„По скалилата на успехот“ со Венко Андоновски: „Од гимназиските денови се заразив со лепословие и до ден-денес не сум се излекувал“

„По скалилата на успехот“ со Венко Андоновски: „Од гимназиските денови се заразив со лепословие и до ден-денес не сум се излекувал“

Подготвил: Жанета Здравковска

Лектор: Ивана Кузманоска

Нивните лични квалитети им донеле голем професионален успех. Ова се приказните на нашите успешни луѓе што ги објавуваме во рубриката „По скалилата на успехот“. Факултети.мк и Едукативниот центар на „Пивара Скопје“ преку обуката „Вештини за успех“ ви го покажуваат патот до ѕвездите

Наскоро од печат ќе излезе новата книга „Опијатите на лепословието“ на едно од најголемите имиња на македонската книжевна сцена, автор и универзитетски професор - Венко Андоновски. Во неа овој извонреден романописец, драмски автор, раскажувач, поет и критичар ги открива своите „мали тајни“ на пишувањето. Таму говори дека мелодрамското (и тоа љубовното мелодрамско) е брашното, трилерот е квасецот, апсурдот е месото, а гледните точки и „блендата“ на раскажувањето се зачините на „рецептот“ за неговиот „специјалитет“ - романот. Открива и како ја одржува „температурата“ на текстот. Книгата ќе биде во издание на „Три“, а го носи поднасловот „Моја лична теорија на книжевноста без ниедна фуснота“.



- Многу ја сакам таа книга, таа е мој личен „прозен готвач“ и се надевам дека ќе им помогне и на други писатели кои се бараат себеси – да се пронајдат, зашто секој си смислува свој личен рецепт и има свој личен стил до кој доаѓа самиот. Ако добро ги избалансирате тие нешта – мелодрамското, трилерот, филозофијата (апсурдот) и точката од која ги гледате настаните и со чии гласови ги раскажувате, ќе имате читатели. Еве, дури и „Папокот на светлината“, за кој многумина пријатели (кои не се писатели) ми укажуваа дека е „премногу филозофски“ роман, сепак се чита – доживеа пет изданија (5.000 примероци) за само две години - вели Андоновски.

Поради љубов, во средно училиште ги напишал првите песни

Писателот на извонредните романи „Папокот на светот“ (продаден во повеќе од 20.000 примероци), „Папокот на светлината“, „Вештица“ (18.000 примероци), „Ќерката на математичарот“, како и на збирки раскази и поезија и на едни од најпопуларните драмски текстови во Македонија, во пишаниот збор се вљубил како средношколец, кога ја доживеал својата прва младешка љубов.



- Љубовта, што друго би било мотив. Кога бев втора година во гимназијата „Орце Николов“, се вљубив безнадежно во една девојка, една година помлада од мене. Ноќе не спиев, дење не бев буден: како во некој полусон бев цело време. Немаше никаква реакција од другата страна. Што сè не правев да ме забележи: дури купив и гитара (и тогаш почнав да свирам), дознав кој ден и во колку часот се качува на автобусот број „8“ за да оди да учи германски во Центарот за странски јазици, па се качував на почетната станица во Влае (каде што живеев), надевајќи се дека во Карпош 4 ќе се качи и таа, па конечно ќе ме запомни барем како „момчето со гитарата“, кога веќе не ме помнеше како некој од гимназијата. Ништо и од тоа. Затоа седнав, напишав десетина песни, ги отчукав на машината за пишување на татко ми, ги укоричив како мала книга во само еден примерок, ставив наслов „Енигма“ и ѝ ги подарив. Така заврши мојата прва љубов, ама почна моето творештво. Песните потоа на некој конкурс добија внимание, и како награда, од Градската книжевна младина ми ја објавија првата книшка „Енигма“, во сто-двесте примероци. Имав само 16 години. Книшката е посветена на „девојката со коси очи“. Денес имам само еден примерок дома. Оттогаш се заразив со лепословие и до ден-денес не сум се излекувал - вели Андоновски.



Потешка била поезијата на Гане и Анте отколку Теоријата на релативноста на Ајнштајн

Како ученик бил одличен математичар и физичар. На натпреварите по физика освојувал први места. Сериозно се двоумел што да студира - математика или книжевност. Но, како што вели, потешка била поезијата на Анте Поповски, Петре М. Андреевски, Гане Тодоровски, Радован Павловски, Влада Урошевиќ (кои уште тогаш ги читал) одошто делото на Ајнштајн.

