Дали знаете што значи терминот „мозок-пуканки“? Сѐ повеќе луѓе го имаат овој проблем

Дали знаете што значи терминот „мозок-пуканки“? Сѐ повеќе луѓе го имаат овој проблем

Подготвил: Тамара Гроздановски

Денес, поголемиот дел од луѓето поминуваат повеќе од десет часа дневно пред екраните, а часовите се трошат на социјалните мрежи. Количината на содржината на овие мрежи е неисцрпна, а алгоритмот е прилагоден на секој поединец со цел да му ја покаже само содржината што би можела да му биде интересна, што доведува до постојано „скролање“ и барање нешто уште поинтересно. Ова чувство им е добро познато на сите.

Но, поради толку честото „скролање“ и големата количина на информации и различни содржини со кои сме бомбардирани, на луѓето денес им е сѐ потешко да се концентрираат и да го задржат вниманието на една работа бидејќи мозокот постојано бара нешто ново, а фокусот и вниманието скокаат од една работа на друга.

Со оглед на тоа што ваквите ситуации се чести, научниците дојдоа до соодветно име - „мозок-пуканки“, односно во слободен превод тоа би дошло мозок како пуканки.

Овој термин првпат беше употребен пред 13 години од научникот од Универзитетот во Вашингтон, Дејвид Леви. Името се однесува на пукањето на пуканки кога ги ставаме на масло, односно колку брзо пуканките пукаат на врело масло, толку брзо нашите мисли се префрлаат од една на друга. Според едно претходно истражување, дури повеќе од 60 отсто од светската популација користи социјални мрежи, каде што поминува речиси два и пол часа дневно.

Секој пат кога гледаат нови објави, известувања и слично, во нив се активира мала доза допамин, што го наградува мозокот, но и го рестартира истиот циклус, што ги тера луѓето да продолжат да „скролаат“, објаснува психологот Даниела Хејг. Таа нагласува дека со текот на времето, ова постојано барање на внимание и прелистување низ нови објави предизвикува чувство на ментален немир, односно чувство на „тркање на мозокот“ кое се бори да го задржи фокусот на една задача малку подолг период.

Исто така, мозокот како пуканки може негативно да влијае врз социјалните интеракции, трпението, емоционалната благосостојба и продуктивноста, а во исто време ја зголемува анксиозноста и можноста за исцрпеност.

Тоа значи дека постојаната дигитална стимулација значително влијае врз нашиот мозок, како што покажало претходното истражување спроведено од научници од Универзитетот во Калифорнија.

Резултатите од истражувањето посочуваат дека просечниот распон на внимание на луѓето на екраните се намалил од две и пол минути колку што беше во 2004 година, на 75 секунди во 2012 година, а сега е намален на 47 секунди. Со оглед на тоа што продолжуваме да поминуваме премногу време на екраните, не е тешко да се заклучи дека овој распон ќе биде уште пократок во иднина.

Извор: Nypost.com
Фото: Freepik