Италијанските извидници им доставуваат намирници на постарите лица

Италијанските извидници им доставуваат намирници на постарите лица

Подготвил: Тамара Гроздановски

Лектор: Ивана Кузманоска

Како што Италија влегува во третата недела под карантин по појавата на Ковид-19, чувството на непријатност, изолација и осаменост почнува да го зема својот данок кај старите лица.

Италијанските извидници од Италијанската федерација на извидници ги здружија напорите да направат сè што е во нивна моќ за да му помогнат на населението што е во ризик, особено на старите луѓе. Во градовите Ферара и Фиренца извидничката единица почна со бесплатна услуга за достава на намирници за старите лица. Заштитени со ракавици и маски за лице, извидниците на велосипеди им носат намирници на оние што побарале услуга од нив.

Бидејќи услугата станува сè попопуларна, групата повикува повеќе волонтери.

Штом ќе пристигне на одредената дестинација, извидникот ја спушта торбата на влезот на постарата личност и одржува дистанца. Извидникот треба и да има краток разговор со личноста, за да го намали интензитетот на изолација со кој се соочуваат старите лица.

- Мотото на извидниците е: „Бидете подготвени“. Ние сме подготвени секогаш кога има вонредна состојба во Италија: земјотреси, поплави, катастрофи - заедно се соочивме со тешкотиите и се заштитивме и најважно, секогаш сме солидарни - изјави Галичани, еден од најстарите од волонтерската патрола.

Друга восхитувачка акција што е во тек во регионот Реџио Емилија е тоа што извидниците го следат пристапот на пациентите до објектите. Заштитени со ракавици и маски, извидниците им нудат средства за дезинфекција на рацете, им поставуваат основни прашања, ја проверуваат нивната здравствена состојба пред да ги насочат во примарното подрачје каде што медицинските сестри утврдуваат кои пациенти треба да бидат тестирани.

Покрај акцијата во заедницата, италијанските извидници се одлични во нивната работа. На интернет тие имаат чести состаноци за да се охрабрат едни со други и да продолжат со извидувањето.



Извор: Scout.org
Фото: Scout.org