Саудиска Арабија користи 20% од вкупните светски ресурси на челик за изградба на новиот град
Претставени се нови детали за изградбата на линеарниот град во Саудиска Арабија, што ќе подразбира трансформација на огромна област на сурова природа, во футуристички мегаград. Но за каков проект всушност станува збор?
Линијата е клучен дел од проектот „Неом“ на Саудиска Арабија, кој е дел од пошироките напори да се трансформира економијата на земјата во која доминира нафтата, во економија фокусирана на туризмот. Секако, причината е едноставна, а тоа е фактот што употребата на фосилни горива неминовно ќе се намалува во наредните години.
Се планира линеарниот град да достигне должина од 170 километри, иако во неговата почетна фаза, која ќе биде завршена до 2030 година, ќе биде „само“ 2,4 километри. Сепак, некои други извори наведуваат дека преамбициозниот план дефинитивно бил скратен за „банални“ 167,6 километри, поради преголемите амбиции и трошоци на проектот и дека никогаш нема да ја достигне првично планираната должина.
Сепак, ова секако ќе биде неверојатно достигнување, ако се земе предвид дека линеарниот град од речиси два и пол километри ќе достигне висина од 500 метри и ширина од 200 метри.
За да се остварат сите овие планови, саудиските власти морале да обезбедат многу челик, но и бетон. Затоа нарачале изградба на нова фабрика за производство на бетон, вредна речиси 190 милиони долари. Оваа мегамешалка ќе може да произведува до 20.000 кубни метри бетон дневно, од кои најголемиот дел ќе се користат за проектот „Линијата“, додека остатокот ќе оди за други проекти на „Неом“.
Исто така, повеќе од 100.000 работници се вработени на градилиштето, кое работи 24 часа на ден, седум дена во неделата, за да се отстранат огромни количества земја и да се ослободи простор за поставување на масивни темели.
Работите на темелите на проектот напредуваат, а поставени се 1.000 од планираните 30.000 купови. Дополнително, за проектот моментално се користи една петтина од светското производство на челик, што е неверојатна статистика. Во исто време, инвеститорите во „Неом“ очекуваат дека проектот ќе остане најголемиот „клиент“ на градежни материјали во светот во текот на следните децении.
Оваа нова вест доаѓа по неодамнешната посветеност на организаторите на проектот „Неом“ да бидат потранспарентни во градежниот процес, со цел да се смират сè понервозните инвеститори и да се соберат дополнителни средства. Контроверзите околу изградбата на „Неом“ во Саудиска Арабија, вклучуваат загриженост за кршење на човековите права, особено заради присилното раселување на локалните племиња, како и еколошките последици од огромниот проект за урбан развој во недопрените природни области.
Извор: gradnja.rs
Фото: Neom