Иван Чорбев, Ивица Милевски и Нина Геометриева со препораки до матурантите за полесно наоѓање на патот до идната професија

Иван Чорбев, Ивица Милевски и Нина Геометриева со препораки до матурантите за полесно наоѓање на патот до идната професија

Подготвил: Сања Јачевска

Лектор: Ивана Кузманоска

Идните студенти треба да го изберат она што навистина им лежи на срце, но доколку се во дилема, сепак треба да се одлучат за она што е поперспективно кај нас, смета професорот Ивица Милевски

Матурантите се на значајна крстосница деновиве. Нови предизвици им се на патот, битни одлуки и секој добронамерен совет и препорака им е добредојден.

Во пресрет на уписите за факултет, Ивица Милевски, универзитетски професор на Институтот за географија при Природно-математичкиот факултет, Иван Чорбев, професор и декан на Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство, и Нина Геометриева, дизајнерка во „Инстаграм“, споделија топли препораки и сет идеи кои би им помогнале на матурантите при донесувањето на идните одлуки.

Иван Чорбев: Треба да имате на ум кои професии имаат иднина, а кои згаснуваат



Матурантите бездруго треба да се запишат на факултет. Економијата на иднината е економија базирана на знаење и иновации. Кога едноставните работни места се заменуваат со роботи и вештачката интелигенција ќе ги замени рутинските активности, единствено човечката креативност ни останува наша уникатна моќ со која ќе го движиме светот напред и лично ќе напредуваме. За креативност е потребно претходно знаење. Ниските овошки се веќе собрани, едноставните иновации се одамна апсолвирани. Идните иновации се овошките кои растат на повисоките гранки и за да се стигне до нив е потреба скала. Скалата се образованието, трудољубивоста и упорноста.
Кога размислувате каде и што да студирате, треба да ги идентификувате вашите интереси и таленти. Да ги анализирате вашите досегашни академски достигнувања. Треба да изберете професија што ќе ја сакате. Во почетокот пробајте повеќе работи, но со текот на времето мора да се фокусирате. Треба да имате на ум кои професии имаат иднина, а кои згаснуваат. Обидете се да најдете идеален спој на вашите склоности и интереси, од една страна, и реалноста за успешна кариера во одредена професија, од друга страна.

Информатичките технологии и компјутерското инженерство се брзорастечки научни и бизнис-области кои отвораат многу хоризонти за лично надградување, квалитетно и брзо вработување, можности за сопствен бизнис и генерално неограничени можности во светски рамки.
Студирањето на ФИНКИ загарантирано ќе ве внесе во тој свет. Но, тоа не е доволна причина да се запишете на ФИНКИ. Не запишувајте се на ФИНКИ само затоа што од досега дипломираните студенти нема ниту еден што е регистриран како активен барател на работа во државава и надвор, запишете се ако имате пасија кон технологијата. Запишете се ако сакате да учите и да напредувате. Иако ФИНКИ важи за еден од потешките факултети, ФИНКИ ги отвора вратите од еден интересен и возбудлив глобализиран свет кој ќе ви биде на дофат. Дојдете ако сакате да го истражите.


Ивица Милевски: Не секогаш завршен факултет е виза за добра иднина



Почитувани матуранти, денес по светот многу повеќе од формалното образование се ценат знаењата и вештините. Токму затоа, борбата е за знаење, а не за диплома. Кај нас, пак, сѐ уште е многу побитна дипломата отколку квалитетот на стекнатите знаења и вештини. Сепак, времињата се менуваат и се надевам дека и тука знаењата и вештините ќе си го добијат своето значење. Во таа смисла, изборот многу ќе зависи од тоа какви очекувања за иднината има матурантот, каде ја гледа иднината (дома или во странство) и дали веќе покажал некакви афинитети или љубов кон одредена струка. Доколку иднината се гледа надвор од Македонија, тогаш секако препорака е студирање на некој од пореномираните странски универзитети со кои ќе им бидат широко отворени перспективите речиси низ целиот свет. Доколку, пак, сакаат да останат во Македонија, вистинската перспектива ја гледам во факултетите и струките со поголема практична применливост.

Идните студенти треба да го изберат она што навистина им лежи на срце, но доколку се во дилема, треба да се одлучат за она што е поперспективно кај нас. Во кој било случај, навистина е многу важно да се впијат што повеќе знаења за да може утре да ги применат без оглед дали во својата држава или надвор од неа. Всушност, знаењата не познаваат граници и се универзално препознаени. Мора да истакнам и дека во развиениот свет многу се води сметка за рејтингот на универзитетот и факултетот на кој се сака да се студира, а исто така и на квалитетот и достигнувањата на наставниот кадар на тој факултет. Во таа смисла, пак, добро е пред запишување да се провери веб-страницата на факултетот, да се погледнат информациите за насоките, можностите за вработување, расположливиот наставен кадар и нивните биографии. Добро е доколку сѐ уште постојат дилеми, да се контактира самиот факултет или наставниот кадар и да се добијат дополнителни појаснувања и информации. Според мое мислење, не секогаш завршен факултет е виза за добра иднина. Имено, многубројни струки, занаети и занимања може да обезбедат солидна и перспективна иднина. Токму затоа не треба по секоја цена да се инсистира на завршување факултет, туку поважно е идниот самостоен и возрасен човек да има љубов и вештини кон нешто што може да му обезбеди сигурна иднина.

Нина Геометриева: Не го завршив факултетот и успеав да направам кариера



Мојот универзален совет е: - Оди во странство и помини барем година-две таму.“ Живеењето во 4 држави на 3 континенти ми даде друга перспектива за светот, и гарантирам дека кој било би научил нешто од такво искуство. Јас не го завршив факултетот и успеав да направам кариера и покрај тоа, но ако сум искрена, имиграцијата е многу, многу полесна со диплома. Денес има многу материјали за самообучување онлајн, но таа калкулација треба секој индивидуално да си ја направи, зависи од човекот, професијата и кариерните цели. Како и да е, со среќа!

Фото: приватна архива