Градинарството ги лекува луѓето од депресија!
Подготвил:
Тамара Гроздановски
Лектор:
Ивана Кузманоска
Природните лекови се тука со векови. Можат да се најдат за речиси секоја физичка болест, ментална и емоционална болка. Античките исцелители можеби не знаеле зошто нешто дејствува, но знаеле дека едноставно дејствува.
Модерните научници ја открија причината зошто многу растенија се лековити, но неодамна откриле лекови што биле непознати, а се дел од природниот животен циклус. Меѓу микробите во почвата и човечкото здравје има позитивна врска што е прочуена и докажана.
Дали знаевте дека во почвата постои антидепресив? Mycobacterium vaccae е бактерија што се наоѓа во почвата и која луѓето ја голтаат или вдишуваат кога поминуваат време во природа и за која е потврдено дека има влијание врз невроните, како што имаат влијание лековите како „прозак“. Може да го стимулира производството на серотонин, да ја подобри когнитивната функција, има ефект врз Кроновата болест, па дури и врз ревматоидниот артритис. Повеќето страсни градинари ќе ви кажат дека нивната градина е нивно „среќно место“, а самото градинарство го намалува стресот и го подобрува расположението.
Спроведени се испитувања кај пациентите заболени од рак и тие пријавиле подобар квалитет на животот со помалку стрес. Недостигот на серотонин е поврзан со депресија, анксиозност, опсесивно компулсивно нарушување и биполарно растројство. Се чини дека бактериите се природен антидепресив во почвата и дека немаат штетни ефекти врз здравјето.
Фактот дека науката стои зад ова им дава дополнителен кредибилитет на тврдењата на „зависниците“ од градина.
Присуството на антидепресивни бактерии во почвата не е изненадување за оние што го доживеале овој феномен. Фасцинантното е тоа што науката го поддржува ова.
Како почвата ве прави среќни?
Антидепресивните микроби во почвата предизвикуваат зголемување на цитокинот, што резултира со производство на високо ниво на серотонин. Бактеријата е тестирана на глувци, а резултатите покажале зголемување на нивната когнитивна способност, пониско ниво на стрес и подобра концентрација од контролната група.
Градинарите вдишуваат бактерии, имаат контакт со нив и им влегуваат во крвотокот кога на рацете постои рана или друг пат за инфекција. Ефектите на овие антидепресивни бактерии во почвата може да се почувствуваат и до 3 недели.
Затоа, излезете, играјте со земја и подобрете ги вашето
расположение и вашиот живот.