Интервју со Галеб Никачевиќ: „За успех е потребен континуитет, а не водење по трендови“

Интервју со Галеб Никачевиќ: „За успех е потребен континуитет, а не водење по трендови“

Подготвил: Билјана Спиркоска

Лектор: Ивана Кузманоска

Стотици поткасти, илјадници следбеници и милионски број на прегледи се цели кон кои се стреми секое лице што се занимава со поткасти. Повеќечасовното задржување на вниманието на таа огромна публика, секоја недела, со актуелна и квалитетна содржина создадена во разговор со стручни и интересни соговорници, е цел која ретко кој може да ја постигне, особено ако подготвеноста на водителот треба да е на постојано високо ниво. Сепак, сите овие одлики како да се собрани во едно интересно и специфично име - Галеб Никачевиќ Хаши-Јаре.

Галеб е српски новинар кој ја започна кариерата во ТВ „Метропполис“, а работеше и за „Ем-ти-ви Адрија“ како водител, музички уредник и заштитно лице на Ем-ти-ви на Балканот. Тој беше уредник на порталот „Вајс“, како и на „Ноиз“, но најпрепознатлив е по поткастот наречен „Агеласт“. Од музика до квантна физика и механика, темите на кои Галеб разговара со соговорниците се различни, но сепак интересни за да ви го задржат вниманието неколку часа. Секој поткаст го завршувате со уште некој проширен видик, научено нешто ново и со воодушевеност од подготвеноста на Галеб и неговата темелност и одлично познавање на темите.

Со Галеб разговаравме за почетоците и развивањето на „Агеласт“, за новите проекти и за тајната на неговиот успех. Во продолжение може да го прочитате интервјуто со поткастерот за кого сите позитивни придавки би ги ставиле во суперлатив.

Каков беше твојот професионален пат и како „Агеласт“ стана она што е денес, а ти едно од најпрепознатливите лица во регионот?

- Не знам колку сум препознатлив, за тоа би требало да суди некој друг затоа што јас навистина не можам да имам таква слика, а не е ни примерно сам да зборувам за тоа како се гледам себеси, но регионот ни е важен затоа што искрено веруваме дека без оглед на сите овие години, делиме еден ист културен простор и во суштина си припаѓаме едни на други. Нашето заедништво е нашата најголема вредност и најголема предност. Мојот пат, како и секој друг, беше бавен, постепен, често очаен и залуден. Полн со грешки и погрешни свртувања и потоа - пуф! - ти се случува успех, а ни самиот немаш поим како. Потребни се дваесет години искуство за успех преку ноќ.



Веруваме дека почетоците со поткастите не биле лесни, па нè интересира што најмногу ти помогна кога го започна проектот? Дали претходното искуство во новинарството или некои други фактори? Како го помина патот од барање спонзори и гости на почетокот, со оглед на тоа што поткастот почна во екот на пандемијата на ковид-19? Или можеби пандемијата беше од помош затоа што сите бевме затворени дома и повеќе време минувавме пред екран?

- Почетокот, веројатно како и секој таков почеток, не беше амбициозен, па во врска со тоа немавме таков вид проблеми затоа што не ни размислувавме за тоа. Поткастот го почнавме во 2019 година, пред ковидот. И тоа, во суштина, ни беше хоби. Нешто што на почетокот го работев бидејќи со преминувањето на ново работно место добив позиција на уредник и првпат во животот немав договорна обврска како заштитно лице и можев да работам што сакам, барем во тој поглед, барем во теорија. Во практика, секако, тоа не беше така, но тоа е веќе друга тема. Следев поткасти и сакав еден уште од 2014 година, но картите се отворија дури во 2019 година. Почнавме незадолжително да снимаме разговори што, секако, ги водевме со наши пријатели, за кои сигурно знам дека се интересни и дека имаат што да кажат, а некако баш такви луѓе ни недостигаа во медиумскиот екосистем. Поточно, создававме содржина што ни недостигаше, но само нам, не размислувавме дали тоа ќе им се допадне и на некои други луѓе. Имаше почетен ентузијазам, но без идеја дека тоа сега ќе биде нешто големо, а не пак најголемо нешто што сме го работеле досега, особено по сè што поминавме во годините пред тоа. Потоа дојде ковидот и во сиот тој хаос, сепак, ненадејно ја донесе и таа огромна публика онлајн. Изгледа дека, сепак, во секој успех мора да има барем малку среќа. Новинарското искуство, секако, во одредена мера беше од вредност, но интернетот има свои правила и закони и приспособувањето на овој медиум не е нужно ни едноставно ни лесно. Многу често тука многу подобро поминуваат луѓето кои се „нејтив“ во таквото опкружување отколку луѓе од традиционални медиуми. Сепак, тоа е меч со две острици.



Колку луѓе стојат зад поткастот и колку време е потребно за да се направи емисија, од подготовка до финален производ, со оглед на тоа што соговорниците секогаш се од различни области, а ти си совршено подготвен во секоја емисија?

- Нè има седуммина во тој некој потесен круг, а во поширок 12, засега. Но, тоа е така затоа што го развиваме „Агеласт“ како продукциска куќа, не само како место каде што се креира поткаст и идејата е да расте како канал за дигитална содржина, но ќе видиме дали тоа ќе ни појде од рака. Наше е да се обидуваме. За самите поткасти не постои стандарден модел на подготовка бидејќи секоја тема има свои барања и нужности. За некои области е потребно повеќе, за некои помалку време. Сè зависи од барањата на темата и мојата претходна упатеност во содржината. Постојат епизоди за кои воопшто не се подготвувам, т.е. речиси воопшто. Но, постојат и теми за кои сум се подготвувал со месеци.


