Психолошката причина зошто имате проблем да се фокусирате

Психолошката причина зошто имате проблем да се фокусирате

Подготвил: Драгана Петрушевска

Лектор: Ивана Кузманоска

Доколку имате проблем да се фокусирате на одредена работа во последниве месеци, не сте единствени. Ова не е проблем со одложување на обврските, туку проблем предизвикан од пандемијата.

Многумина се под стрес поради пандемијата, а лекарите тоа го нарекуваат алостатски товар. Тој ги објаснува стресот и вознемиреноста што ги носиме како индивидуалци пред целосно да „изгориме“.

Уна Мекен, професор по психијатрија и бихевиорални науки на „Џонс Хопкинс“, вели дека ова е поврзано со нивото на возбуда што го чувствуваме. Недостигот на возбуда може да влијае врз фокусираноста исто како и преголемата возбуда. Оптималното ниво е некаде на средина.


Фото: Pixabay

Како пример таа ги зема спортистите. Спортистот не може да фрли добра топка доколку е премногу вознемирен и доколку паничи, но нема да фрли добра топка ни доколку е поспан. „Зоната“ на совршено ниво на возбуда и активност се наоѓа некаде во средината.

Ситуацијата со Ковид-19 и другите настани што се случуваа годинава влијаат врз алостатскиот товар што го носат луѓето. Во суштина, сите носиме алостатски товар во моментов. Тој може да биде предизвикан од премногу негативни вести, премногу активности поради пандемијата или анксиозноста поврзана со задолжителното носење маски.

Што и да е причината, таа е поврзана со пандемијата и е емоционално заморна. Затоа имаме чувство на безнадежност, нефокусираност и премореност.


Фото: Pixabay

Што може да сторите за повторно да ја вратите волјата и да ја подобрите концентрацијата?

Решението се разликува од човек до човек и од ситуација до ситуација. За некои луѓе, решение може да бидат почестите средби со пријателите, макар виртуелно, додека за други тоа е долг сон и одмор. Мекен препорачува фокусирање на активностите што се продуктивни и насочени кон иднината, како градинарство или започнување нов режим на вежбање. Ваквите активности ќе ви помогнат да се чувствувате како да давате придонес за себе или за светот.

Помагаат и активности како јога и медитација, па дури и едноставното слушање музика. Запомнете дека треба да слушате што ви вели телото. Во ред е само да седите и да не правите ништо доколку чувствувате потреба за тоа.

Автор: Џенифер Билок
Извор: mentalfloss.com