Големината на зеницата додека спиеме открива како се процесираат сеќавањата

Големината на зеницата додека спиеме открива како се процесираат сеќавањата

Подготвил: Маја Пероска

Лектор: Ивана Кузманоска

Истражувачите од Универзитетот „Корнел“ откриваат дека зеницата е клучна за разбирање како и кога мозокот формира силни, долготрајни спомени.

Проучувајќи глувци опремени со мозочни електроди и мали камери за следење на очите, истражувачите утврдиле дека новите спомени се репродуцираат кога зеницата е во контракција за време на потфаза на не-РЕМ сон. Кога зеницата е проширена, процесот се повторува за постарите спомени.

Способноста на мозокот да ги одвои овие две потфази на спиење со претходно непозната микроструктура е она што го спречува „катастрофалното заборавање“, во кое една меморија брише друга. Наодите би можеле да доведат до техники за подобрување на меморијата на луѓето и може да им помогнат на компјутерските научници да ги обучат вештачките невронски мрежи за да бидат поефикасни. Студијата, објавена во „Природа“, ја воделе доцентите Азахара Олива и Антонио Фернандез-Руиз.

Во текот на еден месец група глувци биле подучени на различни задачи, како што се собирање вода или поминување низ лавиринт за награди во форма на колачиња. Глувците биле опремени со мозочни електроди и мали „шпионски“ камери, кои виселе пред нивните очи за да ја следат динамиката на нивните зеници. Еден ден глувците научиле нова задача и кога заспале, електродите ја снимиле нивната нервна активност, а камерите ги снимиле промените на нивните зеници.

- Не-РЕМ спиењето е кога се случува вистинското зацврстување на меморијата, а овие моменти се многу, многу кратки временски периоди кои не можат да ги детектираат луѓето, како 100 милисекунди. 

Како мозокот ги дистрибуира овие прегледи на меморија кои се многу брзи и многу кратки во текот на целата ноќ? И како тоа го раздвојува новото знаење што доаѓа, на начин што не се меша со старото знаење што веќе го имаме во нашите умови? - вели Олива.

Снимките покажале дека временската структура на заспаните глувци е поразновидна и послична на фазите на спиење кај луѓето отколку што се мислело. Со прекинување на сонот на глувците во различни моменти и подоцна со тестирање колку добро се сеќаваат на нивните научени задачи, истражувачите можеле да ги анализираат процесите. Кога глувчето ќе влезе во потфаза на не-РЕМ сон, неговата зеница се намалува и тука се реактивираат неодамна научените задачи, т.е. новите сеќавања, додека претходното знаење не. Спротивно на тоа, постарите спомени се репродуцираат и се интегрираат кога зеницата е проширена.

- Тоа е како низа - ново учење, старо знаење, ново учење, старо знаење и тоа полека флуктуира во текот на спиењето. Ние сметаме дека мозокот ја има оваа средна временска скала што го одвојува новото учење од старото знаење - заклучува Олива.

Извор: medicalxpress.com

Фото: Freepik