„Агеласт“ е проект што доживеа голем успех и поткастите се можеби најслушани и најгледани во регионот, покрај тоа што траат неколку часа. Која е тајната состојка?

- Искрено, не знам. Тоа треба да го каже некој попаметен од мене, од нас. Веројатно сме преблиску до тоа што не можеме да го видиме. Мојата претпоставка е дека се пресликува нашата лична заинтересираност. Не сме најдобри во тоа, не сме најтемелни, не сме најхаризматични, сè има многу мани, но публиката е тука... Веројатно нешто правиме како што треба. Ми се чини дека тоа е искрената човечка заинтересираност. Немам друго објаснување.




Фотографии од снимањето на филмот „Трка на крајот на светот“

Дали Балканот е погоден терен за вакви емисии или имаме уште работа? Дали некогаш би се вратил на телевизија, но со емисија од типот на „Агеласт“?

- Балканот е погодно поднебје, како и кое било друго. Сите луѓе на светот се исти, па и ние не се разликуваме. Она што се разликува се околностите, децениите лудило оставиле генерациска трага. Така што, поднебјето е погодно, само има многу, многу работа. И долго време таа работа нема да донесе пари, па препуштањето на неа подразбира жртва, а тоа не го сака секој. И не, не би се вратил на телевизија. Барем не на оваа и ваква телевизија, со вакви уредувачки политики. Ќе видиме воопшто која е иднината на телевизијата.

 

Со оглед на тоа што во Србија се снимаат разни реални шоуа и се емитуваат низ Балканот, а поткастите се на сосема другата страна на медиумскиот простор, дали мислиш дека еден ден доминацијата би можела да премине на страната на поинаквата содржина? Има ли надеж дека нешто ќе се промени?

- Во дигиталниот свет луѓето сфатија дека постојат два принципа за привлекување сообраќај на своите канали, а тоа се „shock value” и „entertainment value”. Ние се обидуваме во нешто што го нарекуваме „curiosity value”, па да видиме дали ќе ни успее. Постои она што луѓето го сакаат и постои она што им треба на луѓето, и тоа не се нужно две исти нешта.

Како гледаш на ситуацијата во медиумите, барем во Србија, а и во регионот, ако ги следиш? Дали остана професионализам во новинарството и каква иднина го очекува? Дали и како мислиш дека програмата во сите медиуми влијае врз животот на луѓето, особено врз младите?

- Професионализмот во новинарството отсекогаш бил тука, никаде не исчезна. Проблемот е во тоа што новинарство и новинари ги нарекуваме оние што не ја заслужуваат таа титула. Значи, проблемот не е во практиката, туку во именувањето и давањето простор на таква содржина. Постојат закони, постои етика, сè било тука отсекогаш и ќе биде, но фактот дека тоа не се применува е нешто сосема друго. И секако дека влијае, но тоа што влијае и како влијае не е интерес на профит. Интерес на профитот е профит, а влијанието ја интересира политиката. Во креирањето на мејнстрим-содржините, за жал, трето влијание моментално немаме.



Покрај поткастот, тимот на „Агеласт“ работи и на документарни емисии и музички сезони. Неодамна излезе нова сезона, прва регионална, па можеш да ни кажеш нешто повеќе за тоа.

- Музиката е нешто што го обликувало секој член на нашиот тим. Таа одигра голема улога во нашите животи и кога природно се отвори патот кон музиката, ние тргнавме по него како природен чекор напред. Не беше нешто за што зборувавме, одлука која се носела на некој состанок. Само се случи и растеше како што растеа нашите капацитети. Она што на почетокот беше ограничување се претвори во креативна предност. Регионот отсекогаш ни беше цел, но немаше можности. Сепак, премногу нешта треба да се поклопат за да се случи регионална соработка кога станува збор за сесија. Музиката, која на сите нам ни беше и ни остана важна, исчезна од традиционалните медиуми. Исчезна од етерот, барем онаа авторската, слободарската. Мејнстрим-бизнисот, кој отсекогаш е присутен, сепак, изеде сè. И оној мал независен пазар сега стана речиси целосно невидлив. Но, тоа не е нужно лош знак, само дека повторно сме андерграунд, што истовремено е и можност. Или барем се надевам дека е.


За крај, која е твојата порака за оние што почнуваат со поткасти и целта им е голем успех?

- Континуитет. Тоа е правило број еден. Ако почнувате, нема запирање. Лоша епизода? Мора да оди. Болни сте, имате обврски, летување, работа? Епизодата мора да оди. Немате инспирација? Епизодата мора да оди. Снимивте 234 епизоди и нема запирање? Епизодата мора да оди.

Луѓето лесно се фаќаат за ентузијазмот, но тој брзо избледува. Мора да бидете сигурни дека тоа е баш она што го сакате, а не да се водите по трендот. Поткастот е место резервирано за трпеливите, особено сега кога пазарот е заситен и тешко е да се дојде до нова публика. Вистина е дека на некои луѓе на почетокот им беше многу полесно затоа што просторот беше празен, но тоа е реалноста.

По континуитетот, важен е и моралниот и етички компас. Тој нема да ви донесе пари и мејнстрим-публика на почетокот, но повторно, како и сè друго, со годините ќе донесе. Или барем се надевам дека ќе донесе, бидејќи јас сè уште чекам. Но, има назнаки.






Фотографии: Архива на „Агеласт“