Селото Гари и убавицата Стогово - идилична убавина во нашата земја
Колку повеќе се движите низ територијата на Македонија, толку повеќе се вљубувате во нејзината раскошна убавина. Потребата за посета непознати места може да биде добар мотив да се запознаете со многу делови на Македонија.
Во нашата земја постојат многу убави места, но има места каде што постојано сакаме да се навраќаме секогаш кога имаме време, а едно од тие места е селото Гари и планината Стогово.
Македонија е надарена со многу убавини, но малореканскиот крај навистина е уникатен предел во нашата земја. Во подножјето на планината Стогово, на надморска височина од 1.100 метри под шумата Канеш, е распослано планинското село Гари. До него се стигнува возејќи по патот од Маврово за Дебар, каде што кај месноста Бошков мост се скршнува и се вози само право. На влезот селото ќе ви ја покаже целата идилична убавата и старите куќи кои се симетрично амфитеатрално распоредени. Низ селото жубори планинската дива Гарска Река, чија вода е лек за душата во летниот период. Гарска Река тече низ Стогово и со себе ги собира планинските реки Валовница, Лазарополска, Sвончица и Белешница. Заедно со Тресочанка ја сочинуваат Мала Река, која е најголемата притока на реката Радика.
Селото Гари е честа дестинација за многу туристи кои сакаат да ги откриваат недопрените убавини, каде што природата не била скржава, каде што архитектурата го задоволува апетитот и на најпребирливите љубопитни посетители, планинската клима со шумските подови е мелем за душата. Гари е особено прочуено по иконостасите и резбата во црквата „Успение на Пресвета Богородица“, која била изработена од далеку познатиот мајстор Петре Гарката. Селото Гари има своја селска слава, посветена на Голема Богородица, а за време на славата се практикуваат многу архаични и уникатни обичаи специфични за овој крај од Македонија. Доколку сакате да ги истражувате архитектурата, фолклорот, обичаите и историјата, селото навистина има што да понуди во поглед на верски и многу архаични обичаи од минатото. Доколку сте љубител на природните убавини, тука е неизбежна планинската убавица Стогово, која е една од најубавите во овој дел од Македонија. Стогово претставува млада верижна планина која настанала за време на алпската орогенеза. За време на плеистоценот планината Стогово била зафатена со глацијација и денес на неа се јавуваат леднички релјефни форми, како што се валовите, цирковите и морените. Во цирковите се јавуваат три леднички езера - Горно и Долни Езеро и езерото Маруша. Освен планинските езера, на оваа планина се забележува и присуство на голем број вртачи, што јасно се гледа дека има присуство на различни генетски типови релјефни формации. Планината е честа викенд-дестинација за голем број планинари, моторџии и собирачи на шумски плодови. Стогово има должина околу 22 км, а ширина околу 16 км.
Од селото Гари има повеќе патеки кои се атрактивни и привлечни за искачување на неколку импозантни врвови, кои мамат и привлекуваат со својата височина.
По долината на Гарска Река се стигнува на платото на Стогово од каде што се простира прекрасен поглед кон повеќе врвови. Иако постојат повеќе маршрути до највисокиот врв на планината Стогово, сепак, често се стартува од селото Гари за да се освои врвот Голем Рид (или Бик Дорук) за кондиционо поспремните, не е далеку и врвот Канеш или врвот Стогово, во зависност од желбите и можностите. Исто така, од селото Гари има обележана патека до врвот Бабин Срт. Која патека да ја изберете, нема да згрешите затоа што пејзажите што ги нуди планината Стогово се уникатни и незаменливи. Попатно ќе видите голем број бачила каде што се напасуваат голем број висококвалитетни овци. По долгото пешачење околу селото Гари и планината Стогово, неизбежно е да вкусите некој локален еколошки специјалитет, а тоа задоволство може да го имате во етноресторанот „Топила“. Покрај вкусната храна и одличниот етноамбиент, од ресторанот нудат и прошетка со коњи. Несомнено дека Гари, Стогово и целиот малорекански крај се уште еден бисер под нашето поднебје и вреди да се посетат.
Препораката на авторот на овој текст е што повеќе да го поттикнувате љубопитниот дух во себе и да ги истражувате природните уникатни убавини на Македонија зашто нашата земја е уникатна држава на европскиот континент.
Автор на текстот и на фотографиите: професор Дарко Оносимоски