Уметникот Зоран Алапулов-Пикси раскажува за независниот живот на планина: Сам произведува храна, користи соларна струја...

Уметникот Зоран Алапулов-Пикси раскажува за независниот живот на планина: Сам произведува храна, користи соларна струја...

Подготвил: Александра Овчарска Бела

Посетата во град му е сведена на минимум, кога душата ќе му зажали за средба со најблиските или ако има нарачка за цртеж или мурал

Од бучниот живот во центарот на Скопје, жешкиот асфалт во лето или кашест во зима, од гласните булевари, метежот, редиците... во мирен живот на планина во бачило. Уметникот Зоран Танев-Алапулов, на јавноста познат како Пикси, без премногу размислување ги спакувал куферите и заминал да живее на 440 метри надморска височина во спокојното подножје на Беласица, поточно во с. Костурино. Таму, на падините, огништето го дели со својот татко, родум од таму.
Тие живеат комплетно независен живот, сами се грижат да си обезбедат свежо овошје и зеленчук, млечни производи добиваат од козите, осумдесет на број, а секојдневието им мириса на домашно крцкаво лепче испечено во старото ќумбе на дрва.



Пикси не откри кој бил пресудниот момент за да одлучи да се пресели на планина.



- Деновите овде не се разликуваат многу еден од друг. Подготвуваме храна за нас, но и за животните. Мораме секој ден да обезбедиме доволно количина дрва, но и вода. Секојдневието се состои и од стандардната прошетка низ пасиштата или на паша со козите. Исхраната ни е комплетно органска, зеленчукот, млечните производи ги произведуваме сами, лебот што го јадеме е домашен, водата ја црпам од планински чешми, а електричната енергија ја добивам од соларен систем - објаснува Алапулов.

Деновите и ноќите на планина во бачило знаат да бидат со екстремно ниски температури.

Тој вели дека животот на село не му е шок бидејќи и претходно често доаѓал. Опкружувањето со животни, исто така, за него не претставува нешто ново бидејќи неговата мајка долго работела во скопската Зоолошка градина, па уште како дете често бил во контакт со животни. Овој начин на живот совршено му годи, раскажува Пикси за Факултети.мк.



- Арката ми се состои од осумдесетина кози, пет мачиња и пет кучиња, кои не се расни и најчесто се удомени од пријатели или познајници, а некои ги најдовме овде. Помошта меѓу нас и животните заемна - вели Пикси.

Неговата грижа и љубов кон животните може да се забележи и од неговите објави на социјалните мрежи. Сега е период на ојарување, па неодамна тој сподели на кој начин им помага на козите.



Бачилото на Алапулови се наоѓа во атарот на селото. Станува збор за населено место, според последниот попис околу 1.200 жители, а и нашиот соговорник вели дека е густо населено, вели дека тие имаат пријатни соседи со кои може да се разменат муабет и чашка ракија.



Го прашавме кој му е најубавиот дел од денот?
- Утрата овде се најмагичниот дел од денот, кои ги дочекувам обично со кафе на чардак, чекајќи го изгрејсонцето. Ноќите, пак, се различни во зависност од периодот на годината. Некои се мирни и спокојни, а некои, како во овој период, се многу динамични и со многу малку сон. Сега е период кога козите се ојаруваат и морам 24 часа да бидам покрај нив за да го спасам подмладокот - раскажува Пикси.



Обврските за него се неизбежни, но одвреме-навреме, претопен во убавините на Подгорјето на Беласица, инспириран од звуците на природата, маѓепсан од чистиот поглед, ќе открадне дел од денот за некој нов цртеж.



Деновите и ноќите на планина, во бачило може да се минуваат при екстремно ниски температури. Кога собата за престој, која е и кујна воедно, станува и одгледувачница за јарињата. Сите до ќумбе, сечиј живот е важен

Тој е еден од авторите на стрипот посветен на Тоше Проески. Овој уметник има препознатлива линија, така што ако некаде сретнете негов цртеж, ќе погодите со чиј потпис е. Честопати знае да ги насмее своите пријатели цртајќи на невообичаени места, на невообичаен начин, а уште почесто да ги воодушеви со своите дела.



- Тоа се моменти кога го стегам сунѓерот во мене кој е натопен од сите случувања кај нас и околу нас и тогаш оставам сè да протече и да се истури врз хартијата. Овде, далеку од животот во цивилизација, овде многу појасно и трезвено ги согледуваш случувањата. Би сакал еден ден да основам една уметничка колонија овде - вели Алапулов.

Кога му фали чкртањето по ѕидовите во градовите, покажува тоа што оди нагоре по планините и чкрта по карпите.









Посетата во град му е сведена на минимум, кога душата ќе му зажали за средба со најблиските или ако има нарачка за цртеж или мурал. Колку и да звучи парадоксално, појаснува Пикси, понекогаш му недостига бучавата на градот, која пак била причина да си замине.

- Ми фалат сите тие закатанчени влезови и блиндирани врати. Овде по планините, во дивината, меѓу животот со ѕверките, го нема тоа. Овде ништо не е блиндирано, ништо не е закатанчено, па така се поставува прашањето каде точно живеат ѕверките - вели тој.








Алапулов успева да ги пренесе најсветлите мигови и во ситуации кога не е лесно. Тој, споделувајќи ги на најприроден начин своите лични моменти, нè враќа во минатото, да се потсетиме како се живеело некогаш.
Фото: Зоран Танев-Алапулов