Автентичноста и постојаноста се тие што го прават еден бренд препознатлив на пазарот

Автентичноста и постојаноста се тие што го прават еден бренд препознатлив на пазарот

Наташа Стојановска е управител и соосновач на маркетинг-агенцијата „ПР Линк Маркетинг“ од Битола, дел од BV Business Group. По дведецениско работење во различни сегменти од маркетингот, пред една година се охрабри да започне со партнерски бизнис, односно да отвори маркетинг-агенција каде што ќе може целосно да го искаже нејзиниот потенцијал, поместувајќи ги сопствените граници и да понуди еден поинаков концепт на маркетинг и ПР-услуги.

Помина точно една година од оформувањето на „ПР Линк Маркетинг“. Кажете ни нешто повеќе за компанијата и нејзиниот фокус на маркетинг и ПР-услуги и поддршка?

Водени од визијата на BV Business Group, ја основавме „ПР Линк Маркетинг“, маркетинг-агенција која на почетоците беше за потребите на групацијата, за подоцна да почне соработка со компании од различни дејности. Нашиот тим е составен од врвни маркетери, креативци. дизајнери, програмери, лектори, фотографи, видеографи и новинар, односно тим кој знае што е потребно за да се добијат вистински резултати онлајн и офлајн. Ние го задржуваме фокусот на метриките што значат најмногу, како што се потенцијални клиенти и генерирани приходи. Знаеме дека постигнувањето на овие цели е она што ги движи бизнисите напред и веруваме дека успехот на клиентите е најдоброто мерило за нашите перформанси. Услугите што ги нудиме ги креираме според потребата на клиентите и нивниот начин на комуникација со постојните и потенцијалните клиенти.

Дел од услугите што можам во моментот да ги набројам се:

• Креирање краткорочна и долгорочна онлајн и офлајн маркетинг-стратегија;
• Комплетен дизајн на BRAND QUIDE;
• Комплетно водење на социјални медиуми (Фејсбук, Инстаграм, Јутјуб, Линкдин, Тик-ток);
• Дизајн на рекламен материјал;
• Изработка и одржување на веб-страница;
• Организација на корпоративни настани;
• Посредување при спонзорства и рекламирање на традиционални медиуми;
• Комплетна ПР-поддршка за секој бизнис.



Дали досега ја исполнивте Вашата примарна цел и кое е досегашното портфолио на компанијата?


Мое мислење е дека во нашето едногодишно постоење постигнавме и повеќе од тоа што очекувавме. Тргнувајќи од маркетинг-активностите на компаниите кои ја сочинуваат BV Business Group, можеме да се пофалиме со голем успех онлајн, како и организација на корпоративни настани кои се од големо значење за целокупното работење на групацијата како општествено одговорна компанија. Тука се и настани кои значат директна комуникација на групацијата со постојните и потенцијалните клиенти, како и настани со кои покажавме и докажавме дека најважна алка за успех на групацијата се нејзините вработени. Во моментот портфолиото на „ПР Линк Маркетинг“ го сочинуваат 13 компании дел од BV Business Group и уште неколку битни компании надвор од групацијата на кои сме особено горди и кои според сите анализи докажаа дека се движиме по правиот пат за нас како маркетинг-агенција, но и за нашите клиенти остварувајќи ги целите на нивното работење.

Локалниот пазар, од каде што впрочем се и Вашите почетоци, е доста специфичен сам по себе. Дали наидовте на плодна почва за дигитален маркетинг и ПР-услугите што ги нудите?

Ако се водиме од фактот дека самата групација брои 13 компании, нашиот старт беше „директно фрлање в оган“ без многу време и услови за т.н. почетнички грешки, а со тоа ние добиваме улога на сериозна маркетинг-агенција со над 10 клиенти, секој со различна дејност и со различни потреби во поглед на маркетингот. По само неколку месеци постоење ги проширивме нашите активности во Скопје, каде што имаме соработка со неколку компании, што е огромен успех знаејќи каква понуда и конкуренција има во главниот град. Што се однесува до почвата за дигиталниот маркетинг, генерално на ниво на држава сѐ уште преовладува мислењето, особено кај малите бизниси, дека секој може да води и да креира содржини за социјални медиуми, што претставува голем проблем при преговарањето со клиентите. Затоа во моментот таргет-група на „ПР Линк Маркетинг“ се средните бизниси, како и големите бизниси кои веќе ја знаат разликата помеѓу квалитетен и детален маркетинг и она што значи површински маркетинг.

Како изгледа Вашиот принцип на работа, кој е пристапот кон клиентите и нивните потреби? Колку можете да бидете автентични како креативци и да ги „убедите“ клиентите дека тој пристап е единствениот кој може да ги оддели од конкуренцијата?


