Патопис: Убавините на Беловиште и Беловишките Водопади

Патопис: Убавините на Беловиште и Беловишките Водопади

Доколку сакате да го вдишете мирисот на Шара, да го слушнете жуборкањето на дивите планински води кои се спуштаат од високите врвови и да рекреирате на некои од убавите шумски патеки, тогаш за вас идеално место е селото Беловиште и патеките до Беловишките Водопади.

Селото Беловиште се наоѓа во пазувите на Шар Планина на оддалеченост од Тетово околу 20 километри. Пристигнувањето во ова село значи крај на секојдневните обврски и бегање од градската гужва и стресот што ги носат урбаните средини. Беловиште за викенди е посетено од голем број гости од Полошкиот и поширокиот регион. Селото го краси Беловишка Река, која извира од врвот Пирибек и тече низ живописен предел. Беловишка Река има мошне студена и брза вода која го разубавува целокупниот природен амбиент. Оваа река месното население уште ја нарекува и со топонимот Јелика.



По речниот тек на Беловишка Река се наоѓаат три поголеми водопади, првиот се наоѓа до излетничкото место Петочко Водиче со височина околу 12 метри и се вика Враживир, средниот водопад е највисок со 43 метри и се нарекува долна Цкала и третиот водопад познат како Горна Цкала со височина од 20 метри се наоѓа во тешко пристапен терен. Среднот водопад на Беловишка Река преставува највисокиот водопад на Шар Планина и несомнено преставува една важна туристичка понуда на Беловиште и под шарпланинскиот регион.



Оваа селска населба е мошне стара, а тоа го потврдуваат археолошките остатоци кои потекнуваат од доцноантичкоот период, најпознати архиолошки локалитети во Селото Беловиште се градише и Поле-Теагро. Историјата, природата, сакралните објекти и вкусната храна во околните ресторани ја прават оваа селска населба една од најубавите за посета во шарпланинскиот регион. Тука може да уживате во услугата на многу ресторани од кои посебно се истакнуваат „Белојши бисер“, ресторан „Арома“, ресторан „Викендица“ и други.



Доколку не сте љубител на прошетки и сакате да уживате во природниот амбиент, тогаш идеална опција е излетничкото место Петочко Водиче. Името Петочко Водиче е добиено по лековитиот извор кој се наоѓа во еден од црквичките во месноста.

На ова излетничко место се слуша жубурењето на Беловишка Река и тука се изградени одлични летниковци, а за време на викендите може да се сретнат многу луѓе.



Излетничкото место е дополнето со две црквички - едната е посевтана на Свети Јован Крстител, а другата е Света Петка.

За една од црквите во Петочко Водиче (Света Петка) постои верување дека водата има лековити својства и помага за очни заболувања и поради тоа и не е мал бројот на луѓе кои одат таму поради здравствени причини.



Најпосетуваните планинарски рути кои започнуваат од селото Беловиште се оние за освојување на врвовите Пирибег или Ливадица , но за освојување на овие врвови е потребна добра физичка кондиција. За пократка прошетка во природа, која не бараат посебна физичка подготвеност е посетата на третиот Беловишкиот Водопад со височина од 20m.



Погледот кон водопадот е фасцинантен, тој тече низ карпи и често се созадава водена завеса од самата вода. Беловишкиот Водопад, според атрактивноста на целиот амбиент, со сигурност може да се вброи меѓу првите десет најатрактивни водопади во Македонија, вели професор Дарко Оносимоски. Како што и самиот вели, посетил многу водопади во нашата земја како на пример Камењански Водопади на Камењанска Река, Дуфскиот Водопад на Ростушка Река, Колешинскиот Водопад по долниот тек на реката Баба, Смоларскиот Водопад на реката Ломница, Пехчевските Водопади, сите неспорно располагаат со своја убавина, но овој има свои посебен шарм и магија.



Постојат многу други нешта во ова село и околната природа кои доправа треба да се истражат. Доколку го разбудивме чуството на љубопитност за посета на овој крај, не двоумете се да го посетите овој скриен туристички потенцијал за нашата земја.

Автор на текстот и фотографиите: професор Дарко Оносимоски