Медитеранската исхрана и вежбањето можат да го забават губењето на коскената маса кај постарите жени

Медитеранската исхрана и вежбањето можат да го забават губењето на коскената маса кај постарите жени

Подготвил: Маја Пероска

Лектор: Ивана Кузманоска

Тригодишна интервенција во начинот на живот базирана на медитеранска исхрана со намалени калории, во комбинација со физичка активност, помогнала во намалување на губењето на густината на коскените минерали – нешто што е поврзано со возраста кај постарите жени со метаболички синдром. 

Ова се најновите информации на истражувачите од Универзитетот „Ровира и Вирџили“ и соработниците од конзорциумот „ПРЕДИМЕД-Плус“.

Наодите покажуваат дека постарите жени по оваа интервенција за губење на тежина доживеале заштитни ефекти на лумбалниот 'рбет, во споредба со лицата на кои им е препорачано да одржуваат медитеранска исхрана без рестрикции.

Ниската густина на коскените минерали, главен ризик-фактор за остеопоротични фрактури, претставува растечки предизвик за јавното здравје во услови на зголемена дебелина и стареење на глобалната популација. Иако губењето на тежината е препорачано за справување со состојби поврзани со дебелината, тоа често е придружено со намалување на густината на коскените минерали и вкупната содржина на коскени минерали, особено кај постарите лица.

Претходните студии покажале дека хипокалоричните диети можат да го забрзаат губењето на коскената маса, освен ако не се комбинираат со насочено вежбање. Постои потреба од интервенции кои го поддржуваат губењето на тежината, а воедно го зачувуваат здравјето на скелетните ткива.

Се работи за тригодишно, мултицентрично, рандомизирано клиничко испитување во паралелни групи, спроведено на 23 локации во Шпанија. За оваа анализа, биле избрани 924 возрасни лица на возраст од 55 до 75 години, со метаболички синдром и прекумерна тежина или дебелина, за двојна енергетска рендгенска апсорпциометрија, за процена на коските.

Учесниците биле рандомизирани или во интервентна група, која следела медитеранска исхрана со намалување на енергијата за 30 отсто, зголемена физичка активност и поддршка за однесувањето, или во контролна група, која следела неограничена медитеранска исхрана без физичка активност.

Густината на коскените минерали била измерена на целиот фемур, лумбалниот 'рбет (L1–L4) и феморалниот трохантер, а вкупната содржина на коскени минерали била оценета на почетокот, во првата и во третата година.

Истражувачите ги споредиле резултатите од скенирањето на коските помеѓу групите за да ја утврдат преваленцијата на ниска густина на коските, врз основа на стандардните Т-оценки. Овие резултати ја споредуваат густината на коските на една личност со онаа на здрав млад возрасен, при што пониските вредности укажуваат на остеопенија или остеопороза.

Не е пронајден целокупен ефект на интервенцијата за вкупната содржина на коскени минерали, или преваленцијата на ниска густина на коскени минерали. Статистички значајни придобивки биле забележани во густината на коскените минерали во лумбалниот 'рбет, особено кај жените.

Во вкупната популација, густината на коскените минерали во лумбалниот 'рбет се подобри во текот на три години во интервентната група, во споредба со контролната група.

Анализите на чувствителност кои ги исклучиле учесниците што користеле додатоци на калциум или витамин Д, исто така, покажале значителни подобрувања во лумбалниот 'рбет. Во оваа подгрупа, значително зголемување на вкупната содржина на коскени минерали било забележано кај жените во интервентната група.

Според авторите, резултатите ја поддржуваат употребата на интервенции за слабеење, врз основа на медитеранска исхрана со намалена енергетска вредност и промоција на физичка активност кај постари жени, кои се изложени на ризик од коскени нарушувања.

Извор: medicalxpress.com

Фото: Freepik