Ана и Ненад направиле дом на тркала и патуваат со него низ Македонија

Ана и Ненад направиле дом на тркала и патуваат со него низ Македонија

Подготвил: Сања Јачевска

Лектор: Ивана Кузманоска

Ана Јаневска и Ненад Лазаров патуваат низ Македонија со своето комбе, кое сами го имаат уредено. Во него поставиле и кревет на спуштање, соларен панел за струја, мини-кујна...

Кафе на изгрејсонце, уживање во раѓањето на денот, фотографирање на моментот, омилениот појадок - јајца со сирење, мала прошетка во околината, наљубување на природата, рибарење, планинарење, зависно што е на дневната агенда и што ќе понуди дестинацијата. Вака изгледаат викендите на Ана Јаневска и Ненад Лазаров, кои патуваат низ Македонија со своето комбе кое сами го имаат уредено.



Убавината на кампувањето со комбе е во тоа што ниту еден ден не е ист. Речиси секој викенд се будат на различно место, а и природата секогаш ги гости со разни бои и облици, слики и видици.

Спој на естетиката и функционалноста – им требале 2 месеца

Времето поминато во кампување е вистинска инвестиција. Помалку комфор, повеќе живот. Ана и Ненад се кампери со искуство, а комбето е само надградба на нивниот камперски живот.



- Бидејќи често, но кратко кампувавме со шатор (1-3 дена), сакавме да можеме да останеме повеќе време во природа и притоа да ги имаме сите услови потребни за нормално функционирање. Па така решивме да направиме комбе-кампер кое ќе ни го овозможи сето тоа. Целиот процес околу уредувањето на нашиот нов дом на тркала траеше околу два месеца. Почнавме со отстранување на непотребните и стари работи од комбето, па продолживме со поставување изолација и внатрешен ентериер - раскажува Ана.

Тие го пренамениле комбето во комбе-кампер, го однеле на атест каде што го испитувале дали ги исполнува сите услови (вентилација, сигурна конструкција и слично).

За тоа колку чини ваков проект, велат дека зависи од тоа како сакате да биде уредено комбето.

- За нашето комбе ни беа потребни повеќе финансиски средства бидејќи го обезбедивме со електрична енергија со помош на соларен панел, канистри за вода, добра изолација, интересен ентериер со многу детали и слично - вели Ана.

Таа била задолжена комбето да изгледа убаво на око, а Ненад - да биде функционално. Па така нашле компромис и ја споиле естетиката со функционалноста.



- Некоја голема мака не сме имале бидејќи сето ова го правевме со голем ќеф и секоја пречка ни изгледаше лесно минлива, иако имаше нервозни моменти, бидејќи сепак е комбе и сè мораше да биде наместено под агол. Многу ни е драго што успеавме нашата замисла да ја реализираме во целост и да создадеме нешто посебно и уникатно - раскажува Ана.

Живот во минимален простор

Големината на комбето им овозможила да ги имаат сите основни услови како, на пример, кревет на спуштање, соларен панел за струја, мини-кујна, а и да се чувствуваат удобно внатре.



- Единствено нешто што недостига е туш со топла вода, кој планираме да го направиме наскоро, и греење за во зима, бидејќи планираме комбето да ни биде достапно во секое годишно време - вели Ненад.
Домот е таму каде што ќе се паркираат.

- Убавината на кампувањето со комбе е во тоа што не си зависен од ништо и можеш да уживаш во природата доволно време за да се одмориш од секојдневието. Каде и да решиме да одиме, едноставно тргнуваме и се паркираме, без притоа да се грижиме дали ќе најдеме сместување, дали ќе врне и слично. Уживаме во секое изгрејсонце и зајдисонце што ни ги нуди природата. Уживаме и во секоја уловена риба, секој паднат метеор и многу други едноставни работи што нè исполнуваат. Да се живее надвор од комфорната зона понекогаш е многу корисно, бидејќи на тој начин се приспособуваш на многу нови работи кои вреди да се видат и доживеат. Во овој случај се навикнуваш да живееш во минимален простор со основни услови за живеење, а сепак да ја почувствуваш големината на природата - подвлекува Ана.



Омилена точка - Мавровица

Затоа што комбето им е релативно ново, досега со него имаат кампувано во Берово, Дојран и Пониква. Следни дестинации им се Охрид, Преспа, и фантастичната Галичица, каде што се надеваат дека ќе најдат магични точки за стационирање. Догодина во план им е да ја прошират мапата и да го истражат камп-животот надвор од нашите граници. На прашањето како го одбираат местото каде да се лоцираат, велат...

- Прво внимаваме да држиме дистанца со светот, местото да е подалеку од многу народ и да има убав поглед во кој ќе можеме да уживаме. Најчесто одбираме локација покрај езеро, но секако ги разгледуваме и сите планински опции до кои комбето може да отиде. Чистиот воздух и зелената природа ни се приоритет. Омилено место за кампување, кое го посетуваме многу често, е езерото Мавровица во близина на Свети Николе. Убаво место за кампување, риболов и многу дружби. Каде и да одиме, таму секогаш се враќаме - подвлекува Ана.



Работен состанок на една од кривините на патот

Со оглед на тоа што често се во движење, неретко се случува и да работи на далечина, вели Ана.

- Се случува да морам да работам во комбето и затоа многу битен фактор ни беше струјата. Баш додека патувавме накај Дојран имав состанок на една од кривините на патот. Посакувам да го искомбинираме патувањето и работењето да бидат дел од нашиот живот, бидејќи нема поубаво од можноста за спојување на природата со работата - дополнува Ана.