- Како што напредував во знаењето, видов дека математиката и книжевноста и не се толку различни: математиката е чиста логика, а и книжевноста си има своја логика. Самата граматика е математика на јазикот. И денес пишувам драми според правилото од времето на Аристотел, кое е математичко и говори за пропорција: го делам драмскиот текст на три третини. Сите ликови и предмети што се потребни за расплет (трета третина) мораш да ги внесеш во првата третина. Нема внесување ликови во третата третина. Ете пример за врската меѓу математиката и книжевноста. И двете се пропорција, симетрија - додава Андоновски.



Тропнал на кабинетите на сите професори да се понуди за асистент

По завршувањето на студиите по општа и компаративна книжевност, и како студент на генерација на Факултетот, дента кога дипломирал тропнал на вратите од кабинетите на сите професори што му предавале со истото прашање: „Професоре, дали ви треба асистент?“ Местата биле пополнети, па разочаран што од сите добил одговор „не“, решил да се вработи како новинар, а веќе бил уредник на културната рубрика на „Студентски збор“. Заминал на Струшките вечери на поезијата и таму на една маса ги затекнал професорот Атанас Вангелов, кој предавал на Катедрата за македонска книжевност, и проф. д-р Анте Стамаќ, кој предавал теорија на книжевност на Филозофскиот факултет во Загреб. Вангелов, кој имал читано некои негови критики во „Разгледи“, а ги знаел и неговите две книги (поезија и раскази), го повикал да им се придружи. Им кажал што му се случило и за еден месец станал асистент кај Вангелов, за кого вели дека му ја должи сета своја универзитетска кариера. Ментор за магистерската, пак, му бил професорот Стамаќ. Андоновски заминал со државна стипендија на постдипломски студии во Загреб, Хрватска, и потоа станал професор по Нова хрватска книжевност.

- Кој млад и талентиран човек денес има таква можност и таква поддршка од постарите колеги (и од државата), кои буквално ми го „дадоа лебот в раце“? Никој. Не само што функционално и структурно пропаднаа универзитетите, туку „структурно“ и „функционално“ пропаднаа и луѓето: пропадна хуманата супстанција во човекот. Луѓето станаа себични и неправедни, непрофесионални и заинтересирани само за себе - додава професорот.



Со студентите гради однос на „ти“

Денес е доктор по филолошки науки и професор на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје. Од првиот работен ден се труди со студентите да изгради однос на „ти“, да станат пријатели. Никогаш не го градел својот авторитет екс-катедра.

- Се случуваше дури да „гонам“ мои студенти по ходниците и да ги терам да се јават кај мене на испит, кој го оставаа за последен, а добивав вакви одговори: „Уште малку, професоре, сè уште не сум подготвен за кај вас“. Тоа ми годеше: се чувствуваа непријатно да се јавуваат на испит без да знаат, што значеше дека сум успеал во градењето на тој однос – да станат луѓе кои не можат да лажат пријател. За жал, како што минува времето, сè повеќе доаѓаат генерации кои не го прифаќаат тој однос. Како да се плашат или срамат од блискост. Веројатно така е зашто доаѓаат доста неподготвени од средното училиште (се гледа тоа, средното образование целосно крахира), а незнаењето секогаш блокира и десоцијализира. Второ, се зголемува старосната разлика меѓу мене и нив, и сега попрво би се воспоставил „татковски“ одошто пријателски однос. Јас, сепак, се трудам да им бидам близок. Факултетот не треба да биде само знаење, тој е пред сè школа на животот. Секогаш можете да ја прочитате книгата што сте ја прескокнале при студирањето, но никогаш не можете да ја вратите шансата да го запознаете приватно еден Гане Тодоровски, еден Атанас Вангелов или еден Ферид Мухиќ. Да ве честат пијачка, а да разговарате за филологија и филозофија!

Твори во мугрите кога душата му е чувствителна како сеизмограф

Андоновски е автор на најчитаните македонски романи во 21 век, но и на збирки поезија, раскази, драмски дела, критики и дела по културологија.
- Пишувам само рано наутро, од 4 до 6:30 часот. Тогаш ми се најбрзи асоцијациите, мислите бистри, а душата чувствителна како сеизмограф и за најситен емотивен земјотрес. Навечер се ѕверам тапо во телевизорот, гледајќи или спорт или некој третокласен филм, зашто врз такви филмови најдобро се учи драматургија: или е беспрекорна (иако е филмот третокласен според буџетот) или е очајна, со што учите – како не треба да пишувате. Тој тип на учење е еднакво добар како и оној кога учите од дело кое ви покажува како треба - вели Андоновски.

