Полска радиостаница ги замени водителите со вештачка интелигенција
Дали технологијата може да го замени човечкиот елемент во креативните индустрии е прашање што се поставува секој ден во врска со некоја инхерентна човечка креативна активност. Нов пример е полската радиостаница „Оф Радио Краков“ , која стана првиот познат пример за замена на човечки радиопрезентери, со презентери генерирани од вештачка интелигенција. Тоа го направиле како одговор на слабата слушаност, во обид да привлечат помлада публика, како и внимание на јавноста, но нивната одлука предизвикала полемики и контроверзи.
Радиото, кое е огранок на националното радио што емитува преку мрежата „ДАБ+“ и интернет-стриминг, неодамна ги откажало договорите на неколку надворешни соработници, па наместо нив, постојаните вработени почнале да употребуваат вештачка интелигенција. Тие создале виртуелни личности на тројца „водители“, со синтетички гласови способни да го имитираат тонот и говорот на вистински луѓе, па им дале и имиња, прекари и карактери. Имаат „20-годишна студентка“ по име Емилија „Еми“ Нова, „22-годишен студент по акустика“ по име Јакуб „Куба“ Зиелински и 23-годишник познат како Алекс Шулц, „кој студирал психологија до неодамна“.
Врз основа на описот на нивните карактери и личности, подготвени од човечки новинари, биле креирани виртуелните презентери. Тие презентираат информации што им ја подготвуваат луѓето, но со помош на алатките „ГенАИ“ ја проверуваат и ја претвораат во гласовна аудио содржина. Секој од презентерите добива и двочасовна „смена“ во програмата, во која се занимаваат со широк спектар на теми од култура до човекови права, насочени кон одредени групи слушатели.
-Автоматизацијата овозможува брзо прилагодување на програмската содржина според демографската анализа, што може да ја подобри слушаноста - велат од оваа радиостаница.
Примената на технологијата за вештачка интелигенција ја намалува потребата од човечко вклучување во уредувачкиот процес, овозможувајќи континуиран проток на програмите, а вештачката интелигенција им помага во изборот на музика.
Иако ваквата технологија предизвикува контроверзии и дискусии поради потенцијалната дехуманизација на човечката интеракција, од радиото велат дека тоа е само експеримент со нови алатки, кој ќе трае околу три месеци. Сите содржини со вештачка интелигенција ќе бидат јасно означени, а слушаноста велат не можат да ја изгубат бидејќи и досега тврдат дека речиси и да не постоела.
Контроверзен бил и еден од првите потези на „АИ-редакцијата“. Имено, тие емитувале интервју со покојната полска нобеловка, писателката Вислава Шимборска, во кое таа, исто така создадена со алатки за вештачка интелигенција, ги „коментирала“ овогодинешните Нобелови награди. Публиката била згрозена од тој потег, но претседателката на нејзината фондација истакнала дека тие дозволиле таква употреба на гласот на писателката.
Радиото, чија програма е произведена од вештачка интелигенција, можете (ако навистина сакате) да го слушате овде.
Извор: bug.hr
Фото: OFF Radio Krakow