Кaко се случило најголемото масовно изумирање во историјата на Земјата?

Кaко се случило најголемото масовно изумирање во историјата на Земјата?

Подготвил: Тамара Гроздановски

Лектор: Ивана Кузманоска

Најголемото масовно истребување во историјата на Земјата се случило пред околу 252 милиони години и го означило крајот на периодот наречен перм и почетокот на периодот тријас. Приближно три четвртини од целиот жив свет на копно и околу 95 отсто во океаните исчезнаа за само неколку илјади години.

Вулканската активност во денешен Сибир и ослободувањето на големи количини метан од морското дно долго време се главните „виновници“ кога се дискутира за потенцијалните активирачи на тогашното масовно изумирање на Земјата. Но, точната причина и редоследот на настаните што доведоа до масовно истребување остануваат контроверзни.

Користејќи ги најновите аналитички методи и детални пресметки, научниците од ГЕОМАР Хелмхолц центарот за истражување на океанот во Кил во соработка со Центарот за истражување за геолошки науки во Постдам успеале да извршат детална реконструкција на геохемиските процеси што довеле до масовно истребување.

За истражувањето тимот користел примероци од претходно запоставената еколошка архива - фосилната обвивка на брахиоподи.

1
Фото: Renato Posenato

- Ова се организми слични на школки што постојат на Земјата повеќе од 500 милиони години. За нашата анализа користевме добро сочувани фосили на брахиоподи од јужните Алпи. Овие школки живееле на дното на океанот Тетис пред 252 милиони години и „ги запомниле“ еколошките услови непосредно пред и на почетокот од истребувањето - вели Хана Јурикова, главен автор на истражувањето.

Со мерење различни изотопи на елементот бор во фосилизираните школки тимот бил во можност да ги следи промените во pH-вредностите во океанот пред 252 милиони години. Бидејќи pH-вредноста на морската вода е тесно поврзана со концентрацијата на јаглероден моноксид во атмосферата, станала можна и неговата реконструкција. За анализата тимот користел изотопи со висока прецизност во ГЕОМАР, како и микроанализа со висока резолуција на современ јонски спектрометар со голема геометрија во Центарот за истражување за геолошки науки во Постдам.

- Со овој метод не само што можеме да ја реконструираме еволуцијата на концентрација на СО2 во атмосферата туку можеме и јасно да ја следиме до вулканската активност. Растворањето на метан хидрат, што е предложено како дополнителна потенцијална причина за истребување, е малку веројатно врз основа на нашите податоци - објаснува Маркус Гутијар, коавтор на истражувањето, кој работи во ГЕОМАР.

Како следен чекор, тимот ги вметнал своите податоци од истражувањата за бор и дополнителни изотопи на јаглерод во компјутерски модел што ги симулирал процесите од тоа време на Земјата. Резултатите покажале дека затоплувањето и закиселувањето на океаните, поврзани со огромното ослободување на вулкански СО2 во атмосферата, биле фатални и дека на самиот почеток дошло до истребување на повеќето морски организми.

Сепак, емисиите на СО2 имале и понатамошни последици; со порастот на глобалните температури предизвикани од ефектот на стаклена градина се зголемило и влијанието на хемиските реакции на копно. Во текот на илјадници години сè повеќе хранливи материи стигнале покрај реките и бреговите. Резултатот бил голема потрошувачка на кислород и промени во целосните циклуси на елементите.

- Овој домино-ефект доведе до колапс на меѓусебно поврзаните животни циклуси и процесите на крајот довеле до катастрофални пропорции на масовно истребување на границата меѓу периодите перм и тријас - вели Хана Јурикова.

- Без овие нови методи би било тешко да се реконструираат процесите на животната средина пред повеќе од 250 милиони години со ист број детали што ги имаме сега. Покрај тоа, новите методи може да се применат и на други научни области-  заклучува коавторот на истражувањето, Антон Ајзенхауер.

Фото: Dawid Adam Iurino / PaleoFactory, Sapienza University of Rome