Бизарен оглас за работа: Нема плата, а за работното место вие треба да платите 24.000 долари
Подготвил:
Тамара Гроздановски
Лектор:
Ивана Кузманоска
Извршниот директор на индискиот „Зомато“, Дипиндер Гојал, неодамна објави прилично шокантен оглас за работа на неговиот твитер-профил.
Тој нагласи дека не станува збор за конвенционално работно место со вообичаени поволности што доаѓаат со таквата работа, а доказ дека огласот е необичен се и условите што ги бара.
Имено, Гојал бара шеф на персонал кој ќе му помага во сè што е потребно за иднината на „Зомато“, каде што истакнува дека искуството не е важно, туку најважно е личноста да има желба за учење.
Она што многумина ги шокира се финансиските услови за работата, односно оние што сакаат да ја работат оваа работа не само што нема да добијат плата, туку тие ќе треба да платат 24.000 долари. Филозофијата на Гојал е дека човекот што ќе работи на тоа работно место ќе научи десетпати повеќе отколку кога би платил школарина во училиште за менаџмент и претприемништво. Јасно е дека практиката и искуството на вистински работни места се од непроценливо значење, но на многумина дефинитивно нема да им се допадне делот каде што самите треба да платат за тоа искуство.
Важно е да се нагласи дека работите не се како што изгледаат на прв поглед. Иако е точен делот поврзан со тоа дека нема да добијат плата и дека треба да платат за позицијата, парите нема да одат во компанијата, туку ќе бидат уплатени во хуманитарната организација „Фидинг Индија“.
Огласот за работа предизвика бурни реакции на интернет, главно негативни. Иако може да се разбере која е неговата цел, дека сака да ги научи кандидатите и дека со парите им помага на добротворните организации, проблемот е што луѓето, на крајот на краиштата, работат за пари. Затоа оваа позиција би можела да ги привлече само оние што и онака се во добра финансиска состојба, додека многу други кои не можат да си дозволат да платат 24.000 долари одеднаш и да работат без плата една година ќе отпаднат од игра.
И покрај многуте критики, извршниот директор на „Зомато“ вели дека на огласот се јавиле околу 18.000 луѓе, меѓу кои има и заинтересирани за работата, но немаат пари.
Но, во најновата твитер-објава тој ја смени приказната и напиша дека уплаќањето за позицијата било само филтер да се најдат луѓе што ја ценат можноста. Тој објасни дека плаќањето 24.000 долари за таа позиција воопшто не доаѓало предвид, туку било тест на кој многумина паднале.
Дали навистина го планирал ова од самиот почеток или се премислил по многубројните критики, никогаш нема да дознаеме.
Извор:
Techspot.com
Фото: Screenshot/YouTube