Само во Македонија лекар се станува без латински јазик!

Само во Македонија лекар се станува без латински јазик!

Подготвил: Весна Ивановска-Илиевска / vesna.ivanovska@fakulteti.mk

Лектор: Ивана Кузманоска

Зарем е потребно да се елаборира колку се застапени латинската и старогрчката терминологија во анатомијата, дијагнозите, фармакологијата, ботаниката и биологијата? Колку е незамисливо што студентите на медицинските и правните факултети на ниту еден универзитет во Македонија немаат барем еден до два семестри задолжителна настава по латински јазик, вели д-р Весна Димовска-Јањатова, редовен професор на Институтот за класични јазици при Филозофскиот факултет во Скопје

Лекар, фармацевт, правник... Ова се само три професии кои е невозможно да ги работите без минимални познавања на латинскиот јазик, а во Македонија овој предмет не се изучува на ниту еден од факултетите што ги продуцираат овие кадри. Лекари кои прашуваат дали именката во дијагнозата треба да е напишана во генитив или датив, аптекарка (магистер) која вели дека лекот е „дефектура“. Ова се дел од анегдотите што ни ги раскажува д-р Весна Димовска-Јањатова, редовен професор на Институтот за класични јазици при Филозофскиот факултет во Скопје. Состојбата е далеку од хумористична. Латинскиот јазик речиси две децении е само изборен предмет во гимназиите, а по воведувањето на системот на трансфер на кредити, го изгуби статусот на задолжителен и стана изборен предмет на факултетите. Во интервјуто за Факултети.мк проф. Димовска-Јањатова објаснува зошто изучувањето на старите јазици мора да бидат неизоставен дел од нашиот образовен систем.


Проф. д-р Весна Димовска-Јањатова (десно) ѝ врачува диплома на студентка

Каков е интересот за изучување на латинскиот јазик денес, а каков беше пред 25 години?

- Изучувањето на класичните јазици, латинскиот и старогрчкиот, како и на античката книжевност и култура, што ги сочинува класичните студии или класичната филологија, не е дисциплина што подразбира некаква масовност или голем број студенти. Не само во нашата средина, туку секаде. Тоа е дисциплина која државите или нивните институции ја препознаваат како потребна, полезна и ја поддржуваат и заштитуваат како дисциплина од национален интерес. Во Македонија, студиски програми по класична филологија се нудат единствено на Филозофскиот факултет на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, и тоа на сите три циклуси на студии, а таа традиција трае повеќе од 70 години, од самото основање на УКИМ. Во последниве неколку години намален е интересот за изучување на класичните јазици и книжевност, па и застапеноста на латинскиот и особено на старогрчкиот во студиските програми на другите дисциплини и факултети.

На што најмногу се должи оваа промена?

- Веројатно постојат повеќе причини: популарноста на некои релативно нови студии (бизнис, менаџмент, маркетинг, односи со јавност и сл.) и фаворизирањето на т.н. технички и информатички науки. Претпоставката дека со дипломи од некои други факултети може полесно и побрзо да се дојде до вработување и подобро да се заработува, погрешната перцепција дека овие дисциплини се анахрони и непотребни во модерното време, стереотипите дека се тоа јазици „тешки“ за учење, непостоењето свест дека се тоа базични и широко применливи хуманистички дисциплини и сл. Некои од овие причини се должат на одредени пропусти во образовните политики, честите и понекогаш недоволно обмислени промени и реформи, немањето долгорочни стратегии за целите и автентичните базични интереси на развојот на образованието во нашата земја. Други, пак, произлегуваат од социо-економскиот контекст, промената на вредносниот систем, предрасудите за „тешки“ и „лесни“ студии, „исплатливи“ и „неисплатливи“ дипломи и „перспективни“ и „неперспективни“ професии и сл.


Студенти од Институтот, во облека како во антиката

Во минатото латинскиот јазик се изучуваше во многу средни училишта. Колку денес овој предмет е застапен во средното образование?