Во делата се обидува да ги пренесе хуманите пораки за љубовта, смислата и свеста што е добро.

- Прво: љубовта ги движи нештата, од електроните во атомот до планетите и ѕвездите во галаксиите, вклучувајќи го и човекот, и неговата радост и среќа. Не бегајте од љубовта, охрабрете се да ја побарате, таа е насекаде околу вас, само не ја гледате. Второ: човекот е суштество кое може без храна 15 дена, без вода 7 дена, ама без смисла ниту еден единствен миг. Ако остане без смисла (макар тоа била и обложувалница), ќе се самоубие. И трето: најдобро би било смислата да ја барате во изборот на доброто пред злото, што значи – да имате јасна свест што е добро, а што зло. Оној што молчи пред злото, наскоро ќе почне да му се радува и да го практикува. Должни сме да избереме меѓу доброто и злото, инаку ќе престанеме да бидеме луѓе. Но, тоа денес е многу тешко зашто злото е вешто маскирано насекаде: во масовниот маркетинг на потрошувачкото општество кое ве прави зависни материјалисти, во политичките здруженија, во затапувањето на младите со електронски уреди и опседнатоста со вештачката интелигенција, во порнографијата, во трговијата со луѓе, во културата на зависностите од секаков тип (зависност од страв, од пари, од секс, од дроги, од алкохол, од работа, од спорт, од другар, од интернет... - вели Андоновски.



Убеден е дека книгата може да се избори против злото.

-Да не верував дека е така, немаше да пишувам. Убеден сум дека не ја читате само вие книгата, туку и таа вас. А кога таа вас ве чита, ги подвлекува добрите страни на вашата душа како важни, а ги пречкртува лошите и злите, како што вие одушевено подвлекувате мудри мисли што ви се допаѓаат од некоја книга, а ги пречкртувате (или ставате на маргините - „не!“) оние мисли што ви се чинат ужасни, скаредни, вулгарни, зли. Книгата ве „форматира“, кажано со речникот на младите.

Делата преведени на странски јазици, а нема ни агент ни „Фејсбук“

За него, книжевноста е лек за душата. „По секоја напишана песна, насликана слика, напишан роман, харфата на душата и на уметникот и на публиката се збогатува со уште една струна, и на неа може да се свири уште посуптилно“, додава Андоновски.
Делата му се преведени на десетина јазици, но вели дека не мрднал со малиот прст за ниеден превод на свое дело. Дури, домашните го критикувале за таа пасивност. Сè што е преведено е преведено по иницијатива на негови пријатели, писатели и преведувачи низ светот.

- Немам агент, за што исто така сум критикуван дома. Немам дури ни „Фејсбук“. Не мислам дека треба да се занимавам со „пласман“ на моите дела во странство: па јас не одгледувам пиперки, па да им барам „пласман на странски пазари“. Ако тоа што го работам е добро, кога-тогаш ќе го види некој и ќе го преведе - вели Андоновски и додава: Страшен е тука односот на државата кон добрите писатели. Ако јас, како веќе зрел и остварен писател, изјавувам дека државата не мрднала со мал прст да ме претстави организирано и смислено пред светот и да ме преведе, ниту тоа го сторила со кој било мој друг даровит колега, тогаш што да кажат оние млади кои немаат никакви шанси за превод и се на почетокот од кариерата?

Препорачува дека повозрасните автори и државата треба да се потрудат организирано и плански да ги претстават нашите млади таленти пред светот, борејќи се за нив, ако треба и преку приватни линии (доколку делото заслужува, се разбира) зашто денес тоа го прават сите држави. Без лоби нема културен прогрес: квалитетот на она за што лобирате, повторувам, се подразбира!

Добитник е на многу награди, но најдраги му се оние од читателите

Се радува кога некој роман доживува повеќе изданија или кога во театарот се бара билет повеќе за претстава по негов текст. Од наградите доделени од жирија, најдрага му е последната, Толстоевата „Јасна полјана“.

- Пред мене ја имаат добиено завидни светски книжевни величини, дури и нобеловци, што ми ја скокотка суетата... и ја буди надежта дека и не сум безнадежно просечен како писател - вели Андоновски.

Фото: приватна архива