Ова се најбараните професии во Европската Унија за 2025 година

Ова се најбараните професии во Европската Унија за 2025 година

Подготвил: Тамара Гроздановски

Лектор: Ивана Кузманоска

Познавањето на трендовите на пазарот на труд може да ви помогне да донесете одлука за вашето идно занимање или преквалификација.

Оваа листа со најбараните професии за 2025 година дава увид во областите кои нудат најдобри можности за вработување и развој на кариерата во Европската Унија.

Пазарот на трудот во Европската Унија минува низ значајни промени, поттикнати од дигиталната трансформација, зелената транзиција и демографските промени. Според најновите истражувања и предвидувања од водечките експерти за регрутирање, вклучително и „Линкдин“, одредени професии ќе бидат особено барани во 2025 година.

Најбарани професии


Експерт за вештачка интелигенција

Апсолутно најбараната професија во 2025 година ќе биде експерт за вештачка интелигенција, со просечна годишна плата меѓу 60.000 и 110.000 евра. Побарувачката за овие експерти расте со огромна брзина, со предвиден раст од 37 отсто до 2030 година.

Развивач на софтвер


Оваа професија останува меѓу најперспективните професии во Европската Унија, со просечна плата која се движи од 55.000 евра до импресивни 90.000 евра годишно. Овие високи плати ја одразуваат важноста на софтверските инженери во дигиталната ера. Особено се бараат експерти за „клауд компјутинг“, чија експертиза е клучна за приспособливоста на современите ИТ-системи.

Еднакво расте и побарувачката за развивачи на мобилни апликации, со оглед на зголемената доминација на паметните телефони во секојдневниот живот и бизнисот. Флексибилноста на работното време и можноста за работа од далечина дополнително ја зголемуваат атрактивноста на оваа професија.

Експерт за сајбер-безбедност


Професионалците за сајбер-безбедност стануваат сè поважни поради порастот на интернет-заканите и хакерските напади. Нивната работа е да ги заштитат компјутерските системи, податоците и мрежите од напади. Тие развиваат безбедносни системи, ги следат можните закани и брзо реагираат доколку се појави проблем. Просечните плати во оваа област се движат од 45.000 до 80.000 евра годишно, во зависност од искуството и знаењето.

Научник за податоци

Аналитичарите на податоци забележуваат зголемување на побарувачката од 23 отсто годишно, со просечни плати меѓу 40.000 и 90.000 евра. Оваа професија е особено барана во финансискиот сектор и е-трговијата.

Експерт за одржливост

Менаџерите за одржливост стануваат сѐ побарани бидејќи компаниите се префрлаат на зелено работење. Платите варираат од 45.000 до 75.000 евра годишно.

Медицински сестри и здравствени работници


Поради стареењето на населението, здравствениот сектор бележи постојан пораст на побарувачката, особено за квалификувани медицински сестри.

Експерт за обновливи извори на енергија


Зелената транзиција создава голема побарувачка за инженери специјализирани за обновливи извори на енергија, со плати кои се движат од 48.000 до 75.000 евра годишно.

Облак-архитект


Експертите за „облак-компјутери“ бележат раст на побарувачката од 23 отсто годишно, со просечни плати меѓу 55.000 и 90.000 евра.

Експерт за дигитален маркетинг


Професионалците за дигитален маркетинг се сè побарани, особено оние со искуство во аналитика и социјалните медиуми.

Здравството е клучно


Технолошките занимања доминираат на листата со најбарани професии за 2025 година, со посебен акцент на вештачката интелигенција и дигиталната трансформација.

Сепак, не треба да ги игнорираме потрадиционалните сектори, како што е здравството, кои исто така бележат значителен раст на побарувачката. За успех на идниот пазар на труд, клучно е постојаното подобрување и следење на технолошките трендови.

Извор: 6yka.com
Фото: Freepik