- До пред 17-18 години латинскиот јазик се изучуваше една година како задолжителен предмет во сите гимназии и во средните медицински и ветеринарни училишта. Извесен период постоеше и една паралелка т.н. класична гимназија (во која двата класични јазици се изучуваа во сите четири години со значителен фонд на часови). Со реформите од 2000/2001 година и воведувањето на изборните подрачја во гимназиското образование, латинскиот и старогрчкиот станаа изборни предмети. Учениците можат да ги избираат во втора година и во по една од комбинациите изборни предмети во секое од трите изборни подрачја за трета и четврта година. Во средните училишта од здравствената струка латинскиот јазик е застапен една година како задолжителен предмет. Од 2010 година се воведе изборниот предмет Класичната култура во европската цивилизација за учениците во основното образование во шесто, односно седмо одделение. Секако дека би било и потребно и полезно во гимназиското образование латинскиот јазик повторно да добие статус на задолжителен предмет што ќе се изучува најмалку една година, а би требало да се обнови и класичната гимназија во најмалку едно училиште во републикава. Целисходноста на изучувањето барем на латинскиот јазик како задолжителен предмет во гимназиското образование може да се аргументира со фактот дека тоа претставува добра подготовка и основа за понатамошното образование - за студирање на повеќе студиски програми и факултети, како што се филолошките дисциплини, медицина, фармација, биологија, право, политички науки, историја, археологија и историја на уметност, филозофија и други. Но, исто така, кореспондира и им помага на учениците во текот на самото гимназиско образование во разбирањето и усвојувањето на содржините од повеќе други предмети (мајчин јазик и литература, странски јазици, историја, филозофија и др.).


Класиците се неизоставен дел од денешното образование

Каква е состојбата во високото образование? Покрај Институтот за класични јазици, на кои други факултети се изучува латинскиот јазик?

- За жал, од почетокот на 21 век латинскиот и старогрчкиот јазик им се достапни за изучување на студентите на други студиски програми и факултети на скопскиот универзитет само како изборни предмети, и тоа од т.н. изборна листа со предмети на УКИМ. Дури и на оние студиски програми каде што со децении беше застапен, по воведувањето на системот на трансфер на кредити латинскиот јазик го изгуби статусот на задолжителен и стана изборен предмет - на студиските програми по археологија и историја на уметност, историја, француски јазик и книжевност, италијански јазик и книжевност, општа и компаративна книжевност и други. Колку што ми е познато, на другите универзитети во Македонија, на Државниот универзитет во Тетово латинскиот јазик се изучува како задолжителен или изборен во повеќе семестри на некои студиски програми на Филолошкиот факултет, додека со еден семестар како изборен предмет е застапен на две студиски програми на Филолошкиот факултет при Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип.


Студенти на предавање

Многумина би рекле дека латинскиот е мртов јазик и нема потреба да биде дел од образовниот систем. Кои професии денес не може да се замислат без изучување на латинскиот јазик, барем два семестра на факултет?

- Постојат повеќе професии и профили за кои знаењето на класичните јазици, а особено на латинскиот јазик, е нужност или дури неопходност, а некои од нив веќе ги споменавме: лекарите, фармацевтите, правниците, романистите (филолозите што ги изучуваат францускиот и италијанскиот јазик и книжевност), биолозите, филозофите, археолозите и др. Зарем е потребно да се елаборира колку се застапени латинската и старогрчката терминологија во анатомијата, дијагнозите, фармакологијата, ботаниката и биологијата? Колку е незамисливо што студентите на медицинските и правните факултети на ниту еден универзитет во Македонија немаат барем еден до два семестри задолжителна настава по латински јазик? Идните правници и адвокати, правните институти, изрази и цели цитати најчесто ги учат наизуст, без да го разбираат нивното суштинско значење. Апсурдноста оди дотаму што на еден наш универзитет студентите по некои филолошки дисциплини не само што го немаат латинскиот меѓу задолжителните и изборните предмети по семестри, туку го нема ниту на т.н. листа на слободни универзитетски предмети, од која, на пример, можат да изберат предмети како што се Хорско пеење, Скапоцени и полускапоцени минерали или Орално здравје и хигиена! Проценете сами колку е целисходно еден иден професор по англиски јазик да избере некој од овие предмети, наспроти можноста да избере и изучува латински јазик, ако се знае дека до 70 отсто од англиската лексика потекнува од латинската! Токму ваквата застапеност на латинска стручна терминологија во повеќе научни дисциплини во природните, хуманистичките, но и во општествените научни дисциплини, високиот процент на лексика од латинско потекло во повеќето современи, говорни јазици (францускиот, италијанскиот, португалскиот, шпанскиот, па и македонскиот) одат во прилог на заклучокот дека латинскиот не само што не е мртов, туку напротив, е бесмртен јазик.