Во самата комуникација со клиентот ги анализираме неговите потреби, па според тоа креираме онлајн и офлајн маркетинг-стратегија. Она што нѐ прави автентични е тоа што работиме за компании со различни дејности, различни таргет-групи на нивни клиенти. Создавањето на мрежата од потенцијални клиенти е наш главен фокус и ние сме подготвени да им помагаме на бизнисите да ги постигнат своите цели. При изборот за нас како маркетинг-агенција, нема да добијат стратегија која е определена за сите клиенти, туку ќе добијат сопствена маркетинг-стратегија која одговара на потребите и целите на бизнисот.




Од каде кај Вас таа љубов кон маркетингот и креирањето содржини? Дали секојдневно се будите со креативни идеи кои Ве инспирираат да продолжите со оваа работа?

Мојот работен век започна со офлајн маркетинг. Кога работите на продажба на производи за широка потрошувачка, ги учите потрошувачките навики на луѓето, односно сѐ што може да ги натера да се одлучат за одреден производ или услуга. Маркетингот како гранка постојано доживува трансформации, но доколку ја научите основата, тоа е она што ќе ве води да бидете креативни и да ја остварувате вашата цел. Креативноста ја имам секојдневно, дел од моите соработници во одредени моменти знаат да се шегуваат дека не можат да ме испратат со напливот на идеи. Маркетингот како гранка е толку динамичен, што е потребно постојано да се биде во чекор со сите промени што се случуваат, односно да се надградувате и едуцирате во реално време, тоа е единствен начин да се развиете во добар креативец. Се разбира, без тим околу себе кој постојано ве надградува со идеи, ништо од тоа не би било возможно. Но, едно е битно кај маркетингот, во моментот кога ја имаш идејата, битно е да ја споделиш со својот тим за во понатамошноно работење да се спроведе како успешна алатка. Затоа можам да се пофалам со членовите на мојот тим, кои се подготвени да се носат со повеќе одговорности истовремено, имаат врвни дигитални, професионални и креативни вештини и ја разбираат важноста на работата. Мојот тим секогаш е подготвен да превеземе одговорност и да ја совлада секоја препрека и успешно да се носи со сите трансформации на дигиталниот свет.

Често пати во минатото се изедначуваа односите со јавноста и маркетингот, кои се блиски и сродни, но се сосема различни науки. Во ова модерно време ПР и дигиталниот маркетинг одлично се надополнуваат. Дали значењето на ПР е поголемо или помало во оваа доба на брзо менување на дигиталните канали и новите канали за комуникација?

Кај нас често знае непромислено да се направи таа паралела на изедначување. Затоа сме тука ние, маркетинг-агенциите, за на клиентите да им ги поставиме здравите темели, а тоа подразбира да повлечеме линија и да им ги објасниме сите аспекти. ПР и дигиталниот маркетинг имаат иста цел - промовирање на бизнисот. Но, начинот на кој се постигнува таа цел е различен. Сепак, можам да констатирам дека луѓето до кои треба да стигне информацијата како реклама или промоција на бренд лесно ги препознаваат и ги одделуваат двата аспекти. Оттука и потврдата дека со комбинација на ПР и дигитален маркетинг кредибилитетот на компанијата може значајно да се зголеми.

Креативните трендови во дигиталниот маркетинг и ПР константно се менуваат и еволуираат, што е актуелно во моментов и со какви сѐ предизвици се сретнувате?

Во моментот, според алгоритмите на социјалните медиуми, најактуелни се кратките видеа, ама сепак секоја споделена содржина мора да биде квалитетно дизајнирана и впечатлива, со што ќе го задржи вниманието на публиката, а со тоа ќе се зголеми комуникацијата на бизнисот со клиентот. Текстот мора да биде концизен и конкретен и соодветно да ја следи содржината. Најголем предизвик во нашето работење е креирањето стратегии за различни дејности, односно од креирање маркетинг-стратегија која треба да привлече нови клиенти и каде што краен резултат е продажба на одреден производ/услуга до креирање стратегија чија цел е јакнење на позицијата на одреден бренд на пазарот, односно креирање стратегија каде што треба да се комуницира со различни категории луѓе.



За крај откријте ни неколку тајни како да се постигне успех во промоција на социјалните мрежи и што, според Вас, е добар ПР воопшто?

Автентичноста и постојаноста се тие што го прават еден бренд препознатлив на пазарот. Битни се и постојаноста и користењето „brand quide”, по што вашите клиенти и потенцијалните клиенти ќе ве разликуваат од конкуренцијата, а воедно и ќе ве издвојат од толпата на пазарот по она што го нудите во т.н. виртуелен свет.

Фото: Борче Нечовски

(Комерцијална објава)