Островот на мртвите - изгледа како сцена од хорор-филм, крие мрачна тајна и пристапот е забранет

Островот на мртвите - изгледа како сцена од хорор-филм, крие мрачна тајна и пристапот е забранет

Подготвил: Маја Пероска

Лектор: Ивана Кузманоска

На прв поглед Островот на мртвите (Дедменс ајленд) изгледа како сцена од хорор-филм или од роман на Стивен Кинг. Овој остров, кој се наоѓа во близина на брегот на Кент, недалеку од Лондон, стана почивалиште на затворениците што умреле на „затворските бродови“. Нивните останки сега излегуваат од калта, откривајќи ги мрачните тајни од минатото.

Островот Дедманс се наоѓа на устието на реката Свејл, спроти Квинборо на островот Шепеј. Иако може да се најде на мапата, пристапот до островот е забранет. Причина за тоа се многубројните птици што се гнездат таму во сезоната на парење, што го прави островот недостапен за посетителите.

Единствените знаци на човечко присуство се дрвени ковчези и скелети закопани под шест метри кал. Сега, поради ерозијата на крајбрежјето, тие остатоци се изложени. Според извештаите на Би-би-си, островот е во сопственост на „Натурал Ингланд“ и е даден под закуп на две приватни лица.

Островот како место од посебен научен интерес

Островот е снимен како место од посебен научен интерес и меѓународно признат според Рамсарската конвенција. Во 2017 година островот ѝ го привлече вниманието на јавноста кога екипата на Би-би-си аут доби ретка можност да го истражи ова заборавено парче земја. Водителката на шоуто, Натали Греам, го споделила своето искуство велејќи:

- Она што го видов таму ќе остане со мене засекогаш. Тоа е навистина чудна глетка. Мислам дека нема такво нешто никаде на светот.

Режисерот Сем Сапл ги опишал своите впечатоци:

- Како да сте на снимање на хорор-филм. Изгледа толку нереално, како сетот да е дизајниран за филм. Насекаде има отворени ковчези и коски.

Темната историја на островот

Областа околу островот е наречена „Заливот на ковчегот“ поради глетката на отворени ковчези и човечки останки расфрлани по брегот. Локалниот фолклор, поттикнат од духовната атмосфера на островот, раскажува за духови кучиња со крваво црвени очи кои ги јаделе главите на закопаните тела, придонесувајќи за ужасната репутација на островот како „место каде што живеат мртвите“.

Сепак, вистинската приказна за Островот на умрените е трагедија. Во 18 и 19 век затворениците биле чувани на „затворски бродови“, пловечки затвори во близина на островите. Еден од тие бродови го носел озлогласеното име „Ретрибјушн“.

Овие затвореници, некои на возраст од десетина години, осудени за ситни злосторства како што е џебна кражба, требало да бидат депортирани во Австралија. Но, оние што биле премногу болни за да патуваат, умреле на тие бродови закотвени кај островот Шепеј..

 

Телата на овие несреќни души биле закопани во необележани гробници на островот Дедменс за да се спречи ширење на болеста меѓу локалното население. Сега, при слаб прилив, островот ја открива својата мрачна историја, иако никој не го знае идентитетот на закопаните. Експертите се соочуваат со предизвикот за зачувување на посмртните останки на островот поради немилосрдната ерозија.


Островот на мртвите останува зачудувачки и застрашувачки доказ за мрачното минато, поттикнувајќи размислување за човештвото и потребата да се зачуваат историските места за подобро да се разберат приказните што тие ги чуваат.

Извор: klik.hr

Фото: YouTube screenshot