Во дворот пред Филозофскиот факултет во Скопје

Лекарски дијагнози, рецепти во аптека... Како професорка по латински јазик, можете ли да ни раскажете некоја анегдота токму со употребата на латинскиот јазик во секојдневието?

- За жал, примери за недостигот од знаење на латинскиот јазик има многу и тие не се анегдотски, туку повеќе манифестација на сериозни пропусти и петна во нашиот образовен систем. Не можам да не се сетам кога еден лекар со повеќегодишно искуство, кој случајно ја дозна мојата професија, додека ми ја пишуваше дијагнозата ме праша дали една од именките треба да стои во генитив или во датив! Се прашувам како и колку точно ги пишувал дијагнозите на други пациенти во годините на својата дејност. Или, токму деновиве во аптека побарав еден лек, а младата аптекарка за која заклучив дека е магистер по фармација (со петгодишни студии), сакајќи да ми соопшти дека лекот подолг период го нема, односно е дефицитарен, ми одговори дека лекот е „дефектура“, што и во самото аптекарство е термин со друго значење. Но, и во останатите сфери на секојдневието, често и во медиумите, се прават грешки во употребата на латинизмите и интернационализмите од латинско или грчко потекло (а нивниот процент во македонскиот јазик е во постојан пораст).

Каква е состојбата во регионот со изучувањето на латинскиот јазик?

- Во земјите од нашето опкружување, да речеме во Бугарија, латинскиот не се изучува како задолжителен во гимназиите, но затоа постојат повеќе класични гимназии каде што двата класични јазици се изучуваат по четири години, а исто така се задолжителни предмети на повеќе универзитети и факултети: правни, филолошки, филозофски. За Медицинскиот факултет на Софискиот универзитет латинскиот до неодамна се полагаше како приемен испит. Во Србија исто така постојат класични гимназии, но и во сите други латинскиот се учи задолжително по една или две години. Во високото образование на повеќето универзитети е задолжителен за студентите по историја и археологија, за студентите по француски и италијански јазик, некаде и за шпански, а изборен за филозофија, додека студентите по богословија задолжително учат 4 семестри старогрчки јазик. Во Хрватска латинскиот е далеку подобро застапен и во средното и во високото образование на повеќе факултети и универзитети, имаат класични гимназии, па дури и класични паралелки во основното образование.




Може ли да направиме споредба со земјите од Европа, со оглед што Македонија натаму го трасира својот пат?

- Во европскиот образовен простор во различни земји состојбите се разликуваат, но во повеќето од нив класичните јазици, а особено латинскиот, се далеку повеќе застапени и во средното и во високото образование. Во Австрија, на пример, матурантите не можат да се запишат на дури 40 студиски програми на различни факултети доколку претходно во средно училиште не учеле најмалку една или две години латински јазик. Значи, латинскиот е предуслов за запишување на студии. Во Германија пак, наставните програми се разликуваат во секоја од покраините. Во Баварија, на пример, латинскиот се учи повеќе години во средното образование, па оттаму и интересот за студии е многу голем, а се случува некои од новозапишаните студенти да имаат толку солидни предзнаења од латински јазик (некои од нив веќе го учеле латинскиот и по 8 години!), што на студии се занимаваат исклучиво со преводи и потесно специјализирани дисциплини. Во Британија веќе се реализираат проекти за изучување на латинскиот и на примарно ниво, во основните училишта, затоа што анализите покажале дека кај учениците што почнале да учат латински јазик значително се подобриле и граматиката и лексиката и изразувањето на мајчиниот, англиски јазик. Во Белгија, Холандија, Данска, Финска, но и во други земји латинскиот и старогрчкиот јазик се исто така повеќе застапени отколку во Македонија.

Како да се смени актуелната состојба во Македонија?

- Институтот за класични студии на Филозофскиот факултет и Здружението на класични филолози „Антика“ постојано укажуваат на потребата од изучување на класичните јазици кај нас. Ќе продолжиме да работиме на подигањето на свеста за фактот дека не само што целокупната европска култура и наука се заснова и произлегува од класичната хеленска и римска култура, туку и дека познавањето на научното, јазичното и културното наследство (особено во нашиов географски регион каде што овие култури се вкрстувале) соопштено на латински и старогрчки јазик, е нужен предуслов за профилирање на добро образовани млади генерации и компетентни стручни профили во многу области. Останува надлежните институции и тела да ги земат предвид овие укажувања и компаративни анализи за европските практики при градењето на образовните стратегии и политики, при структурирањето на наставните и студиските програми.