Новиот документарец на „Нешнл џиографик“ ја раскажува приказната за создавањето на вакцината на „Фајзер“

Новиот документарец на „Нешнл џиографик“ ја раскажува приказната за создавањето на вакцината на „Фајзер“

Подготвил: Тамара Гроздановски

Лектор: Ивана Кузманоска

Во гратчето Портаџ, Западен Мичиген, се случија завршните чекори на создавањето на вакцината против Ковид-19 на „Фајзер“, создадена со германската компанија „Бајонтек“. Тоа е местото каде што ампулите се полнат и се подготвуваат за испорака. 3.000 работници во овој 520-хектарски објект испорачаа околу 40 милиони дози.

Сега, „Фајзер“ и „Нешнл џиографик“ најавуваат нов 44-минутен документарец посветен на тој процес, чија премиера ќе биде  на 11 март на „Дизни“ каналот, точно по една година откако Светската здравствена организација ја прогласи епидемијата на коронавирусот за пандемија.

„Возможна мисија: Трката за вакцина“ („Mission Possible: The Race for a Vaccine“) е резултат на партнерството помеѓу „Фајзер“ и „Дизни“, кој го користи тимот за документарци на „Нешнл џиографик“ и единицата за содржина „Криејтив воркс“. Сè почнало во средината на минатата година кога извршниот потпретседател на „Фајзер“ и главната директорка за корпоративни работи, Сали Сусман, ја препознала уникатната можност и за компанијата и за нејзините луѓе.

- „Фајзер“ е компанија стара над 170 години, а имате само мал број можности да го промените текот на човечката историја. Мислам дека тоа еднаш го направивме со пеницилинот. „Нешнл џиографик“ беше првиот избор за партнер поради неговиот кредибилитет и софистицираноста околу науката - вели Сусман.

Филмoт ја разгледува извонредната временска рамка, процесите и стратегиите што стојат зад развојот на вакцината, истакнувајќи ги големите влогови. Можеби најмногу привлекува фокусот кон вистинските луѓе што го остварија ова, запознавајќи ги гледачите со клучните играчи што работеа на овој чекор во невидени околности. Производството почна кон крајот на минатото лето, со тоа што режисерите обезбедуваа снимање на делови буквално со сите, од научниците во компанијата до извршниот директор и други директори.

Мајк Визе, раководител на брендирана содржина во „Нешнл џиографик партнерс“ и „Дизни криејтив воркс“, вели дека и покрај целото известување од медиумите и печатот, во приказната има многу работи што ќе бидат нови за гледачите.

- Многу брендови имаат приказна што сакаат да ја раскажат, мислат дека ќе направат „рецитал“ од атрибутите на нивните брендови или од работите што ги направиле, но ова е вистината, пристап без преседан, различен од кој било проект што сме го направиле. Токму тоа го прави посебен - вели Визе.

Сусман вели дека соработката со „Нешнл џиографик“ го крена нивото за тоа колку се очекува брендот да ги исполни стандардите на документарците.

- Не бевме заинтересирани за создавање реклама. Сакавме да создадеме филм базиран на факти - вели таа.

Минатиот април компанијата ја почна кампањата „Науката ќе победи“ за да додаде на возбудата во трката со вакцините и почнувањето на долгиот процес на влевање јавна доверба во резултатите.

Сусман вели дека јавната перцепција влијаела врз тоа кој ќе биде вклучен во филмот, избирајќи ги постарите луѓе во лабораторијата и фабриката.

- Сè што правевме беше да се влее доверба во вакцините. Луѓето во приказната, тие не се врвот на компанијата. Тие се луѓето што работат на теренот. А како и во секоја приказна, колку повеќе се приближувате до теренот, толку повеќе ја чувствувате вистината на приказната - вели Сусман.



Извор: Fast Company
Фото:  Screenshot/Fast Company