Матеја Дамчевски, стипендист во Тајланд: Учам на колеџ, тренирам со олимпиjци, волонтирам во резерват за слонови... И сето тоа без корона

Матеја Дамчевски, стипендист во Тајланд: Учам на колеџ, тренирам со олимпиjци, волонтирам во резерват за слонови... И сето тоа без корона

Подготвил: Сања Јачевска

Лектор: Ивана Кузманоска

Матеја Дамчевски пред три месеци, во екот на пандемијата, се пресели во Пукет, каде што нема ниту еден заболен од Ковид-19. Учи, развива нови познанства, запознава нови култури, професионално плива и тренира пливање со тренер кој досега работел со 16 олимпијци, волонтира во резерватот за слонови, сади банани, сака да нурка во Индискиот Океан, учи тајландски, ја живее егзотиката на Тајланд

Матеја Дамчевски е стипендист на Светските обединети колеџи UWC - Тајланд. Пред три месеци, во екот на пандемијата, се пресели во Пукет и живее живот во сосема нов ритам, под поинакви правила, различно од сè што доживеал досега. Вели дека во Пукет нема ниту еден заразен веќе 5 месеци и не се оптоварени со пандемијата.

- Посетуваме национални паркови, планинариме по диви патеки, уживаме на прекрасните плажи. Волонтирав во резерватот за слонови на Пукет, самите им подготвуваме и им дававме храна. Во дивината собираме трска, садиме банани - ги набројува Матеја неговите тајландски искуства.



Светските обединети колеџи (UWC) секоја година доделуваат стипендии и нудат неверојатно искуство, посочувајќи ја важноста на соживотот и новите култури... За каква стипендија поточно се работи и како успеа да влезеш во избраните ученици од Македонија?

- Стипендиите што се нудат може да се целосни или со мала партиципација што се плаќа за двете години. Во стипендијата е вклучено школувањето во приватно интернационално училиште, престој во студентски кампус, храна од интернационална кујна, а во мојот колеџ на Пукет, Тајланд, и слободно користење на спортскиот центар, базени, сали за вежбање и други простории, како и посета на часови по јога, медитација, трчање и други спортски активности. Шансата да се биде дел од Светските обединети колеџи им се нуди на ученици од втора и трета година од средното образование, апликациите се отворени секоја година од септември до крајот на ноември. Јас аплицирав за време на мојата трета година во СУГС „Георги Димитров“, но без големи очекувања дека ќе бидам избран, поради тоа што знаев дека има голем интерес за програмата. Селекцискиот процес се состоеше од три круга, првиот со пополнување онлајн-апликација, од сите апликанти беа избрани околу 40 што продолжија во вториот круг, кој пак се состоеше од две интервјуа и неколку групни дискусии. Оние што продолжија во третиот круг имаа задача да изработат кратко видео во кое ќе се претстават на најдобар начин, при што имавме целосна креативна слобода, а потоа следуваше и краток неформален разговор со членовите на Националниот комитет. Мислам дека бев избран поради знаењето што успеав да го покажам, но и поради мојата искреност, тоа е нешто што лесно се забележува, поради желбата да градам нови пријателства, но мислам дека големо влијание имаше и мојата спортска пливачка кариера. На колеџот во Тајланд мотото е „Good Heart, Balanced Mind, Healthy Body“, таму сè функционира по принципите на здрав и спортски активен живот. Откако пристигнав тука, сфатив дека ова е вистинското место каде што можам паралелно да се посветам на образованието и на пливањето, без да морам да го изберам само едното.



UWC се стреми да покаже дека образовниот дел е исто толку важен како и социјализацијата. Како изгледа тоа во практика, како изгледа наставата во Тајланд, што е она што особено ти се допаѓа?

- Самиот начин на живот е уникатен, со истите луѓе и живееш, и учиш, и се дружиш. Образованието се сфаќа многу сериозно и е голем предизвик, меѓутоа, поради големата разноликост на учениците, кои доаѓаат од целиот свет, колеџите се стремат учениците да ја следат наставата и да напредуваат со свое темпо. Често часовите се водат како групни дискусии во кои се јавува и социјален контакт меѓу учениците, а особено се поттикнува размената на мислења, ставови и знаења. Одморите ги поминуваме во училишно кафуле „Шака“ што го водат ученици, па тука се среќаваме, се дружиме, уживаме, понекогаш и си помагаме околу учењето. UWC посветуваат еднакво внимание на образовниот процес и на социјализацијата за време на наставата и по нејзиното завршување. Речиси секоја вечер, барем накратко, се собираме и се забавуваме во заедничките простории, во дневната соба гледаме филмови, или пак готвиме во кујната.



