Студентите од Институтот за филм - Охрид и по една година оставени на улица!

Студентите од Институтот за филм - Охрид и по една година оставени на улица!

Подготвил: Сребра Ѓорѓијевска / srebra.gjorgjijevska@fakulteti.mk

Лектор: Ивана Кузманоска

Информацијата, која е подготвена врз основа на анализа, ќе биде проследена до Владата каде што ќе биде донесена конечна одлука поврзана со студентите чие студирање беше прекинато, не по нивна вина, велат од МОН

Статусот на Институтот за филм - Филмска академија - Охрид и по повеќе од една година сѐ уште не е решен. Ова е втора академска година што не започна за студентите на оваа академија, а државата сѐ уште не нашла решение за надминување на проблемите со оваа институција. Во меѓувреме, 20-ина студенти од Македонија и од други земји - Либан, Мексико, САД, чекаат да се надмине ситуацијата - дел од нив да ги довршат студиите, а дел од нив да добијат документи дека ја завршиле Академијата.


Студентите реагираа гласно со писма до јавноста

Од Министерството за образование и наука објаснуваат дека се залагаат за разрешување на проблемот со функционирањето на Институтот за филм во Охрид.
- За таа цел формиравме работна група со обврска да ја скенира состојбата на оваа високообразовна установа и да предложи соодветно решение. Информацијата, која е подготвена врз основа на таа анализа, ќе биде проследена до Владата каде што ќе биде донесена конечна одлука поврзана со студентите чие студирање беше прекинато, не по нивна вина - велат од МОН.

Оттаму објаснуваат дека иако првичниот предлог е студентите од оваа установа да се префрлат на Факултетот за драмски уметности во Скопје, каде што има одличен кадар, солидна опрема, доволен број и доволно квалитетни студенти и таму да ги завршат отпочнатите студии за областа за која имале интерес, сепак, конечната одлука ќе се донесе по разгледувањето на сите аспекти на ова или, пак, на евентуално други предложени решенија во меѓувреме.

- Јавноста ќе биде информирана за конечниот исход од процесот кој се води согласно најдобриот интерес на студентите и вработените на оваа високообразовна установа - завршуваат од МОН.

Студентите си организираа активности и по прекинувањето на наставата

Редица нерегуларности во работата на Филмската академија - Охрид беа причина за застојот и немањето настава во оваа образовна институција уште во минатата академска година, тврдеше Петар Атанасов, тогашен заменик-министер за образование и наука.
Студентите на Институтот до јавноста упатуваа писма во кои бараа побрзо да се реши нивниот статус. Сите студенти беа со стипендии од државата.

Факултети.мк дознава дека некои од нив успеале да се запишат на Филмската академија во Прага (ФАМУ), со која Институтот за филм соработуваше. На студентите им се признаени поени од завршените години, објаснуваат студенти на Институтот.



Филмската академија - Охрид почна да работи во ноември 2015 година во соработка со ФАМУ. Професори од оваа славна филмска школа беа дел од предавачите на Академијата. Институтот е придружна членка на Универзитетот „Гоце Делчев“ од Штип, но е регистриран како посебен правен субјект.