Во Куба се лекувале децата погодени од нуклеарната катастрофа во Чернобил

Во Куба се лекувале децата погодени од нуклеарната катастрофа во Чернобил

Подготвил: Тамара Гроздановски

Лектор: Ивана Кузманоска

Повеќе од 25.000 деца биле испратени во Куба на лекување по зрачењето предизвикано од нуклеарната катастрофа во Чернобил што се случи во 1986 година.

- Не се чувствував како да сум на болница. Дури и болните деца уживаа.

Украинецот Рома Герус добро се сеќава на животот по катастрофата.

Нуклеарниот реактор во електраната во Чернобил експлодирал на 26 април 1986 година, приказна што е претставена во популарната телевизиска серија „Чернобил“. По несреќата Герус бил испратен во Куба на лекување заедно со уште 23.000 деца погодени од несреќата.

Програмата финансирана од кубанското министерство за здравје почнала во 1990 година и траела до 2011 година. Кубанските и италијанските власти објавија дека го продолжуваат ова партнерство.

- Отидов во Куба трипати. Првиот пат кога имав 12 години и таму останав 6 месеци. Потоа поминав уште 3 месеци, кога имав 14 години, а последниот пат, на 15-годишна возраст, поминав 45 дена - раскажува Герус.

- Секојпат беше различен, но уживав. Имам прекрасни спомени од сето тоа и би сакал да се вратам во Куба за да му го покажам островот на моето семејство - вели тој.

Герус раскажува за убавината на Куба откако бил испратен да закрепне од болест на кожата за која се сметало дека било последица од катастрофата во Чернобил. Сега Герус има 26 години. Не бил роден кога се случила експлозијата, но неговото семејство живеело во близина на нуклеарната електрана.

- На 10 или 11 години докторите ми пронајдоа бели точки на кожата. Тоа беше витилиго. Пробавме третмани во Украина, но докторите ми кажаа дека ми се потребни многу скапи лекови, иако не ми гарантираа дека и тие ќе ми помогнат. За среќа, мајка ми дозна за кубанската програма. На почеток не веруваше во неа бидејќи ѝ било кажано дека сè е бесплатно. Чекавме половина година, па одеднаш добивме повик. Ни кажаа дека заминуваме за две недели. Моите родители беа загрижени затоа што Куба е далеку, а јас бев многу млад, но веќе донесовме одлука - раскажува Герус.

1
Фото: Getty Images

Герус стигнал во Тарара, летувалиште на 30 километри источно од Хавана. Некогашната дестинација на која летувале богатите Кубанци, Тарара, била претворена во огромен здравствен комплекс по кубанската револуција од 1959 година. Тука кубанските власти сместиле илјадници пациенти од програмата за деца од Чернобил меѓу март 1990 и ноември 2011 година.

Програмата ја искористиле вкупно 26.114 луѓе, од кои 84 отсто деца - според статистичките податоци на кубанската влада. Пациентите главно биле од Украина, Русија и од Белорусија. Иницијативата успеала да ги преживее дури и сериозните проблеми со кои се соочувала Куба во 90-тите години, по распадот на СССР, главниот сојузник на оваа островска земја.

Комплексот во Тарара имал домови за сместување на децата и нивните придружници, две болници и клиника, училишта, паркови и театар. Комплексот се наоѓал на само 15 минути од плажата долга 2 километри.

Пациентите имале различни видови болести, од рак до церебрална парализа, како и деформации, дигестивни болести и психолошки нарушувања. Програмата ја воделе лекарите Хулио Медина и Омар Гарсија, а децата ги класифицирале во четири групи:

- оние со сериозни болести на кои им била потребна хоспитализација и кои можеле да останат на островот колку што барало лекувањето;

- оние со патологија што барала интернација, но не се сметала за сериозна - тие престојувале 60 дена или повеќе;

- оние што можеле да се лекуваат амбулантно - тие престојувале помеѓу 45 и 60 дена;

- релативно здрави деца - и тие престојувале помеѓу 45 и 60 дена.

Украинката Кристина Костенетска, која учествувала во програмата кога имала 12 и 13 години, спаѓала во четвртата група.

- Отидов во Куба во 1991 и во 1992 година. И во двете пригоди останав по 40 дена. Тоа е периодот што му е потребен на човечкото тело за да закрепне од ниската доза на радијација - раскажува таа.

Кристина објаснува дека Тарара имала две специфични зони: една за деца со сериозни здравствени проблеми и другата за деца што биле помалку болни, а кои се наоѓале во близина на Чернобил.

deca
Фото: Getty Images

- Живеевме во мали куќи во кои беа сместени по 15 деца. Немавме конкретен медицински третман, туку постојано ни го проверуваа видот и нè носеа на стоматолог - вели таа, потсетувајќи се на неверојатното море, зајдисонцата и сладоледот.

- Но, имаше и деца со сериозни здравствени проблеми. Некои имаа витилиго и мораа да носат долги ракави на сонце. Но, времето ги излекува некои од овие деца и го забрза закрепнувањето на другите - раскажува Кристина.

Роман Герус е еден од оние што закрепнаа.

- По второто заминување, исчезнаа сите бели точки. Земав лекови, но сонцето беше најдобриот лек. Многу пливавме, а одењето на плажа беше дел од лекувањето. Секогаш сакавме да одиме - вели тој.

Но, Дијана Куришко од Би-би-си сервисот за Украина објаснува дека постоеле контроверзии околу процесот на избор на деца.

- Пораснав во помалку контаминирана област, но јасно се сеќавам на последиците од чернобилската катастрофа - вели таа.

Оваа новинарка истакнува дека несреќата се случила во време на тешка криза во Украина. Семејствата не можеле да си дозволат да им купат на децата авионски билети за места на кои би можеле да закрепнат од последиците од радиоактивноста.

- Кога беше објавена програмата, луѓето мислеа дека ќе можат да си ги испратат децата таму. Но, требаше да имате многу среќа за вашето дете да оди. Не е јасен начинот на кој беа избрани децата. Многу деца не потекнуваа од скромни семејства - вели таа.

И покрај тоа, перцепцијата за програмата во Украина и во другите поранешни советски републики е позитивна.

- Имав можност да се уверам дека ситуацијата во која се наоѓаше кубанскиот народ беше тешка. Имаше голема сиромаштија, но тие и покрај тоа беа љубезни кон нас - од работникот во кујната до лекарот - вели Герус.