Нешто чудно им се случува на очите додека дишеме

Нешто чудно им се случува на очите додека дишеме

Подготвил: Билјана Спиркоска

Лектор: Ивана Кузманоска

Очите ни помагаат да го впиваме светот околу нас и може да откријат многу за нашите внатрешни светови. Мистериозно, нашите очи исто така може да се менуваат со дишењето. Во нова студија, истражувачи од Шведска и Холандија откриле дека зеницата на окото се менува со секое вдишување и издишување.

Повеќе од сто години знаеме дека зениците одговараат на светлината, но студиите за тоа дали се прошируваат и собираат со дишењето досега беа контрадикторни.

Некои истражувања сугерираат дека зениците се прошируваат како што вдишуваме, додека во 2022 беше објавен осврт во кој беше наведено дека нема уверливи докази за тој феномен.

Затоа невронаучникот Мартин Шефер од Институтот „Каролинска“ во Шведска и неговите колеги решиле да се посветат на ограничувањата од претходните студии. Во серија експерименти тимот користел специјална камера за да ја мери големината на зениците на повеќе од 100 волонтери додека одморале и извршувале визуелна задача.

- Големината на зеницата доследно го достигнува минимумот околу почетокот на вдишувањето и максимумот за време на издишувањето - пишува во извештајот на истражувачите, кој сега чека стручна рецензија.

Истата шема била присутна и кога волонтерите извршувале едноставна визуелна задача или едноставно зјапале во една точка, кога дишеле преку носот или устата.

Ова е спротивно на претходните публикации во кои се наведува дека зениците се најмали при издишување. Сепак, врз големината на зеницата влијаат многу нешта, па на научниците им биле потребни неколку циклуси на дишење за да дојдат до заклучокот. Ова може да биде објаснување за некои од минатите контрадикторни резултати.

Но, истражувачите имаат некои теории за менувањето на големината на зеницата. Претходни студии сугерираа дека помалите зеници се подобри во распознавање детали, додека поголемите се подобри во детектирање бледи дразби. Големината на зеницата се менува и според емотивната состојба, како одговор на лекови или наркотици итн. Лекарите може да ги користат зениците за да измерат ниво на свесност и да детектираат ментални здравствени состојби, па нивното разбирање би можело да ги направи помоќни индикатори за дијагнози.

Истражувањето е објавено во bioRxiv.

Извор: Science Alert
Фото: Freepik