ритам, крвниот притисок и дишењето. Д-р Дејвид Луис Хоџсон од „Мајндлаб интернешнл“ дошол до заклучок дека песната „Weightless" на англискиот амбиентален бенд „Маркони Јунион“ предизвикала поголема релаксираност кај испитаниците од која било друга музика што е тестирана. Оваа тема била толку делотворна, што нивото на стресот било намалено за 65 отсто.



Лајз Купер, основачот на Британската академија за звучна релаксација, објаснил дека оваа песна содржи 60 бита во минута, кои со текот на времето се намалуваат на 50 бита. Додека ја слушате, вашето срце полека почнува да чука во согласност со тој ритам. Намалувањето на тој срцев ритам го смалува и крвниот притисок, а сето ова се случува и поради тоа што просторите меѓу тоновите се направени така што создаваат чувство на еуфорија и удобност. Песната е направена за намалување на стресот во соработка со музичари и звучни терапевти.

- Тоа се случува и кога секој од нас слуша музика што ја сака, бидејќи таа поволно влијае врз психичкиот статус. А промените во срцевиот пулс и одразот на крвниот притисок произлегуваат од самата релаксација. Во мозочната структура наречена хипоталамус се наоѓаат елементарните емоционални манифестации како стравот, но во близина се и центрите на автономниот нервен систем кои ја контролираат срцевата функција, притисокот и дишењето. Затоа музиката преку релаксацијата се одразува и врз овие центри, кои се витални и поврзани со емотивниот статус - појаснува д-р Џонов.

Учете додека ја слушате „Мала ноќна музика“

Од занимливостите поврзани за музиката вреди да се издвои ,,Ефектот на Моцарт,“. Со тоа име се нарекуваат многуте позитивни влијанија што генијалните теми на Волфганг Амадеус Моцарт ги имаат врз човечкиот ум. Во последните дваесет години повеќе угледни научници врз основа на многубројни експерименти утврдиле дека неговата музика ги синхронизира левата и десната мозочна хемисфера. Затоа таа опушта, ги зголемува креативноста и мотивацијата. Истовремено ја подобрува концентрацијата и моќта на размислувањето. Музиката на салзбуршкото чудо од дете не е само приемчива за уво и смирува, туку и штити од погубното влијание на стресот, помага за подобро учење, појасно изразување и способност за интуитивни заклучоци. А просторот во кој ќе ја слушате, ќе го исчисти од негативна енергија.

Композициите на Шостакович имаат позитивно влијание

Првиот промотор на науката за музикотерапија, д-р Томислав Таневски, вонреден професор на Интернационалниот универзитет ,,Еуропа прима“ во Скопје и на Универзитетот ,,Гоце Делчев“ во Штип, напоменува дека музиката на Моцарт не е ништо посебна за решавање одредени психосоматски проблеми.

- Одредени музички продукции, водејќи се од сопствениот бизнис, промовираат дека сета музика на Моцарт влијае врз човековото битие. Но, професионалните музикотерапевти за одредена проблематика користат одредени делови на една музичка композиција од кој било автор, а тука спаѓа и Моцарт. Оттука се поставува прашањето - зарем музиката на Чајковски, Шостакович, Брамс, Орф, Равел, Вагнер, Сен Санс и др. не е со сличен ефект како музиката на Моцарт -–заклучува професорот.

Д-р Томислав Таневски

За сосредоточување на вниманието, особено при релаксација и подобрување на учењето, Таневски ги одвојува следните дела на Моцарт: „Мала ноќна музика“ третиот став (Eine kleine Nachtmusik in G Major, K. 525 - III. Minuetto. Allegretto). Познатото ,,Рондо во Д-дур“ (Mozart - Rondò in D major, K. 485) и ,,Дивертименто во Д-дур“ третиот став, (Divertimento in D Major, K. 251- III. Andatino – Allegretto).

- Интересни се инсертите на делото „Увертира“ од Луцио Сила, првиот став инаку во оригинал (Lucio Silla, K. 135: Ouvertur - I. Molto allegro). Затоа не би препорачувал самостојни експерименти околу користењето на одредени музички дела без консултација со професионален музикотерапевт. Ќе се прашате зошто? Затоа што колку што музиката може позитивно и благонаклоно да влијае врз човековиот организам, уште толку може да има негативно влијание - заклучува професорот.