Инженери смислија нов евтин метод за претворање на солената морска вода во пивка вода

Инженери смислија нов евтин метод за претворање на солената морска вода во пивка вода

Подготвил: Маја Пероска

Лектор: Ивана Кузманоска

Истражувачите создадоа електроди од јаглеродна ткаенина кои ефикасно го отстрануваат хемискиот елемент бор од морската вода, потенцијално заменувајќи ги скапите хемикалии во процесот на отсолување.

Електродите го отстрануваат борот од отсолената вода со разделување на молекулите на јони. Хидроксидните јони се врзуваат за борот, кој се прилепува на позитивните електроди, обезбедувајќи побезбедно производство на вода за пиење.

Проектот, развиен од инженери од Универзитетот во Мичиген и Универзитетот Рајс, означува клучен напредок во правењето на морската вода безбедна за пиење.

- Нашиот уред ги намалува хемиските и енергетските потреби за отсолување на морската вода, значително ја подобрува еколошката одржливост и ги намалува трошоците до 15 отсто, или околу 20 центи по кубен метар прочистена вода - истакна Веиј Пан, истражувач од Универзитетот Рајс.

Борот, природна компонента на морска вода, станува токсичен загадувач на водата за пиење кога ќе ги заобиколи конвенционалните филтри за отстранување на солта. Нивоата на бор во морската вода често ги надминуваат границите поставени од Светската здравствена организација за безбедна вода за пиење и ја надминуваат толеранцијата на многу земјоделски растенија.

- Ние развивме нова технологија која може да го отстрани борот на енергетски ефикасен начин во споредба со некои од конвенционалните технологии - истакнал Јован Камчев, професор по хемиско инженерство и макромолекуларна наука и инженерство на Универзитетот во Мичиген.

Глобалниот капацитет за отсолување достигна 95 милиони кубни метри дневно во 2019 година, а новите мембрани дизајнирани за отстранување на борот може да заштедат приближно 6,9 милијарди долари годишно.

Тимот нагласува дека објектите од големи размери, како што е фабриката за десалинизација во Сан Диего, можат да заштедат милиони долари годишно.

Овие намалувања на трошоците би можеле да ја направат морската вода поодржлив извор на вода за пиење, со адресирање на ескалирачката глобална криза за вода. Се предвидува дека резервите на слатка вода ќе задоволат само 40 отсто од побарувачката до 2030 година, според извештајот на Глобалната комисија за економија на водата за 2023 година.

- Нашата студија претставува платформа која ги користи промените на pH-вредноста што би можеле да ги трансформираат другите загадувачи, како што е арсенот, во лесно отстранливи форми - вели Менахем Елимелех, професор по градежништво и инженерство во животната средина и хемиско и биомолекуларно инженерство на Универзитетот Рајс.

Извор: interestingengineering.com

Фото: Freepik