На кој начин функционира Тајланд кога станува збор за пандемијата? Како гради силен одбранбен систем, какви мерки има? Како твоите соученици ја доживуваат пандемијата?

- Тајланд е една од земјите што најдобро се справуваат со Ковид-19, има многу мал број на заболени, а на островот Пукет, каде што сум јас, нема ниту еден случај во изминатите неколку месеци. Кралството има воведено строги мерки кога станува збор за пандемијата, особено кон посетители и туристи за кои влезот е забранет. Моментално влез им е дозволен само на државјани, студенти и медицински персонал, но и тие се обврзани да поминат двонеделен карантин во специјално дизајнирани услови. Инаку, поради малиот број на заболени, во самата земја сè функционира вообичаено, иако важат основни мерки како носење маска во јавност, одржување дистанца и дезинфицирање пред влез во јавни простории, институции, продавници. Колеџот на Пукет ги почитува и строго се придржува до сите мерки, но сепак се обидува да ни овозможи и одредена слобода, затоа што ризикот тука е навистина многу мал. Што се однесува до тоа како моите соученици гледаат на пандемијата, би рекол дека не сме многу оптоварени со тоа, освен што на почетокот си ги разменуваме искуствата од оние две „пеколни“ недели на најстрог карантин што сите поединечно и во различно време го поминавме во хотелите во Бангкок. Многу често се шегуваме за разни ситуации и предизвици со кои се соочивме во тој период.



На што те учи животот во Пукет, какви искуства собираш деновиве?

- Неверојатно е! Се наоѓам во земја каде што нема зима, со просечна температура од околу 30 степени, секој ден е сончев со кратки врнежи. Ама кога врне, тоа изгледа како некој да истура вода од кофа, тоа трае пет минути и сè веднаш се суши, како ништо да не се случило. Сите се многу опуштени, шетаат боси низ кампусот, не ни користат чадори кога врне. На почетокот тоа ми беше чудно, ама сега и јас полека се навикнувам и можам да кажам дека тоа навистина ми годи. Природата целосно нè опкружува, често посетуваме егзотични национални паркови, планинариме по диви патеки, уживаме на прекрасните плажи. Досега најинтересно искуство ми беше волонтирањето во резерватот за слонови на Пукет. Тука првпат видов слонови како слободно си шетаат околу луѓето, имав можност да научам како и со што се хранат, дури и самите им подготвуваме и им дававме храна. Во дивината собиравме трска, садевме банани... Сето ова за мене е незаборавно доживување.

Веќе 13 години си професионален пливач. Како Тајланд одговара на твојот пливачки и спортски дух, како изгледаат тренинзите, по што се различни од оние во Македонија? Има ли на повидок некои натпревари?

- Една од причините поради кои најмногу ме привлече колеџот во Тајланд беше тоа што го имаат пливачкиот тим „Gold Squad“ и модерниот центар во кој тренираат. Тимот се состои од поранешни и идни олимпијци, како и државни рекордери од цел свет. Многу од нив се дојдени на Пукет само за пливањето. Имав среќа да добијам покана од тренерот Мигел Лопез да се приклучам на тимот. Тој досега има работено со 16 олимпијци и со тројца параолимписки пливачи и е целосно посветен тренер кој ме подготвува да соборам некој државен рекорд, и можеби да се квалификувам за некој поголем светски натпревар. Голем дел од денот тука го поминувам во базен, првиот тренинг ми почнува рано наутро, во 5 часот, и завршува пред да почне наставата, а попладне пливаме по два часа и еден час имаме суви тренинзи, некои денови во сала, други во стилот на кросфит. Учествував на „King Power Swimming Championships“ во Хат Јаи во Тајланд, освоив 2. место.



Што следно сакаш да доживееш од шареноликата палета на знаменитости, вкусови, искуства на Тајланд?

- Сè уште не сум имал можност да пропатувам низ Кралството, сакам да ги посетам будистичките храмови во Бангкок, да го видам Големиот Буда на Пукет, да посетам некои од фамозните острови околу Пукет. Храната е многу специфична, љубопитен сум да ги вкусам сите традиционални јадења, особено уличната храна, која тука важи за најдобра. Се приклучив и на училишниот нуркачки тим, па со нетрпение чекам да почнеме со нуркање околу островот, да го видам богатиот воден свет во Индискиот Океан, особено впечатливите корални гребени. Се обидувам и да научам понекој збор на тајландски.