Дали попаметните кучиња навистина имаат помал мозок? Ново истражување открива изненадувачки резултати

Дали попаметните кучиња навистина имаат помал мозок? Ново истражување открива изненадувачки резултати

Подготвил: Тамара Гроздановски

Лектор: Ивана Кузманоска

Се верува дека колку е поголем мозокот, толку е поголема интелигенцијата. Но, иако човечкиот мозок останува мистерија за научниците, ново истражување покажува дека ова правило не важи за кучињата.

Истражувањето објавено во списанието „Бајолоџи летерс“ открива нешто неочекувано – „попаметните“ кучиња, особено работничките раси што извршуваат сложени задачи и им асистираат на луѓето, всушност имаат најмали мозоци во однос на големината на телото. Од друга страна, кучињата-придружници, како што се чивавите, имаат релативно најголеми мозоци.

Истражувачи од Франција и Швајцарија анализирале черепи од 1.682 возрасни кучиња од 172 различни раси, користејќи примероци од Природонаучниот музеј во Берн. Тие ја мереле релативната ендокранијална зафатнина, односно големината на мозокот во однос на телото, како индикатор за когнитивните способности.

Дополнително, научниците анализирале фактори како функцијата на расата, обликот на черепот, способноста за соработка и темпераментот, користејќи податоци од тест кој проценува карактеристики како способност кучето да учи и да се обучи, потребата за внимание и ниво на агресивност.

Овие резултати ги доведуваат во прашање досегашните претпоставки дека поголем мозок значи и поголема интелигенција. Работничките раси, кои покажале најмала релативна големина на мозокот, докажуваат дека самиот волумен на мозокот не е одлучувачки фактор. Наместо тоа, поголемо значење има внатрешната структура и организација на мозокот – што претходни истражувања веќе го поврзале со специфичните функции на расите, како што се ловот, чувањето или дружењето.

Истражувањето покажува дека селективното одгледување значително влијаело врз големината на мозокот кај кучињата. На пример, поголема релативна големина на мозокот се поврзува со зголемена анксиозност и агресивност. Тоа го објаснува фактот дека мали раси како чивавата, мопсот или јоркширскиот териер, кои имаат поголем мозок, често покажуваат повисоко ниво на страв, агресија, раздразливост и силна потреба за внимание. Овие особини се развиле преку селекција бидејќи луѓето сакале кучиња кои ќе им бидат приврзани и ќе бараат повеќе внимание.

За разлика од нив, работничките кучиња биле одгледувани според критериуми за тоа колку може да биде истренирано и обучено, што е поврзано со помала релативна големина на мозокот – бидејќи анксиозноста и агресивноста би биле контрапродуктивни за нивните задачи.

- Можеме со сигурност да кажеме дека селекцијата не влијаела само врз телесната градба на кучињата, туку и значително ги променила нивните мозоци - вели Ана Барасел, еволутивен биолог од Институтот за еволутивни науки во Монпелје и главен автор на истражувањето.

Извор: Mymodernmet.com
Фото: Freepik