„Мисија ми е да креирам софтверски решенија кои ќе ѝ бидат од корист на заедницата“, вели Симеон Наловски, добитник на признание за извонредност и сестраност на УКЛО
Подготвил:
Жанета Здравковска
Лектор:
Ивана Кузманоска
Симеон Наловски е четврта година на Факултетот за информатички и комуникациски технологии (ФИКТ) при Универзитетот „Свети Климент Охридски“ од Битола, со постигнат просек од 9,51, вклучен е во експериментирање со новитетите во светот на ИТ-технологијата и во многубројни воннаставни активности и проекти.
Студентската извонредност на Наловски се состои од комбинација на посветено и темелно изучување на студиските предмети, активно учество и волонтирање во воннаставни настани и проекти, ревносно следење и експериментирање со новитетите во светот на ИТ-технологијата и постојана желба за истражување на непознатото. Тој е дел од неколкуте студенти на кои Битолскиот универзитет им додели признанија за извонредност и сестраност.
- Во моментов сум насочен кон примена на вештачката интелигенција во трговијата со акции на берзата и автоматизација на прибирањето и обработката на податоци од различни извори. Мисијата што сакам да ја остварам со избраната професија е креирање и одржување софтверски решенија кои ќе ѝ бидат од корист на заедницата, без разлика на кој аспект од секојдневието - вели Наловски.
Својата перспектива ја гледа дома
Изучувањето на компјутерските технологии за него не значи билет за странство. Вели дека се одлучил да студира на ФИКТ во Битола бидејќи има можност да изучува голем број програмски јазици и технологии во близина на својот дом, малата македонска општина Демир Хисар.
- И покрај можноста за студирање во странство, се одлучив да останам дома бидејќи ФИКТ, преку своите предметни содржини и менторски групи во соработка со ИТ-компаниите (во кои учествува по третпат) овозможува студентите да се запознаат со широк спектар на технологии, програмски јазици и области од ИТ-секторот во кои се применуваат - вели Наловски.
И по дипломирањето е одлучен да остане да работи во Македонија.
- Мојата професија има просперитет во Битола, пред сѐ, поради растечкиот број на нови компании кои отвораат свои канцеларии во Битола и со самото тоа и растечкиот број на нови работни места и поголема покриеност за различните ИТ-профили - додава Наловски.
Постигнувањето висок просек му е предизвик
Тој е студент на седми семестар и досега постигнал просек од 9,51. Вели дека не е тешко да се постигне просекот, туку тоа му е предизвик.
- Стратегијата што ја применувам при подготвувањето на испитите се сведува на правилна процена и распределба на времето потребно за совладување на предметните содржини, со што постигнувам баланс помеѓу академскиот и социјалниот живот – објаснува студентот.
Посочува дека државата може да ги задржи младите да студираат дома преку подобрување на квалитетот на наставата (пред сѐ, практичната настава), со што нашите универзитети и факултети би биле конкурентни со оние градови со сличен број студенти и жители во поразвиените земји, особено Словенија, која станува ,,ветена земја“ за македонските студенти. Понатаму, кон задржување на студентите дома несомнено ќе помогне долгоочекуваното и посакувано подобрување на целокупниот систем и општествената клима. Исто така, и овозможувањето на студентите паралелно да студираат и да работат.
- Потребно е подобро поврзување на високообразовните установи со пазарот на трудот, кое би се постигнало преку дуално високо образование. На овој начин студентите ќе бидат подобро подготвени за пазарот на трудот. Исто така, потребно е намалување на периодот за реакредитација на студиските програми со цел да ги следат новите трендови во светот на технологијата - додава тој.
Вклучен во активности од интерес на локалната заедница во Демир Хисар
Покрај тоа што е солиден студент, Наловски е и активно вклучен во многу проекти и воннаставни активности. Волонтирал во Црвениот крст - Демир Хисар во активности посветени на грижата за старите лица и стоп за употребата на пиротехничките средства, учествувал во организација на рок-настани за збогатување на културно-забавниот живот во Демир Хисар. Волонтирал во Демирхисарска летна школа, во чии рамки се проучуваа историски факти и пронајдоци за црковно-творечкиот живот во средновековието на тоа подрачје, со посебен фокус на работата на Слепченскиот манастир и уште многу други. Наловски со ова покажува дека покрај тоа што треба да постигне висок степен на знаење, студентот треба да биде вклучен и во активности за општествено добро.
Фото: приватна архива