Проф. д-р Јане Ацевски, кандидат за ректор: Државата мора да ја поддржи автономијата на УКИМ и да го ослободи од политички влијанија
Факултети.мк ќе објави интервјуа со сите кандидати за ректор на УКИМ
Ќе се залагам за поголема интегрираност и соработка на сите единици на УКИМ за полесно да се надминат одредени образовни и научни проблеми во функционирањето. Особено ќе се залагам за што побрза трансформација и решенија за функционирањето на сите факултети во вонредни услови, како што е сега со Ковид-19, вели проф. д-р Јане Ацевски, кандидат за ректор на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје. Државата мора да го зголеми финансирањето на УКИМ за тој да стане подобар, смета кандидатот за ректор.
Јане Ацевски е професор на Шумарскиот факултет од Скопје
Ацевски е доктор на биотехнички науки. Тој е редовен професор на Факултетот за шумарски науки, пејзажна архитектура и екоинженеринг „Ханс Ем“ во Скопје.
Што прво ќе направите на УКИМ ако Ве изберат за ректор?
- Најпрво ќе биде потребно да се согледа моменталната состојба на УКИМ преку контакт со сите членки со цел да се согледа состојбата на секој факултет, нивните потреби од кадар, опрема и финансии. Со кои проблеми најчесто се среќаваат и какви се нивните видувања и можности за нивно решавање. Ќе се залагам за поголема интегрираност и соработка на сите единици на УКИМ за полесно да се надминат одредени образовни и научни проблеми во функционирањето. Особено ќе се залагам за што побрза трансформација и решенија за функционирањето на сите факултети во вонредни услови, како што е сега со Ковид-19. Со помош на стручни експерти од информатичкиот дел ќе се залагам за што полесна трансформација на образовниот систем, за тој да биде поедноставен и попристапен за сите студенти, но никако да не се изгуби квалитетот на наставните програми.
Имаме нов Закон за високо образование, кој беше најавуван на голема врата дека е во насока на враќање на автономијата на УКИМ и негов развој. Колку, според Вас, овој закон му помогна, а колку го забави напредокот на УКИМ?
- Во принцип ниеден Закон не е лош, тешкотиите секогаш доаѓаат во делот каде што тој треба да се имплементира. Бидејќи нашиот универзитет е државен, сметам дека државата треба да има силно влијание со поттикнување на неговата автономија, да го ослободи од политичките и партиски влијанија, силно и континуирано финансиски да го поддржи функционирањето. Сите треба да разберат дека колку е посилен УКИМ, толку и државата ќе има поголем бенефит.
На сите светски ранг-листи секоја година УКИМ оди сѐ подолу и подолу. Ако Ве изберат за ректор, што ќе преземете за да се смени оваа состојба?
- Преку еден пример ќе пробам да ви го објаснам овој проблем. Пред неколку години Белградскиот универзитет успеа да се вклучи во групата од 500 универзитети на Шангајската листа. Причина за ова беше големото вложување на државата (над 10 милиони евра) во научни проекти од кои произлегоа голем број трудови со висок импакт-фактор, а со тоа силно го подигнаа рејтингот на овој универзитет. Веќе следните години го прекинаа ваквото финансирање и повторно рејтингот се намали. Затоа, ако сакаме висок рејтинг на УКИМ, потребно ќе биде и поголемо и континуирано финансирање.
Со години наназад науката е ставка за која се извојува очаен дел од буџетот. Каква трансформација на ова поле предлагате?
- За добар економски развој на една држава, потребно е да имаме квалитетни научно-образовни институции кои се носители на севкупниот општествено-политички и економски развој на една држава. Затоа, предлагам државата со соодветни законски решенија да го зголеми процентот и начинот на финансирање на УКИМ.
Фото: Борче Поповски