Кинески научници го создадоа разорното оружје од „Војна на ѕвездите“

Кинески научници го создадоа разорното оружје од „Војна на ѕвездите“

Подготвил: Тамара Гроздановски

Лектор: Ивана Кузманоска

Веројатно инспирирани од култната сцена од „Војна на ѕвездите“ каде што осум ласерски зраци пропорционално се спојуваат во разурнувачки суперласер на „Ѕвездата на смртта“, кинеските научници тврдат дека успеале да развијат ново оружје што комбинира повеќе електромагнетни микробранови во еден моќен енергетски зрак.

Системот се базира на неколку возила опремени со микробранови емитери, распоредени на различни локации. Секое возило испушта микробранови зраци што совршено се синхронизираат и комбинираат во моќен енергетски зрак насочен кон целта.

Оваа технологија бара екстремна прецизност бидејќи микробрановите мора да бидат совршено фокусирани за ефективно да се спојат.

Синхронизацијата е неверојатно тешка бидејќи микробрановите мора да се активираат во временска рамка прецизна до милионити дел од секундата, додека позиционирањето на возилото бара прецизност до еден милиметар.

Предности и ограничувања

Еден од научниците вклучени во проектот тврди дека комбинираниот ефект на микробрановите го надминува збирот на нивните индивидуални сили.

Иако микробрановите се моќно оружје на кратки растојанија, нивната ефикасност опаѓа во реални услови поради атмосферските нарушувања како прашина и влага кои ги распрснуваат зраците. Зголемената моќност на микробрановите може да ја компензира оваа загуба, но сегашните батерии немаат доволно капацитет да ја складираат потребната енергија.

Предизвици за имплементација во реални услови


И покрај успесите во контролирани лабораториски услови, реалниот свет е огромен предизвик за оваа технологија. Системите што бараат толку високо ниво на прецизност се чувствителни на надворешни фактори, како што се временските услови и неправилностите на теренот, што може да го попречат работењето на уредот.

Кинескиот тим можеби ја постави основата за развој на вакви оружја, но останува прашањето колку таквата технологија би била применлива надвор од лабораториските услови. Доколку се надминат техничките пречки, ова оружје би можело значително да ја промени иднината на воената технологија.



Извор: Klik.hr
Фото: Screenshot/YouTube