Најстрашниот експеримент извршен врз студенти
Летото 1971 година на кампусот на еден од најдобрите универзитети во светот бил извршен ужасен експеримент во кој биле вклучени самите студенти. Универзитетот е „Стенфорд“, а експериментот се состоел од измачување на студенти во период од шест дена. Сето тоа за „потребите на науката“.
Автор на
студијата бил професорот Фил Зимбардо. Според него, експериментот требало да трае две недели, а неговата цел била да се види како „индивидуалците се адаптираат во релативно беспомошна ситуација“.
Експериментите се спроведувале во симулиран затвор изграден во подрумот на зградата на психолошкиот факултет на кампусот на Универзитетот „Стенфорд“. Истражувањето морало да биде спроведено на луѓе, па професорот одлучил да ги искористи своите студенти како експериментални глувци.
21 студент биле поделени во две групи на почетокот на експериментот. 11 од нив требало да бидат чувари, а 10 биле затвореници. Студентите добивале 15 американски долари дневно, што денес би имале вредност од 84 американски долари.
Чуварите биле поделени во три групи за да работат на осумчасовни смени секој ден. Тие биле облечени во униформи и имале очила за сонце. Професорот активно ги набљудувал експериментите и ја играл улогата на надзорник во затворот. Тој ги охрабрувал чуварите да бидат груби, но да не користат физичко насилство. Нивната задача била да создадат страв и чувство на фрустрација кај затворениците.
За потребите на истражувањето, професорот побарал помош од поранешен затвореник кој поминал 17 години во затвор. Затвореникот му помогнал да направи подобра симулација на затворските услови.
На студентите што ја играле улогата на затвореници претходно им било кажано дека ќе бидат „уапсени“, но не знаеле дека ќе бидат измачувани.
Првиот ден претставувал вистинско разочарување доколку се суди од дневникот на професорот. Ништо не се случувало и чуварите не се чувствувале удобно во своите униформи. Веќе од вториот ден чуварите се чувствувале поудобно и почнале да ги измачуваат сопствените колеги. Иако физичкото насилство било забрането, чуварите не ја почитувале забраната бидејќи се внеле во својата улога.
Некои затвореници реагирале со толку екстремни чувства што морале да бидат отстранети од истражувањето пред крајот на експериментите.
Истражувањето би продолжило да трае подолго од шест дена доколку на него не сведочела девојката на професорот. Таа била поранешен студент на професорот и дошла да го види експериментот. Останала во шок од тоа што го видела. Во тој момент професорот сфатил дека се променил поради истражувањето и претходно не можел да види што прави со него.
Вреди да се спомене дека сите чувари не биле лоши кон своите колеги-затвореници. Двајца од 11-те одбивале да ги малтретираат затворениците, а еден дури престанал да ја носи униформата на чувар. Тој размислувал да се пријави како затвореник бидејќи не сакал да биде дел од систем во кој мора да гледа како биле малтретирани луѓе.